Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да ја оставам дрогата?

Како да ја оставам дрогата?

Поглавје 35

Како да ја оставам дрогата?

ДАЛИ си навлечен на дрога? Веројатно знаеш дека таа зависност ти ги уништува умот и телото. Веројатно и си пробал да ја оставиш, но потоа пак си се вратил на дрогата. Ако е така, не очајувај. Други успеале да ја победат зависноста, а можеш и ти! На пример, види што велат три лица со различно потекло за тоа како успеале да ја остават дрогата.

ИМЕ: Марта

КАКО ПОЧНАВ: Мајка ми не била мажена кога ме родила, па така јас и сестра ми израснавме без татко. Кога имав 12 години, почнав да одам по дискотеки со тетка ми, која многу сакаше да танцува. Бев многу друштвена и набрзо се вплеткав со луѓе што имаа лоши навики. Првпат почнав да земам дрога на 13 години. Подоцна почнав да земам и кокаин. Отпрвин, уживав во дрогата. Но, по некое време, почнав да халуцинирам и да се плашам од сѐ. А кога ќе поминеше дејството на дрогата, во умот ми се вртеа мисли за самоубиство. Сакав да ја победам зависноста, но немав доволно силна волја.

КАКО ПРЕСТАНАВ: Почнав да размислувам за Бог, па дури и отидов во црква неколку пати. Но, потоа се чувствував уште поочајно. На 18 години почнав да живеам заедно со мојот дечко и останав бремена. Откако го родив детето, добив поголема желба да го сменам својот живот. По некое време, една моја поранешна пријателка се досели карши нас. Дојде да ме види и ме праша како сум. Ѝ кажав сѐ што ме притискаше. Рече дека станала Јеховин сведок и ме праша дали сакам да ја проучуваме Библијата заедно. Се сложив.

Дознав дека Бог не го одобрува мојот начин на живот и дека морам да ги оставам дрогата и цигарите. Но, дрогата цврсто ме имаше фатено во својот стисок. Неколкупати на ден го преколнував Јехова Бог да ми помогне да ги оставам лошите навики. Сакав да го радувам (Изреки 27:11). По шест месеци откако почнав да ја проучувам Библијата и да се дружам со Јеховините сведоци, успеав да ја оставам дрогата. Сега мојот живот има поголема смисла. Веќе не сум потиштена цело време. Запознав еден многу фин христијанин и се омажив за него. Го воспитувам син ми во склад со библиските начела. Неизмерно сум благодарна што Јехова ги слушна моите молитви и ми помогна!

ИМЕ: Марсио

КАКО ПОЧНАВ: Израснав во едно од предградијата на Санто Андре, густо населен град во државата Сао Паоло во Бразил. На многу рана возраст почнав да пушам, да се дрогирам и да крадам. Неколкумина мои пријатели се занимаваа со крадење коли и продавање дрога. Еден од нив бесплатно им нудеше дрога на младите во нашиот крај. Но, штом ќе успееше да ги навлече на дрога, мораа да купуваат од него.

Полицијата секогаш патролираше низ нашата населба. Повеќепати бев уапсен за ситни прекршоци, а еднаш и под сомнение дека продавам дрога. Многу пати дома ги криев украдените работи и оружјето на бандата.

Луѓето се плашеа од мене. Очите секогаш ми беа закрвавени. Речиси никогаш не се смеев. Всушност, на лицето секогаш имав убиствен изглед. Имав прекар „Туфау“ (Тајфун), зашто каде и да одев, правев проблеми. Освен тоа, многу пиев и живеев неморално. Голем број мои пријатели умреа или завршија зад решетки. Паднав во толкава депресија што врзав јаже за едно дрво и се обидов да се обесам.

КАКО ПРЕСТАНАВ: Го молев Бог да ми помогне. По некое време ги запознав Јеховините сведоци и почнав да ја проучувам Библијата. Дознав дека Бог има име, Јехова, и дека тој се грижи и им помага на оние што со сите сили се трудат да живеат според неговите мерила (Псалм 83:18; 1. Петрово 5:6, 7). Морав да сменам многу работи. Една од најтешките промени беше да научам да се смеам.

Постојано го молев Јехова да ми помага и ги применував советите од Библијата. На пример, престанав да се дружам со поранешните „пријатели“ и да одам во барови. Наместо тоа, одлучив да се дружам со луѓе што живеат според библиските мерила. Борбата беше прилично тешка, но повеќе не сум крадец и хулиган. И, еве, веќе над десет години не сум чепнал дрога.

ИМЕ: Крег

КАКО ПОЧНАВ: Израснав на една фарма во јужна Австралија. Татко ми беше алкохоличар. Се разделија со мајка ми кога имав осум години. Мајка ми се премажи, а јас останав со неа до мојата 17 година. Тогаш научив да стрижам овци и почнав да живеам со групи стрижачи кои патуваа секаде каде што имаше работа. Почнав да користам разни дроги и многу да пијам. Пуштив долга коса. Потоа ја сплетов во плетенки во кои имав ставено и мониста. Станав завидлив и насилен. Имав многу незгоден темперамент. Повеќепати завршив в затвор.

Се преселив во еден мал град во западна Австралија и живеев со мојата девојка која работеше како келнерка во тамошниот хотел. И двајцата пушевме и пиевме, а и самите си одгледувавме марихуана.

КАКО ПРЕСТАНАВ: Еднаш, кога штотуку ја обравме марихуаната, на вратата од нашата стара запуштена куќа тропнаа Јеховините сведоци. Не го прифатив веднаш она што тие ми го кажаа, туку, со текот на времето, самиот се уверив дека она што го пишува во Библијата е вистина. Потоа, еден по еден, успеав да ги совладам сите мои проблеми.

Набрзо ми стана јасно дека ќе морам да прекинам со марихуаната. Што значеше тоа? Вложив многу труд за да ја одгледам, па затоа најпрво решив да му ја дадам на некој друг. Но, сфатив дека тоа не е добро решение и затоа ја уништив. Молитвата многу ми помогна за да ги оставам дрогата и алкохолот. Го молев Бог да ми го дава својот дух за да успеам во битките што ги водев. Престанав и да се дружам со оние што сакаа да ме вратат на моите лоши навики. Кога почнав да ги учам и да ги применувам библиските учења, ја стекнав емоционалната сила што ми беше потребна за да отстранам некои лоши црти од мојот карактер. И мојата девојка ја проучуваше Библијата и го смени својот начин на живот. По некое време се венчавме. Веќе 21 година имаме подобро здравје и имаме две деца. Се стресувам само и да помислам што ќе беше со мене да не ми помогнеше Јехова да го сменам својот живот.

КЛУЧЕН СТИХ

„Јехова е мојата сила и моќ“ (Исаија 12:2)

ПРЕДЛОГ

Ако е можно, избегнувај луѓе, места и работи што имаат некаква врска со времето кога си земал дрога. Истражувањата покажуваат дека желба за дрога може да ти дојде и само ако ги видиш тие луѓе, места и работи.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Злоупотребата на дрога може да ја промени структурата на твојот мозок.

ПЛАН!

Ако ми се случи повторно да земам дрога, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто можеби некој ќе мора да направи драстични промени во својот начин на живот ако сака да ја остави дрогата?

● Како може да му помогне тоа што ќе ја знае вистината за Бог?

[Истакната мисла на страница 253]

„Среќна сум и имам смисла во животот затоа што се трудам да живеам во склад со високите библиски морални мерила“ (Марта)

[Слика на страница 256]

Да оставиш некоја зависност е како да бегаш од куќа што гори — ќе оставиш некои работи зад себе, но ќе си го спасиш животот