Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да најдам радост во духовните активности?

Како да најдам радост во духовните активности?

Поглавје 38

Како да најдам радост во духовните активности?

Даме (16) лежи испружен на креветот. Мајка му стои на вратата. „Станувај, Дамјан“, му вели со строг тон. „Знаеш дека вечерва имаме состанок!“ Даме е дете на Јеховини сведоци, а целото семејство редовно оди на христијанските состаноци. Но, во последно време, на Даме некако не му се оди.

„Уф“, почнува тој, „морам ли да одам?“

„Доста кенкаш, облекувај се“, одговара мајка му. „Не сакам пак да доцниме!“ Потоа се свртува и тргнува да си оди.

„А зошто да одам?“ му излетува на Даме иако мајка му е сѐ уште доволно близу за да го чуе. „Тоа си е твоја вера, не моја.“ Даме знае дека мајка му го чула, зашто за миг нејзините чекори запираат. Потоа, без да му одговори, продолжува да оди.

Совеста почнува да го пецка Даме. Не сакаше да ја повреди мајка му. Но, не сака ни да ѝ се извини. Сега му преостанува само...

Со длабока воздишка, Даме почнува да се облекува и си зборува себеси: „Кога-тогаш ќе морам да пресечам. Не сум како другите што одат на состаноци. Едноставно не сум скроен за да бидам христијанин!“

ДАЛИ некогаш си се почувствувал како Даме? Дали одвреме-навреме имаш чувство дека, за разлика од другите, ти учествуваш во духовните активности само затоа што мораш, а не затоа што сакаш? На пример:

● Дали проучувањето на Библијата за тебе е само уште една домашна задача?

● Дали ти е страв да проповедаш од куќа до куќа?

● Дали состаноците ти се досадни?

Немој да се обесхрабриш ако твојот одговор на некое од овие прашања е потврден. Можеш да научиш да уживаш во духовните активности. Да видиме како.

ПРОБЛЕМ 1 Проучување на Библијата

Зошто не е лесно. Можеби си мислиш дека не си тип кој е по проучувањето. Тешко ти е да седиш мирен и сконцентриран. Освен тоа, и онака веќе имаш многу за учење за на училиште.

Зошто е потребно. Библијата не само што е вдахновена од Бог туку и „сѐ што пишува во [неа] може да ни користи за да се поучиме, да ни помогне да се поправиме и да ни покаже како праведно да живееме“ (2. Тимотеј 3:16, Радосна Вест). Тоа што ќе ја проучуваш Библијата и длабоко ќе размислуваш за она што го читаш, ќе ти отвори нови видици. И, да бидеме реални, за да добиеш нешто вредно, мора вистински да се потрудиш. За да бидеш добар во некој спорт, мора да ги научиш правилата и да тренираш. За да бидеш во форма, мора да вежбаш. Слично на тоа, за да го запознаеш својот Творец, мора да ја проучуваш Божјата Реч.

Што велат други млади. „Кога тргнав во средно, требаше да донесам неколку важни одлуки. Другите правеа разни глупости. Морав да размислам: ‚Дали и јас сакам да го правам истото? Дали религијата за која ме поучуваат родителите е вистинската?‘ Морав самата да проценам“ (Чеѕа).

„Отсекогаш верував дека е вистина она што го учев, но морав и сам да си го докажам тоа. Требаше да му служам на Бог затоа што јас сакам, а не заради моите родители“ (Нелис).

Што можеш да сториш. Направи си свој план за проучување. Самиот избери што ќе проучуваш. Но, со што да почнеш? Би можел детално да ја проучиш Библијата и да ги испиташ твоите верувања со помош на некоја книга, на пример, Што навистина учи Библијата? *

Фати се за работа! Стави ✔ до две-три библиски теми за кои би сакал да дознаеш нешто повеќе или напиши некоја тема по свој избор.

□ Постои ли Бог?

□ Како да бидам сигурен дека оние што ја напишале Библијата биле водени од Бог?

□ Зошто да верувам дека Бог создал сѐ, а не во еволуција?

□ Што е Божјето Царство, и како можам да докажам дека тоа навистина постои?

□ Како можам да го објаснам моето верување за состојбата на мртвите?

□ Зошто треба да бидам сигурен дека ќе има воскресение?

□ Како можам да бидам сигурен која е вистинската религија?

․․․․․

ПРОБЛЕМ 2 Проповедање

Зошто не е лесно. Може да те плаши помислата да зборуваш со другите за Библијата или да сретнеш некој од училиште додека проповедаш.

Зошто е потребно. На своите следбеници, Исус им рекол: „Правете ученици... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Но, тоа не е единствената причина зошто треба да проповедаме. Истражувањата покажуваат дека, на некои места, повеќето тинејџери веруваат во Бог и во Библијата. Сепак, тие немаат вистинска надеж за подобра иднина. Проучувајќи ја Библијата, ти си го дознал токму она што го бараат и што им е потребно на многу твои врсници! Кога им ги кажуваш своите верувања на другите, се чувствуваш подобро, но што е уште поважно, го радуваш Јехова (Изреки 27:11).

Што велат други млади. „Јас и другар ми извежбавме добри уводи, научивме како да одговориме на приговори и како да правиме повторни посети. Службата ми стана поинтересна откако почнав да се трудам повеќе“ (Нелис).

„Една сестра, која е шест години постара од мене, многу ми помага! Таа ме зема во служба, а понекогаш ме носи и на појадок. Ми покажа некои охрабрувачки стихови што ми помогнаа да си го исправам ставот. Благодарение на нејзиниот одличен пример, сега повеќе сакам да им помагам на другите. Никогаш нема да можам да ѝ се оддолжам!“ (Шантеј).

Што можеш да сториш. Со дозвола од родителите, избери некој постар брат или сестра од твоето собрание со кого ќе одиш во служба (Дела 16:1-3). Библијата вели: „Железо со железо се остри. Така човекот го остри лицето на друг човек“ (Изреки 27:17). Можеш да имаш многу корист од богатото искуство на постарите. „Многу ми е полесно кога сум со постари“, вели 19-годишната Алексис.

Фати се за работа! На празното место, напиши го името на некој од собранието што би можел да ти помогне во службата.

․․․․․

ПРОБЛЕМ 3 Одење на состаноци

Зошто не е лесно. Бидејќи цел ден си седел во клупа, може да ти изгледа цела вечност да слушаш библиски говори уште час или два.

Зошто е потребно. Библијата ги поттикнува христијаните: „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци, како што некои имаат обичај, туку да се храбриме еден со друг, толку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евреите 10:24, 25).

Што велат други млади. „Многу е важно да се подготвуваш за состанок. Понекогаш ќе мора едноставно да се натераш да седнеш и да го направиш тоа. Но, кога си подготвен, повеќе уживаш во состаноците бидејќи знаеш за што се зборува, а можеш и да учествуваш“ (Елда).

„Во еден момент сфатив дека, кога коментирам, состаноците ми се многу поинтересни“ (Џесика).

Што можеш да сториш. Одвој време да се подготвиш и, ако можеш, коментирај. Ова ќе ти помогне да се чувствуваш вклучен во состаноците.

Да се послужиме со еден пример: Што ти е поубаво — да гледаш некој спорт на телевизија или и самиот да учествуваш во него? Јасно е дека учесникот ужива многу повеќе отколку гледачот. Пробај и ќе видиш дека истото важи и за состаноците.

Фати се за работа! На празното место напиши кој ден од седмицата можеш да одвоиш само 30 минути за да се подготвиш за еден од состаноците.

․․․․․

Многу млади можат од лично искуство да потврдат колку се точни зборовите од Псалм 34:8, каде што стои: „Вкусете и видете колку е добар Јехова!“ Колку ќе ти вреди ако само слушнеш за некое вкусно јадење? Зар не е подобро да го пробаш? Истото важи и за духовните активности. Вкуси и увери се самиот колку среќен можеш да бидеш ако учествуваш во нив. Библијата вели дека оној што „не е заборавлив слушател, туку извршител на речта, ќе биде среќен што ја врши“ (Јаков 1:25).

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Научи како да си поставуваш — и да остваруваш — цели

[Фуснота]

^ пас. 19 Издадена од Јеховините сведоци.

КЛУЧЕН СТИХ

„Преобразете се така што ќе го обновите својот ум за да утврдите која е Божјата волја — што е добро прифатливо и совршено“ (Римјаните 12:2)

ПРЕДЛОГ

Земи си тетратка и почни да ги запишуваш главните мисли на христијанските состаноци. Така времето ќе ти минува побрзо и ќе учиш полесно!

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Не е погрешно да ги преиспитуваш своите верувања. Всушност, кога истражуваш во врска со некои прашања што ќе ти се појават, тоа е одличен начин да дознаеш дали твоите верувања за Бог се навистина точни (Дела 17:11).

ПЛАН!

Ќе одвојам ․․․․․ минути за читање на Библијата секој ден и ․․․․․ секоја седмица за да се подготвам за состаноците.

За подобро да внимавам на состаноците, ќе ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто духовните активности може да му изгледаат досадни на еден тинејџер?

● На кое од трите подрачја што беа разгледани во ова поглавје би сакал да поработиш?

[Истакната мисла на страница 278]

„Мојата религија повеќе не е само религија на моите родители. Јехова е мој Бог и не сакам со ништо да си го расипам пријателството со него“ (Саманта)

[Рамка/слики на страници 280 и 281]

Тие си поставиле цели

Библијата вели: „Не знаете каков ќе ви биде животот утре“ (Јаков 4:14). Понекогаш, смртта може да го стигне некого многу млад. Додека ги читаш приказните на Катрина и Кајл, забележи како си стекнале добро име кај Јехова Бог за време на нивниот краток живот со тоа што си поставувале духовни цели (Проповедник 7:1).

Катрина починала на 18 години, но кога имала 13, веќе си имала направено „животен план“ — список со цели што сакала да ги оствари. Некои од тие цели биле да почне со полновремена служба, да служи во земја каде што има потреба од повеќе проповедници и да работи заедно со татко ѝ на изградба на сали за состаноци. Таа напишала: „Му го заветував својот живот на Јехова Бог!“ Нејзина цел била „да живее во склад со неговите мерила, на начин со кој ќе го радува“. На нејзиниот погреб, Катрина била опишана како „прекрасна девојка, која сѐ што планирала во животот било поврзано со Јехова“.

Кајл уште од мал бил поучуван да си поставува цели, но животот го загубил во една тешка сообраќајна несреќа кога имал 20 години. Подоцна неговите роднини нашле „книга со цели“ која мајка му му помогнала да ја направи кога имал само четири години. Некои од неговите цели биле да се крсти, да држи говори на состаноците и да служи во седиштето на Јеховините сведоци каде што би бил вклучен во производството на литература која им помага на луѓето да учат за Бог. Разгледувајќи ја книгата со цели на Кајл, направена пред многу години, мајка му рекла: „Ги оствари сите тие цели“.

Какви цели си имаш поставено ти? Не знаеш што ти носи животот утре. Затоа, искористи го максимално секој ден. Како Катрина и Кајл, користи го своето време на најдобар можен начин. Следи го примерот на апостол Павле кој, при крајот на својот живот, можел да рече: „Добро се борев, трката ја истрчав до крај, верата ја зачував“ (2. Тимотеј 4:7). Следното поглавје ќе ти помогне и ти да го постигнеш тоа!

[Слика на страници 274 и 275]

За да бидеш во добра физичка форма, треба да вежбаш. За да бидеш во добра духовна форма, треба да ја проучуваш Божјата Реч