Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 11

Зошто библиските начела се за наше добро?

Зошто библиските начела се за наше добро?

1. Зошто ни е потребно водство во животот?

Зошто библиските начела нѐ поттикнуваат да преземеме мерки на претпазливост? (ПСАЛМ 36:9)

Нашиот Творец е помудар од нас. Тој е наш Татко кој многу нѐ сака и се грижи за нас. Освен тоа, не нѐ создал со намера да бидеме независни од него (Еремија 10:23). Затоа, како што на едно мало дете му се потребни поуките и советите од родителите, така и нам ни се потребни поуките и советите од Бог (Исаија 48:17, 18). Библиските начела ни даваат водство кое е дар од Бог. (Прочитај 2. Тимотеј 3:16.)

Законите и начелата од Јехова ни покажуваат како да водиме подобар живот сега и како можеме да добиеме вечен живот во иднина. Бидејќи Бог е тој што нѐ создал, сосема е на место со ценење да го прифатиме неговото водство. (Прочитај Псалм 19:7, 11; Откровение 4:11.)

2. Што се библиските начела?

Библиските начела се темелни вистини. Од друга страна, законите можат да се однесуваат само на конкретни ситуации (5. Мојсеева 22:8). Мора длабоко да размислуваме за да сфатиме како едно начело треба да се примени во некоја ситуација (Изреки 2:10-12). На пример, Библијата вели дека животот е дар од Бог. Ова начело може да нѐ води додека сме на работа, дома и додека патуваме. Нѐ поттикнува да преземеме мерки на претпазливост. (Прочитај Дела 17:28.)

3. Кои две начела се најважни?

Исус кажал кои две начела се најважни. Првото начело ја открива самата смисла на животот — да го запознаеме Бог, да го сакаме и верно да му служиме. Ова начело треба да го имаме на ум секогаш кога донесуваме одлуки (Изреки 3:6). Оние што го применуваат се зближуваат со Бог, се чувствуваат среќни и ќе добијат вечен живот. (Прочитај Матеј 22:36-38.)

Второто начело ни помага да бидеме во добри односи со другите (1. Коринќаните 13:4-7). Кога го применуваме ова начело, постапуваме со луѓето онака како што постапува Бог со нив. (Прочитај Матеј 7:12; 22:39, 40.)

4. Зошто начелата од Библијата се за наше добро?

Библиските начела им помагаат на членовите на едно семејство да бидат блиски и да се сакаат (Колошаните 3:12-14). Во Божјата Реч има уште едно начело кое ги штити семејствата, а тоа е дека бракот треба да биде трајна врска. (Прочитај 1. Мојсеева 2:24.)

Тоа што живееме според библиските учења е за наше добро и во материјален и во емоционален поглед. На пример, работодавците честопати бараат работници кои се чесни и вредни затоа што се држат за начелата од Библијата (Изреки 10:4, 26; Евреите 13:18). Исто така, Божјата Реч нѐ учи да бидеме задоволни со она што е најнеопходно за живот, и пријателството со Бог да ни биде поважно од материјалните работи. (Прочитај Матеј 6:24, 25, 33; 1. Тимотеј 6:8-10.)

Ако живееме според библиските начела, може да си го зачуваме здравјето (Изреки 14:30; 22:24, 25). На пример, Божјиот закон против пијанството нѐ штити од смртоносни болести и од несреќи (Изреки 23:20). Јехова ни дозволува да пиеме алкохол, но во умерени количини (Псалм 104:15; 1. Коринќаните 6:10). Божјите начела се за наше добро затоа што ни помагаат да внимаваме не само на нашите постапки туку и на нашите мисли (Псалм 119:97-100). Сепак, вистинските христијани не се држат за Божјите мерила само затоа што се за нивно добро. Тоа го прават и за да го слават Јехова. (Прочитај Матеј 5:14-16.)