Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА 6

Храбриот Давид

Храбриот Давид

Што правиш кога ти е страв?— Можеби одиш кај мама и тато. Но, и некој друг може да ти помогне. Тој е најсилен од сите. Знаеш ли кој е тоа?— Тоа е Јехова. Ајде да дознаеме нешто за едно момче од Библијата по име Давид. Давид знаел дека Јехова секогаш ќе му помага. Затоа не се плашел.

Мајка му и татко му уште од бебе го учеле Давид да го сака Јехова. Тоа му помогнало на Давид да не се плаши дури и кога му се случиле некои страшни работи. Тој знаел дека Јехова му е пријател и дека ќе му помага. Еднаш, кога Давид ги пасел овците, дошол еден голем лав и му грабнал една овца! Знаеш ли што направил Давид? Го фатил лавот и го убил! Другпат, мечка ги нападнала овците, но Давид ја убил и неа! Што мислиш, кој му помогнал на Давид?— Секако дека Јехова му помогнал.

Во една друга прилика, Давид покажал уште поголема храброст. Израелците биле во војна со Филистејците. Еден филистејски војник бил многу, многу висок. Вистински џин! Тој се викал Голијат. Овој џин им се смеел на израелските војници и на Јехова. Голијат им рекол на Израелците: ‚Дајте ми човек да се борам со него‘. Но, Израелците се плашеле од Голијат и никој не сакал да се бори со него. Кога Давид чул за тоа, му рекол на Голијат: ‚Јас ќе се борам со тебе! Јехова ќе ми помогне и ќе те победам!‘ Што би рекол, дали Давид бил храбар?— Навистина бил многу храбар. Сакаш да знаеш што се случило потоа?

Давид ја зел својата праќа и пет мазни камења и отишол да се бори со џинот. Кога Голијат видел колку е млад Давид, почнал да му се смее. Но, Давид му рекол: ‚Ти доаѓаш против мене со меч, а јас доаѓам против тебе во името на Јехова!‘ Потоа ставил камен во праќата, се стрчал кон Голијат и го фрлил каменот кон него. Го погодил право в чело! Џинот паднал мртов. Филистејците толку многу се уплашиле што се разбегале. Како можело едно момче како Давид да победи еден џин?— Јехова му помогнал, а Јехова бил многу посилен од тој џин!

Давид не се плашел затоа што знаел дека Јехова ќе му помогне

Што учиш од приказната за Давид?— Нема никој посилен од Јехова, а Јехова ти е пријател. Затоа, следниот пат кога ќе се уплашиш од нешто, не заборавај дека Јехова може да ти помогне да бидеш храбар!

ПРОЧИТАЈ ВО БИБЛИЈАТА: