Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 5

Царот ја расветлува вистината за Царството

Царот ја расветлува вистината за Царството

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Божјите слуги разбрале некои важни вистини за Царството, за неговите владетели и поданици, и за лојалноста која се очекува од нив

1, 2. Во која смисла Исус е сличен на искусен водич?

 ЗАМИСЛИ СИ дека заедно со други туристи разгледуваш еден град кој е полн со прекрасни знаменитости. Вашата група ја предводи еден искусен водич. Бидејќи никогаш порано не сте биле во тој град, го слушате со целосно внимание, не сакајќи да испуштите ни збор од она што ви го кажува. Одвреме-навреме, ти и другите од групата нестрпливо му поставувате прашања во врска со некоја знаменитост која сѐ уште не сте ја виделе. Но, тој не сака да ви каже ништо конкретно сѐ додека не дојде вистинскиот момент — обично токму тогаш кога пред вас ќе се појави глетка од која ви застанува здивот. Како што одминува денот, сѐ повеќе му се восхитуваш на водичот бидејќи секогаш знае да ви ја каже вистинската информација во вистинско време.

2 Јеховините слуги се наоѓаат во слична ситуација. Тие желно сакаат да дознаат што повеќе за највеличествениот град — ,градот со вистински темели‘, односно Божјето Царство (Евр. 11:10). Кога бил на Земјата, Исус, слично на еден искусен водич, им објаснил на своите ученици многу работи за Царството. Но, дали веднаш им одговорил на сите прашања, и дали им кажал сѐ за тоа Царство? Не. Тој им рекол: „Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да носите“ (Јован 16:12). Исус, како водич кој има неспоредлива мудрост, никогаш не ги оптоварувал учениците со работи кои сѐ уште не можеле да ги разберат.

3, 4. а) Како Исус продолжил да ги поучува верните следбеници за Божјето Царство по својата смрт? б) Што ќе разгледаме во ова поглавје?

3 Тој ги кажал зборовите од Јован 16:12 последната ноќ од својот живот на Земјата. Но, како ќе продолжел да ги поучува верните следбеници за Божјето Царство по својата смрт? Исус им го дал следново уверување на апостолите: „Духот на вистината ќе ве упати во сета вистина“ a (Јован 16:13). И светиот дух би можеле да го споредиме со еден стрплив водич. Преку него, Исус им објаснува на своите ученици сѐ што треба да знаат за Божјето Царство и секогаш го прави тоа во вистинско време.

4 Да видиме како Јеховиниот свет дух им помогнал на искрените христијани да стекнат појасна слика за Царството. Прво, ќе разгледаме како разбрале кога Божјето Царство почнало да владее. Потоа ќе видиме како сфатиле кои се неговите владетели и поданици, и каква надеж имаат. На крајот, ќе видиме како Христовите следбеници разбрале што се очекува од оние кои сакаат да му бидат лојални на Царството.

Вистинското значење на една клучна година

5, 6. а) Кои погрешни заклучоци ги донеле Истражувачите на Библијата во врска со воспоставувањето на Царството и со жетвата? б) Дали таквите погрешни заклучоци се доказ дека Исус не ги води своите следбеници? Објасни.

5 Како што видовме во второто поглавје од оваа книга, Истражувачите на Библијата со децении укажувале дека 1914 ќе биде значајна година бидејќи тогаш ќе се исполнат некои библиски пророштва. Меѓутоа, во тоа време верувале дека Христовата присутност започнала во 1874 год., дека тој почнал да владее на небото во 1878 год. и дека Царството целосно ќе завладее дури во октомври 1914 год. Освен тоа, сметале дека времето на жетвата ќе трае од 1874 до 1914 год., и дека ќе заврши кога помазаниците ќе бидат земени на небото. Дали треба да заклучиме дека Исус не ги водел тие верни браќа преку светиот дух затоа што имале вакви погрешни претпоставки? Во никој случај!

6 Да се вратиме на споредбата што беше кажана во почетокот. Дали љубопитните прашања и предвремените заклучоци на туристите треба да нѐ наведат да се посомневаме во водичот? Сигурно не! Верните Божји слуги, слично на љубопитни туристи, понекогаш се обидуваат да разберат некои детали за Јеховината намера пред да дојде време светиот дух да ги упати во тие вистини. Но, без оглед на тоа, очигледно е дека Исус им дава водство, а тие се доволно понизни да признаат дека згрешиле, и спремно ги менуваат своите гледишта (Јак. 4:6).

7. Што разбрал Божјиот народ во 1925 год. благодарение на сѐ поголемата духовна светлина?

7 Во периодот по 1919 год., Божјиот народ бил благословен со уште поголема духовна светлина. (Прочитај Псалм 97:11.) На пример, во Стражарска кула од 1925 год. излегла една значајна статија со наслов „Раѓањето на народот“. Во неа биле изнесени уверливи библиски докази дека месијанското Царство било родено во 1914 год., со што се исполнила пророчката претслика од Откровение поглавје 12, каде што пишува дека Божјата небесна жена раѓа дете. b Во статијата исто така пишувало дека прогонството и неволјите на Божјиот народ во Првата светска војна биле јасен доказ дека Сатана е фрлен од небото и дека е многу гневен „знаејќи дека има кратко време“ (Отк. 12:12).

8, 9. а) Што сфатил Божјиот народ во врска со важноста на Царството? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

8 Колку е важно Божјето Царство? Од 1928 год., во Стражарска кула почнало сѐ повеќе да се нагласува дека Царството е далеку поважно од нашето лично спасение кое ни го овозможува откупнината. Всушност, преку месијанското Царство, Јехова ќе го посвети своето име, ќе докаже дека е Севишен Владетел и ќе ги исполни сите свои намери со луѓето.

9 Но, кој ќе владее во тоа Царство заедно со Исус? Кои ќе бидат негови поданици на Земјата? И на која задача треба ѝ се посветат Христовите следбеници?

Жетвата и собирањето на помазаниците

10. Што разбрале Божјите слуги во врска со групата од 144.000 уште пред 1914 год.?

10 Со децении пред 1914 год., Истражувачите на Библијата разбрале дека 144.000 верни следбеници на Христос ќе владеат заедно со него на небото. c Тие сфатиле дека тоа е дословен број и дека почнал да се пополнува уште во првиот век од н.е.

11. Како идните членови на Христовата невеста постепено разбрале која е нивната задача на Земјата?

11 Но, каква задача требало да извршуваат овие идни членови на Христовата невеста додека сѐ уште биле на Земјата? Тие сфатиле дека Исус го нагласил проповедањето и го споредил со жетва (Мат. 9:37; Јован 4:35). Како што видовме во второто поглавје, некое време сметале дека периодот на жетвата ќе трае 40 години, и дека ќе заврши кога помазаниците ќе бидат земени на небото. Но, бидејќи проповедањето продолжило и откако поминале тие 40 години, било потребно појаснување. Сега знаеме дека времето на жетвата — периодот во кој требало да се одвои пченицата од каколот, односно верните помазани христијани од лажните христијани — почнало во 1914 год. Дошол часот вниманието да се насочи на собирањето на преостанатите помазаници!

Времето на жетвата започнало во 1914 год. (Види во пасус 11)

12, 13. Како споредбите на Исус за десетте девици и за талантите се исполнуваат во последните денови?

12 Од 1919 год. наваму, преку својот верен и разборит роб, Христос продолжил да ја нагласува важноста на проповедањето. Тој им ја дал оваа задача на своите ученици во првиот век (Мат. 28:19, 20). Исус укажал и какви особини ќе им бидат потребни на неговите помазани следбеници за да го извршуваат проповедничкото дело. Во својата споредба за десетте девици, Христос истакнал дека помазаниците ќе мора да бдеат, односно да останат духовно будни и активни. Само така ќе можат да ја постигнат својата крајна цел — да учествуваат во величествената свадбена веселба на небото како дел од Христовата „невеста“, која се состои од 144.000 помазаници. А во својата споредба за талантите, Исус укажал дека неговите помазани слуги трудољубиво ќе ја вршат проповедничката задача која им ја доверил (Мат. 25:1-30).

13 Помазаниците навистина биле и духовно будни и трудољубиви во текот на изминатиот век. Тие сигурно ќе бидат наградени за својот труд! Но, дали во големата жетва требало да бидат собрани само преостанатите совладетели на Христос?

Царот ги собира своите поданици на Земјата

14, 15. Кои четири групи биле спомнати во книгата Тајната е разоткриена?

14 Верните Божји слуги со години се обидувале да разберат кој е претставен со ,големото мноштво‘ спомнато во Откровение 7:9-14. Сепак, пред да дојде времето Христос да открие која е таа голема група, повеќето нивни толкувања многу се разликувале од јасните и едноставни вистини што ги знаеме и многу ги цениме денес.

15 Во 1917 год., во книгата Тајната е разоткриена, пишувало дека „има два степена, односно два вида небесно спасение и два вида земно спасение“. Според тогашното разбирање, кој спаѓал во тие четири различни групи луѓе? Првата група ја сочинувале 144-те илјади, кои ќе владеат со Христос. Втората група била големото мноштво. Во тоа време се сметало дека во него спаѓаат луѓе кои се изјаснуваат како христијани и во одредена мера покажуваат вера, но таа не била доволно силна за да застанат на страна на вистината и да ја напуштат својата црква. Поради тоа ќе добиеле пониски положби на небото. Што се однесува до Земјата, се мислело дека третата група — во која спаѓале „значајните луѓе од минатото“, како што биле Авраам, Мојсеј и други — ќе владее над четвртата група, односно над сите други луѓе.

16. Како Христос фрлил посилна духовна светлина во 1923 и во 1932 год.?

16 Како Христос го користел светиот дух за да ги води своите следбеници до разбирањето кое го имаме денес? Така што постепено фрлал сѐ посилна духовна светлина. На пример, уште во 1923 год., во Стражарска кула било свртено вниманието кон една група луѓе кои не се надевале дека ќе живеат на небото туку на Земјата, како поданици на Христовата влада. Во 1932 год., во Стражарска кула излегла статија за Јонадав, кој му се придружил на помазаниот израелски цар Јуј за да му помогне да го искорени обожавањето на лажните богови (2. Цар. 10:15-17). Во оваа статија пишувало дека во поново време има една група луѓе кои се слични на Јонадав, и кои Јехова ќе ги „сочува во Армагедон“ за да живеат на Земјата.

17. а) Како духовната светлина повторно блеснала во 1935 год.? б) Како влијаело новото разбирање за големото мноштво врз верните христијани? (Види ја рамката „ Големо олеснување“.)

17 Во 1935 год., духовната светлина повторно блеснала. На еден конгрес во Вашингтон (Д.К.), било објаснето дека големото мноштво го сочинуваат луѓе кои ќе живеат на Земјата и дека тоа, всушност, е истата група која е претставена со „овците“ од Исусовата споредба за овците и јарците (Мат. 25:33-40). Било истакнато дека големото мноштво е дел од ,другите овци‘, за кои Исус рекол: „И нив мора да ги доведам“ (Јован 10:16). Кога говорникот, брат Ратерфорд, рекол: „Ве молам, станете сите вие што се надевате дека ќе живеете вечно на Земјата“, станале повеќе од половина од присутните! „Гледајте!“, извикал тој. „Големото мноштво!“ Многумина почувствувале големо олеснување бидејќи најпосле сфатиле каква надеж им дал Бог за иднината.

18. На што се посветиле Христовите следбеници од 1935 год. наваму, и што постигнале?

18 Оттогаш, Христос им помага на своите следбеници целосно да се посветат на собирањето на идните членови на ова големо мноштво кое ќе ја преживее големата неволја. Во почетокот изгледало дека нема да бидат собрани многу луѓе. Во една прилика, брат Ратерфорд дури рекол: „Се чини дека ,големото мноштво‘ и нема да биде толку големо“. Се разбира, денес јасно гледаме колку многу Јехова ја благословил жетвата оттогаш наваму! Под водство на Исус и на светиот дух, помазаниците и нивните придружници од ,другите овци‘ служат рамо до рамо како „едно стадо со еден пастир“, токму како што прорекол Исус.

Брат Ратерфорд не можел ни да замисли колку бројно ќе биде големото мноштво; од лево на десно: Натан Нор, Џозеф Ратерфорд и Хајден Ковингтон

19. Како може да придонесеме големото мноштво и понатаму да расте?

19 Најголемиот дел од Јеховините верни слуги ќе живеат засекогаш во рајот на Земјата, под власта на Христос и неговите 144.000 совладетели. Зарем не се радуваме што Исус му помогнал на Божјиот народ да го разбере ова јасно библиско учење? За нас е огромна чест што можеме да ја споделуваме со другите луѓе таа прекрасна надеж за иднината! Затоа, во склад со нашите околности, да го дадеме својот дел за да може големото мноштво и понатаму незапирливо да расте, и уште погласно да го фали Јеховиното име! (Прочитај Лука 10:2.)

Големото мноштво станува сѐ побројно

Што значи да се биде лојален на Царството

20. Од кои делови се состои Сатановата организација, и на што треба да внимаваат христијаните?

20 Додека Божјиот народ стекнувал сѐ појасна слика за Царството, морал во потполност да сфати и што значи да ѝ се биде лојален на таа небесна влада. Во врска со ова, во една Стражарска кула од 1922 год. пишувало дека постојат две организации — едната е на Јехова, а другата на Сатана. Сатановата организација на Земјата се состои од три дела: трговски, религиозен и политички. Оние што му се лојални на Божјето Царство мора да внимаваат да не се извалкаат од кој и да било дел на Сатановата организација, бидејќи со тоа би му биле неверни на својот Владетел (2. Кор. 6:17). Што значи ова?

21. а) Како верниот роб постојано го предупредувал Божјиот народ да се чува од расипаноста на трговскиот свет? б) Што пишувало за „Големиот Вавилон“ во една Стражарска кула од 1963 год.?

21 Преку духовната храна, верниот роб постојано ја разоткривал расипаноста на трговскиот свет и ги предупредувал Божјите слуги на опасноста од материјализмот (Мат. 6:24). Исто така, нашите публикации секогаш одново им помагале на читателите да го видат вистинското лице на религиозниот дел на Сатановата организација. На пример, во една Стражарска кула од 1963 год. било јасно кажано дека „Големиот Вавилон“ не ги претставува само црквите на христијанскиот свет туку и целокупното светско царство на лажната религија. Како што ќе видиме во десеттото поглавје од оваа книга, тоа им помогнало на Божјите слуги во сите земји и култури да сфатат дека треба да ,излезат‘ од лажната религија, односно да ги отфрлат сите нечисти, небиблиски обичаи (Отк. 18:2, 4).

22. Како многу Божји слуги го разбирале стихот од Римјаните 13:1 во текот на Првата светска војна?

22 А што може да се каже за политичкиот дел на Сатановиот свет? Дали вистинските христијани смеат да учествуваат во војните и судирите меѓу народите? Во текот на Првата светска војна, на Истражувачите на Библијата им било јасно дека Христовите следбеници не смеат да убиваат (Мат. 26:52). Сепак, на темел на Римјаните 13:1, мнозина мислеле дека, за да им бидат подложни на властите, биле должни да одат во војска, да носат униформа, па дури и оружје. Меѓутоа, сметале дека не треба да пукаат во непријателите, туку во воздух.

23, 24. Како Христовите следбеници го разбирале стихот од Римјаните 13:1 во текот на Втората светска војна, и како подоцна точно го разбрале тој стих со помош на светиот дух?

23 Во 1939 год., кога избувнала Втората светска војна, во една статија од Стражарска кула било детално обработено прашањето за неутралноста. Во неа било објаснето дека вистинските христијани не смеат да имаат никаков удел во војните и судирите меѓу народите во Сатановиот свет. Оваа статија излегла токму во вистинско време! Благодарение на тоа, Христовите следбеници успеале да ја избегнат огромната вина за крв која си ја навлекле народите што учествувале во таа војна. Но, требало да се појасни уште нешто. Имено, од 1929 год. во нашите публикации пишувало дека властите кои се спомнати во Римјаните 13:1 не се световните владетели, туку Јехова и Исус. Како браќата стекнале поточно разбирање на овој дел од посланието до Римјаните?

24 Светиот дух им помогнал на Христовите следбеници подобро да ги разберат работите. Во 1962 год., во Стражарска кула од 15 ноември и од 1 декември излегле статии во кои било објаснето значењето на стиховите од Римјаните 13:1-7. Најпосле Божјиот народ јасно го разбрал начелото за делумна подложност кон световните власти, на кое укажал Исус во својата позната изјава: „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог!“ (Лука 20:25). Денес вистинските христијани сфаќаат дека властите спомнати во овие стихови се човечките влади на кои тие треба да им бидат подложни. Но, таквата подложност има граници — таа не е апсолутна. Кога световните власти бараат од нас нешто што е спротивно на Јеховините закони, ние заземаме ист став како апостолите во првиот век, кои рекле: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29). Во 14. поглавје од оваа книга, ќе видиме како Божјите слуги смело ја бранеле својата христијанска неутралност.

Огромна чест е да ја споделуваме со другите библиската надеж за вечен живот!

25. Зошто си благодарен што светиот дух ни помага да разбереме многу работи за Божјето Царство?

25 Размисли за сето она што Христовите следбеници го научиле за Царството во текот на минатиот век. Тие разбрале кога Божјето Царство било воспоставено на небото и сфатиле колку е важно тоа Царство. Стекнале јасна слика за тоа каква награда ги очекува оние што ќе му останат верни на Јехова — вечен живот на небото или на Земјата. Освен тоа, сфатиле како можат да му останат лојални на Божјето Царство додека делумно им се подложуваат на световните власти. Прашај се: ,Дали јас би ги знаел овие скапоцени вистини ако Исус Христос не му помогнал на својот верен роб на Земјата да ги разбере, а потоа и да нѐ поучи за нив?‘ Колку сме среќни што Христос ни го дава потребното водство преку светиот дух!

a Според еден прирачник, грчкиот збор кој во овој стих е преведен со „упатува“ дословно значи „го покажува патот“.

b Дотогаш се мислело дека ова видение се однесува на војна меѓу паганските религии на Римското Царство и Римокатоличката црква.

c Во јуни 1880 год., во Стражарска кула пишувало дека оваа група од 144.000 би можеле да ја сочинуваат родени Евреи кои ќе станат вистински христијани до 1914 год. Но, нешто подоцна истата година излегло објаснување кое повеќе одговара на нашето денешно разбирање.