Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 7

Методи на проповедање — добрата вест се шири во невидени размери

Методи на проповедање — добрата вест се шири во невидени размери

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Божјиот народ користи разни методи за да им проповеда на што е можно повеќе луѓе

1, 2. а) Што направил Исус во една прилика за да можат да го чујат поголем број луѓе? б) Како верните ученици на Христос го следеле неговиот пример, и зошто?

 ВО ЕДНА прилика, Исус проповедал покрај брегот на едно езеро. Кога видел дека околу него се насобрало мноштво народ, влегол во еден чамец и малку се оддалечил од брегот. Зошто? Тој знаел дека звукот подобро се одбива од површината на водата, и дека насобраниот народ ќе може појасно да го слуша неговиот глас и да го разбере она што им го кажува. (Прочитај Марко 4:1, 2.)

2 Во децениите пред и по раѓањето на Божјето Царство, верните ученици на Христос го следеле неговиот пример изнаоѓајќи нови методи за да ја пренесат добрата вест насекаде. Под водство на Царот, Божјите слуги и понатаму се трудат да бидат во чекор со времето така што се приспособуваат на новите околности и ја користат современата технологија. Нашата цел е колку што е можно повеќе луѓе да ја чујат библиската порака пред да дојде крајот (Мат. 24:14). Да разгледаме само некои од методите кои ги користевме за да им сведочиме на луѓето, сеедно каде живеат. Освен тоа, да размислуваме како може да се угледаме на верата на браќата кои ја ширеле добрата вест во самите почетоци.

Вистината стигнува до многу луѓе

3. Што ги разлутило непријателите на вистината?

3 Весници: Брат Расел и неговите соработници ја издавале Стражарска кула од 1879 год., и на тој начин пораката за Царството допрела до многу луѓе. Но, по сѐ изгледа, во деценијата пред 1914 год. Христос се погрижил добрата вест да стигне до уште поголем број луѓе. Во 1903 год., д-р Ефраим Итон, претставник на едно здружение на протестантски свештеници од Пенсилванија, го поканил брат Расел на неколкудневна јавна дебата за некои библиски учења. Во едно писмо до Расел, Итон напишал: „Веќе некое време размислувам да одржиме дебата за одредени прашања околу кои ние двајцата не се сложуваме. Верувам дека тоа ќе го привлече вниманието на јавноста“. Расел и неговите соработници исто така сметале дека јавноста ќе биде заинтересирана, па затоа решиле да ги објават тие дебати во еден угледен весник од тоа време (The Pittsburgh Gazette). Овие статии наишле на толку добар прием кај читателите, а Расел толку јасно и уверливо ги образложувал библиските вистини што редакцијата се понудила да објавува негови проповеди секоја седмица. Ова сигурно ги разбеснило непријателите на вистината!

До 1914 год., проповедите на Расел излегувале во повеќе од 2.000 весници

4, 5. Која особина ја покажал Расел, и како оние што имаат одговорни положби можат да го следат неговиот пример?

4 Наскоро и други весници покажале интерес за проповедите на Расел. Во 1908 год., во Стражарска кула пишувало дека овие проповеди „редовно излегуваат во единаесет весници“. Но, браќата што биле упатени во издавачката дејност го советувале Расел да го премести седиштето на Истражувачите на Библијата од Питсбург во некој поголем град бидејќи така ќе можеле да излегуваат библиски статии во уште повеќе весници. Откако добро размислил за тој совет и за некои други фактори, Расел ги преместил канцелариите во Бруклин (Њујорк) во 1909 год. Каков бил резултатот? Само неколку месеци подоцна, неговите проповеди излегувале во 400 весници, и таа бројка постојано растела. Во 1914 год., кога Царството било воспоставено, проповедите и статиите на Расел се печателе на четири јазици во повеќе од 2.000 весници!

5 Која важна поука може да се извлече од ова? Мудро е оние што имаат одговорни положби во Божјата организација да бидат понизни како брат Расел. Како можат да го следат неговиот пример? Така што ќе ги земат предвид советите и предлозите на другите кога донесуваат важни одлуки. (Прочитај Изреки 15:22.)

6. Како библиските статии објавени во весниците влијаеле врз една жена?

6 Вистините за Царството кои биле објавени во статиите во тие весници ги промениле животите на многу луѓе (Евр. 4:12). На пример, Ора Хецел, која се крстила во 1917 год., е една од многуте што ја дознале вистината благодарение на тие статии. Таа вели: „Откако се омажив, отидов на гости кај мајка ми во Рочестер (Минесота). Кога стигнав таму, видов како сече статии од некој весник. Тоа беа проповедите на Расел. Таа ми раскажа што сѐ научила од нив“. Ора ја прифатила вистината, и околу шест децении верно проповедала за Божјето Царство.

7. Зошто одговорните браќа одлучиле повеќе да не објавуваат проповеди во весниците?

7 Во 1916 год., одговорните браќа одлучиле повеќе да не ја шират добрата вест преку весниците, и тоа главно од две причини. Прво, бидејќи во тоа време беснеела Првата светска војна, било многу тешко да се набават материјали за печатење. Во извештајот на Одделот за соработка со весниците кој во 1916 год. го испратила британската подружница стоело: „Моментално проповедите се објавуваат само во нешто повеќе од 30 весници. Но, голема е веројатноста дека оваа бројка наскоро драстично ќе се намали бидејќи цените на хартијата вртоглаво растат“. Втората причина била смртта на брат Расел на 31 октомври 1916 год. Истата година, во Стражарска кула од 15 декември, пишувало: „Бидејќи брат Расел веќе не е меѓу нас, ќе престанат да се печатат проповеди [во весниците]“. Иако повеќе не се користел овој начин на проповедање, некои други методи и понатаму имале голем успех. Една од нив била „Фотодрамата за создавањето“.

8. Што сѐ било вклучено во подготовката на „Фотодрамата за создавањето“?

8 Филм и дијапозитиви. Расел и неговите соработници работеле околу три години на „Фотодрамата за создавањето“, која почнала да се прикажува во 1914 год. (Изр. 21:5). Таа се состоела од филмски снимки, звучни записи и дијапозитиви во боја. Стотици луѓе биле вклучени во снимањето на библиските настани, а во некои сцени се појавувале дури и животни. Во еден извештај од 1913 год. пишувало: „За да се сними делот со Ноевата арка, беа употребени многу животни од една голема зоолошка градина“. Уметници од Лондон, Њујорк, Париз и Филаделфија рачно ги насликале стотиците стаклени дијапозитиви кои се користеле во оваа драма.

9. Зошто биле вложени толку многу време и пари за да се направи „Фотодрамата“?

9 Зошто биле вложени толку многу време и пари за да се направи „Фотодрамата“? Во една резолуција која била усвоена на конгресите во 1913 год. стоело: „Увидовме дека весниците во Америка вршат силно влијание врз јавното мислење со помош на карикатури и илустрации... Освен тоа, расте и популарноста на филмот, кој има широка примена. Јасно е дека овие средства ја докажаа својата вредност. Затоа сметаме дека е потполно оправдано да ги користиме филмот и дијапозитивите како една делотворна и корисна метода за ширење на добрата вест и за поучување на луѓето“.

Горе: проектирање на „Фотодрамата“; долу: стаклени дијапозитиви од „Фотодрамата“

10. На кои сѐ места била прикажана „Фотодрамата“?

10 Во текот на 1914 год., „Фотодрамата“ се прикажувала секој ден, понекогаш дури и во 80 градови истовремено. Во САД и во Канада ја гледале речиси осум милиони луѓе. Истата година, „Фотодрамата“ била прикажана и во Австралија, Британија, Германија, Данска, Нов Зеланд, Норвешка, Финска, Швајцарија и Шведска. Била изработена и поедноставна верзија која не ги содржела филмските сцени. Оваа драма била наречена „Еурека“ и се прикажувала во помали места. Нејзината изработка била поевтина и таа била полесна за транспорт. До 1916 год., „Фотодрамата“ или драмата „Еурека“ биле преведени на германски, грчки, данско-норвешки, ерменски, италијански, полски, француски, шведски и шпански.

Во текот на 1914 год., „Фотодрамата“ се прикажувала во преполни сали

11, 12. Како влијаела „Фотодрамата“ врз еден младич, и каков пример ни дал тој?

11 „Фотодрамата“ извршила силно влијание врз еден 18-годишен младич по име Шарл Ронер, кој рекол: „Таа беше прикажана во мојот роден град, Колмар (Алзас, Франција). Уште од самиот почеток ме восхити тоа што библиската вистина беше изнесена на толку јасен начин“.

12 Шарл ја прифатил вистината и се крстил, а во 1922 год. започнал со полновремена служба. Едно од првите задолженија што ги имал било поврзано со прикажувањето на „Фотодрамата“ во Франција. Тој вели: „Имав неколку задачи — да свирам на виолина, и да бидам благајник и слуга за литература. Исто така, бев задолжен да ја стишам публиката пред да почне програмата. Во текот на паузата, им делевме библиска литература на присутните. На браќата и сестрите им доделувавме по еден сектор од салата. Секој од нив држеше различни публикации во рацете и им ги нудеше на присутните. Освен тоа, и на влезот од салата имавме штандови полни со литература“. Во 1925 год., Шарл бил поканет да служи во Бетелот во Бруклин (Њујорк). Таму добил задача да биде диригент на оркестарот во новата радиостаница WBBR. Неговиот пример нѐ поттикнува да се прашаме: ,Дали и јас сум спремен да ја прифатам која и да било задача за да помогнам да се шири добрата вест за Царството?‘ (Прочитај Исаија 6:8.)

13, 14. Како се користело радиото за да се шири добрата вест? (Види ги и рамките „ Емисии на WBBR“ и „ Незаборавен конгрес“.)

13 Радио. Во 1920-тите, „Фотодрамата“ се прикажувала сѐ поретко. Но, се појавило радиото како ново делотворно средство за ширење на добрата вест за Царството. На 16 април 1922 год., имало историски директен радиопренос на еден говор кој брат Ратерфорд го одржал во оперската куќа „Метрополитен“ во Филаделфија (Пенсилванија). Овој говор со наслов „Милиони што живеат сега нема никогаш да умрат“ го слушале околу 50.000 луѓе. Потоа, во 1923 год., првпат бил емитуван и дел од конгресната програма. Дотогаш браќата ги користеле услугите на комерцијални радиостаници, но со текот на времето заклучиле дека би било добро да имаат и своја радиостаница. Таа била изградена на Стејтен Ајленд (Њујорк), и била наречена WBBR. Првата програма била емитувана на 24 февруари 1924 год.

Во 1922 год., околу 50.000 луѓе го слушале на радио говорот „Милиони што живеат сега нема никогаш да умрат“

14 Во Стражарска кула од 1 декември 1924 год. била објаснета целта на оваа нова радиостаница: „Сметаме дека радиото е најекономичниот и најефикасниот начин за ширење на добрата вест кој бил користен досега“. Во продолжение стоело: „Ако Господарот смета дека треба да изградиме и други радиостаници за да се шири вистината, тој ќе обезбеди средства на свој начин“ (Пс. 127:1). До 1926 год., Јеховиниот народ поседувал шест радиостаници. Две од нив биле изградени во САД — WBBR во Њујорк и WORD во близина на Чикаго. Другите четири биле во Канада — во Алберта, Британска Колумбија, Онтарио и Саскачивен.

15, 16. а) Како реагирало свештенството во Канада на нашите радиоемисии? б) Како предавањата што се емитувале на радио и службата од куќа до куќа меѓусебно се надополнувале?

15 На ваков начин, библиската вистина допрела до ушите на многу луѓе. Ова не останало незабележано од страна на свештенството. Алберт Хофман, кој бил добро запознат со работата на радиостаницата во Саскачивен (Канада), рекол: „Благодарение на радиото, многу луѓе дознаа за Истражувачите на Библијата и беше дадено огромно сведоштво. Но, во 1928 год., под притисок на свештенството, канадските власти им ги одзедоа дозволите на сите радиостаници на Истражувачите на Библијата“.

16 Иако нашите радиостаници во Канада биле затворени, комерцијалните станици и понатаму продолжиле да емитуваат библиски предавања (Мат. 10:23). За да се зголеми слушаноста на тие библиски емисии, во Стражарска кула и Златен век (сега Разбудете се!) излегувал список на комерцијалните радиостаници кои ги емитувале. Така објавителите можеле да ги поттикнат луѓето што ги среќавале во службата да ги слушаат предавањата на локалното радио. Што се постигнало со тоа? Во Билтенот од јануари 1931 год. стоело: „Радиоемисиите им беа од голема помош на браќата додека сведочеа од куќа до куќа. Постојано пристигнуваат извештаи во кои пишува дека многу луѓе биле поспремни да ги земат нашите книги бидејќи пред тоа ги слушале предавањата на брат Ратерфорд на радио“. Во Билтенот пишувало дека радиоемисиите и службата од куќа до куќа се „две особено важни методи на проповедање кои ги користи Божјата организација“.

17, 18. Како радиото и понатаму играло улога во ширењето на добрата вест, и покрај изменетите околности?

17 Во 1930-тите, противниците вршеле сѐ поголем притисок врз комерцијалните радиостаници да престанат да ги емитуваат нашите емисии. Затоа Јеховините слуги се приспособиле на новите околности. При крајот на 1937 год., браќата ја прекинале соработката со тие радиостаници, и уште повеќе се посветиле на службата од куќа до куќа. a Сепак, радиото продолжило и понатаму да игра важна улога во ширењето на библиската порака во некои зафрлени делови на светот и во земји каде што било тешко да се проповеда. На пример, од 1951 до 1991 год., една радиостаница во Западен Берлин редовно емитувала библиски говори за да можат жителите на тогашна Источна Германија да ја чујат пораката за Царството. Од 1961 год., една државна радиостаница во Суринам (Јужна Америка) секоја седмица емитувала 15-минутна библиска програма, и ова траело повеќе од три децении. Од 1969 до 1977 год., нашата организација снимила повеќе од 350 продолженија на радиоемисијата со наслов „Целото Писмо е корисно“. Таа емисија била пренесувана од 291 радиостаница во 48 сојузни држави во САД. Во 1996 год., една радиостаница во Апија, главниот град на Самоа (островска држава во Тихиот Океан), секоја седмица емитувала програма со наслов „Библиски одговор на вашите прашања“.

18 До крајот на 20 век, радиото ја изгуби важната улога што ја имаше во ширењето на добрата вест. Но, со напредокот на технологијата се појави еден нов начин на комуникација кој ни овозможува пристап до неспоредливо поголем број луѓе.

19, 20. Зошто Јеховината организација има своја интернет-страница, jw.org, и колку е делотворна? (Види ја и рамката „ JW.ORG“.)

19 Интернет. Според податоците од 2013 год., повеќе од 2,7 милијарди луѓе — речиси 40 отсто од светското население — имаат пристап до Интернет. Според некои проценки, околу 2 милијарди лица користат Интернет на некој преносен уред како, на пример, мобилен телефон или таблет-компјутер. Оваа бројка продолжува да расте низ целиот свет, но најголем пораст на интернет-корисници моментално има во Африка, каде што повеќе од 90 милиони луѓе се претплатени на безжичен Интернет. Ова ново средство за масовна комуникација од корен го смени начинот на кој многу луѓе доаѓаат до информации.

20 Од 1997 год., и Јеховината организација користи своја интернет-страница. Во 2013 год., страницата jw.org беше достапна на околу 300 јазици, и можеа да се преземаат библиски информации на повеќе од 520 јазици. Секој ден се регистрираат околу 750.000 поединечни посети на нашата страница. Освен што гледаат некои од нашите видеоматеријали, посетителите секој месец преземаат над 3 милиони книги, 4 милиони списанија и 22 милиони аудиоснимки.

21. Што научи од искуството наведено во овој пасус?

21 Нашата интернет-страница стана многу делотворен метод преку кој добрата вест за Божјето Царство се шири дури и во земји каде што нашето дело е забрането. На пример, во почетокот на 2013 год., еден човек по име Сина ја отворил нашата страница и се јавил во главното седиште, кое се наоѓа во САД, за да побара повеќе информации за Библијата. Зошто овој повик бил необичен? Затоа што Сина по потекло е муслиман и живее во едно зафрлено село во земја каде што делото на Јеховините сведоци е строго забрането. Биле направени подготовки тој да ја проучува Библијата двапати седмично преку Интернет со еден Сведок од САД.

Поучување на поединци

22, 23. а) Дали различните методи со кои досега ја ширевме добрата вест се замена за службата од врата до врата? б) Како Царот го благословува нашиот труд?

22 Видовме дека досега Божјиот народ користел разни методи за да им сведочи на што е можно повеќе луѓе, како што се весниците, „Фотодрамата“, радиоемисиите и интернет-страницата. Но, целта никогаш не била тие методи да ја заменат службата од куќа до куќа. Зошто? Затоа што Јеховиниот народ постапува по примерот на Исус. Тој не им проповедал само на мноштва, туку им посветувал внимание и на поединци (Лука 19:1-5). Исус ги поучил и своите следбеници да го прават тоа, и им кажал каква порака да пренесуваат. (Прочитај Лука 10:1, 8-11.) Како што беше објаснето во шестото поглавје, одговорните браќа секогаш ги поттикнувале Јеховините слуги лично да им сведочат на луѓето (Дела 5:42; 20:20).

23 Денес, сто години по раѓањето на Царството, речиси осум милиони објавители ги поучуваат другите за Божјите намери. Без сомнение, Царот ги благословува методите што ги користиме за да го објавуваме Божјето Царство. Како што ќе видиме во следното поглавје, тој ни дава и различни средства за да ја пренесуваме добрата вест на секој народ, племе и јазик (Отк. 14:6).

a Во 1957 год., одговорните браќа одлучиле да ја затворат нашата последна радиостаница, WBBR, која се наоѓала во Њујорк.