Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 8

Библиска литература — публикации за луѓето во целиот свет

Библиска литература — публикации за луѓето во целиот свет

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Јехова ни го обезбедува сето она што ни е потребно за да ги поучуваме луѓето од секој народ, племе и јазик

1, 2. а) Како добрата вест се раширила низ целото Римско Царство во првиот век? б) Што докажува дека Јехова е со нас денес? (Види ја и рамката „ Добрата вест на повеќе од 670 јазици“.)

 ЛУЃЕТО кои од сите страни пристигнале во Ерусалим не можеле да си поверуваат на ушите! Галилејци зборувале течно на нивните јазици и пренесувале порака што им го пленила вниманието. Ова се случило на празникот Педесетница во 33 год. од н.е., кога Христовите ученици со чудо добиле еден посебен дар — да зборуваат на разни јазици. Тој дар бил доказ дека Бог навистина ги поддржува и ги благословува. (Прочитај Дела 2:1-8, 12, 15-17.) Добрата вест што ја проповедале тој ден ја чуле многу луѓе кои дошле од различни места и кои подоцна ја рашириле низ целото Римско Царство (Кол. 1:23).

2 Божјите слуги во нашево време не можат со чудо да зборуваат на други јазици. Но, тие ја преведуваат пораката за Царството на повеќе од 670 јазици и на тој начин им ја пренесуваат добрата вест на многу повеќе луѓе отколку во првиот век (Дела 2:9-11). Всушност, Божјиот народ издава толку многу публикации на толку многу јазици што пораката за Царството успеала да стигне до секое катче на нашата планета! a Ова е јасен доказ дека Јехова, преку нашиот Цар Исус Христос, и денес го води проповедничкото дело (Мат. 28:19, 20). Додека разгледуваме што сѐ користеле Јеховините слуги за да проповедаат во последниве 100 години, да обрнеме внимание како Царот постепено ги обучувал да покажуваат личен интерес за луѓето и да ги поучуваат за Божјата Реч (2. Тим. 2:2).

Царот ги опремува своите слуги да го сеат семето на вистината

3. Зошто користиме различни средства за проповедање?

3 Исус ја споредил „речта за царството“ со семе, а срцето на луѓето со земја (Мат. 13:18, 19). Исто како што еден градинар користи разни алатки за да ја подготви земјата пред да го посади семето, така и Јеховиниот народ се служи со различни средства за да ги подготви срцата на милиони луѓе да ја прифатат пораката за Царството. Некои од нив се употребувале одредено време. Но, други, како што се книгите и списанијата, и денес играат важна улога. За разлика од повеќето методи кои беа спомнати во претходното поглавје, литературата и методите кои сега ќе ги разгледаме им помогнале на објавителите да разговараат лично со луѓето (Дела 5:42; 17:2, 3).

Изработка на грамофони и опрема за озвучување во Торонто (Канада)

4, 5. Како браќата проповедале со грамофони, но што не можеле да постигнат со таа метода?

4 Снимки од кратки говори. Во 1930-тите и во 1940-тите, објавителите користеле снимки од кратки библиски говори кои им ги пуштале на луѓето на преносливи грамофони. Тие говори траеле нешто помалку од пет минути, и понекогаш имале краток наслов како, на пример, „Тројство“, „Чистилиште“ и „Царство“. Како се користеле? Брат Клејтон Вудворт помладиот, кој се крстил во 1930 год. во САД, раскажал: „Со себе носев куферче со грамофон. Тој имаше механизам за навивање и рачка со грамофонска игла која требаше да се прицврсти пред секое користење. Морав прецизно да ја наместам иглата на работ на плочата за да може снимката јасно да се слуша. Кога ќе дојдев пред куќата, го отворав куферчето, ја прицврстував грамофонската рачка, и потоа ѕвонев на вратата. Откако станарот ќе отвореше, обично велев: ,Би сакал да слушнете една многу важна порака‘“. Каква била реакцијата на луѓето? Брат Вудворт вели: „Повеќето реагираа позитивно. Но, некои едноставно ја затвораа вратата. А имаше и такви кои мислеа дека продавам грамофони“.

До 1940 год., биле снимени над 90 различни кратки говори и биле произведени повеќе од милион грамофонски плочи

5 До 1940 год., биле снимени над 90 различни кратки говори и биле произведени повеќе од милион грамофонски плочи. Џон Бар, кој во тоа време бил пионер во Британија, а подоцна служел како член на Водечкото тело, рекол: „Од 1936 до 1945 год., грамофонот ми беше неразделен другар во службата. Всушност, без него се чувствував изгубено. Кога и да ги пуштев снимките на нечија врата, гласот на брат Ратерфорд многу ме охрабруваше. Имав чувство како да е до мене. Се разбира, службата со грамофон имаше еден недостаток — така не можевме да ги поучуваме луѓето и да им допреме до срцето“.

6, 7. а) Кои биле добрите, а кои слабите страни на службата со картички за сведочење? б) Во која смисла Јехова ,им ставил зборови во устата‘ на своите слуги?

6 Картички за сведочење. Од 1933 год., објавителите биле поттикнати да користат картички за сведочење кога проповедале од врата до врата. Картичката била широка околу 8 сантиметри, а долга околу 13 сантиметри. Таа содржела кратка библиска порака и опис на литературата што станарот можел да ја добие. Објавителот едноставно му ја давал картичката да ја прочита. „Многу ми се допаѓаше ваквото сведочење“, рекла Лилиен Камеруд, која подоцна служела како мисионер во Порторико и во Аргентина. „Секој од нас не можеше да изнесе убава презентација“, рекла таа. „Овој вид служба ми помогна да се навикнам да им пристапувам на луѓето“.

Картичка за сведочење (на италијански)

7 Брат Дејвид Руш, кој бил крстен во 1918 год., раскажал: „Картичките за сведочење им беа од голема помош на браќата затоа што мнозина не знаеја што да кажат на врата“. Но, и овој вид сведочење имал слаби страни. Брат Руш вели: „Понекогаш луѓето мислеа дека сме неми. Во некоја смисла, многумина од нас навистина не умееја да зборуваат. Но, Јехова постепено нѐ подготвуваше послободно да им пристапуваме на луѓето. Наскоро тој, во симболична смисла, ни ги стави своите зборови во устата така што нѐ оспособи да ја користиме Библијата на врата. Ова го направи преку Теократската школа за служба, која почна да се одржува во 1940-тите“. (Прочитај Еремија 1:6-9.)

8. Како можеш да му дозволиш на Христос да те обучува?

8 Книги. Од 1914 год., Јеховиниот народ издал над 100 книги во кои се разгледани различни библиски теми. Некои од нив биле посебно наменети да ги обучат објавителите делотворно да проповедаат. Ана Ларсен од Данска, која е објавител околу 70 години, вели: „Преку Теократската школа за служба и разните прирачници што ги добивме, Јехова ни помогна уште подобро да проповедаме. Се сеќавам дека првата таква публикација беше Теократски курс за проповедање, која излезе во 1943 год. Потоа, во 1946 год., ја добивме книгата Опремени за секое добро дело. А денес го користиме прирачникот Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба, кој беше издаден во 2001 год.“ Всушност, Теократската школа за служба и сите овие прирачници беа главниот начин на кој Јехова нѐ оспособи да сведочиме (2. Кор. 3:5, 6). Дали учествуваш во таа школа? Дали го носиш прирачникот секоја седмица, и дали следиш во него кога надгледникот на школата се осврнува на некоја од лекциите? Ако го правиш тоа, ќе му дозволиш на Христос да те обучи уште подобро да ги поучуваш другите (2. Кор. 9:6; 2. Тим. 2:15).

9, 10. Каква улога имале книгите во садењето и залевањето на семето на вистината?

9 Јехова ни помага и така што преку својата организација ни обезбедува книги со кои објавителите можат полесно да ги објаснат основните библиски учења. Особено голем успех имаше книгата Вистина која води до вечен живот. За првпат беше отпечатена во 1968 год., и веднаш наиде на одличен прием. Во Нашата служба за Царството од ноември истата година пишуваше: „Побарувачката за книгата Вистина е толку голема што во септември во печатницата во Бруклин се воведе ноќна смена“. Понатаму во статијата стоеше: „Во август беа нарачани еден и пол милион примероци повеќе од она што го имавме на залиха!“ До 1982 год., книгата Вистина беше отпечатена на 116 јазици, и тоа во повеќе од 100 милиони примероци! За само 14 години, од 1968 до 1982 год., оваа книга им помогна на преку еден милион луѓе да станат објавители на Царството. b

10 Во 2005 год., излезе уште една извонредна публикација за проучување на Божјата Реч — книгата Што навистина учи Библијата? Досега се отпечатени околу 200 милиони примероци на 256 јазици! Каков беше резултатот? За само седум години, од 2005 до 2012 год., речиси 1,2 милиони луѓе станаа објавители на добрата вест. Во текот на истиот период, бројот на библиски курсеви порасна од околу 6 милиони на повеќе од 8,7 милиони. Без сомнение, Јехова го благословува трудот што го вложуваме додека го садиме и залеваме семето на вистината за Царството. (Прочитај 1. Коринќаните 3:6, 7.)

11, 12. Во склад со наведените стихови, објасни за кого се наменети нашите списанија.

11 Списанија. Во почетокот, Стражарска кула главно била наменета за членовите на ,малото стадо‘, кои имаат ,небесен позив‘ (Лука 12:32; Евр. 3:1). На 1 октомври 1919 год., Јеховината организација почнала да издава уште едно списание, кое било наменето за јавноста. Тоа наишло на толку добар одѕив и кај Истражувачите на Библијата и кај пошироката публика што неговиот тираж со години бил многу поголем од тиражот на Стражарска кула. Ова списание во почетокот се викало Златен век. Во 1937 год., името му било сменето во Утеха, а од 1946 год. наваму се вика Разбудете се!

12 Низ годините, беа направени промени во стилот и изгледот на списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, но нивната цел остана иста — да го објавуваат Божјето Царство и да им помагаат на луѓето да стекнат вера во Библијата. Денес има две изданија на Стражарска кула — за проучување и за јавност. Изданието за проучување е наменето за сите Христови „слуги“, односно и за ,малото стадо‘ и за ,другите овци‘ c (Мат. 24:45; Јован 10:16). Изданието за јавност е особено корисно за оние што сѐ уште не ја знаат вистината, но веруваат во Бог и ја ценат Библијата (Дела 13:16). Разбудете се! првенствено е наменето за оние што не знаат многу за Библијата и за вистинскиот Бог, Јехова (Дела 17:22, 23).

13. Што ти остава најголем впечаток во врска со нашите списанија? (Види ја табелата „ Светски рекорди во издавачката дејност“.)

13 До почетокот на 2014 год., секој месец се печатеа повеќе од 44 милиони примероци на Разбудете се! и околу 46 милиони примероци на Стражарска кула. Разбудете се! се преведуваше на околу 100 јазици, а Стражарска кула на повеќе од 200 јазици. Всушност, тие се најпреведуваните и најраспространетите списанија во светот! Иако овие бројки се впечатливи, воопшто не треба да нѐ изненадат. Тие списанија ја содржат пораката која Исус рекол дека ќе се проповеда по целиот свет (Мат. 24:14).

14. Што правеле ревносно Божјите слуги, и зошто?

14 Библијата. Во 1896 год., брат Расел и неговите соработници го смениле името на законското тело кое го користеле да издаваат литература. Во називот го вклучиле зборот „Библија“, и тоа станало познато како Watch Tower Bible and Tract Society (Библиско и трактатно друштво Стражарска кула). Оваа промена била сосема оправдана бидејќи Библијата отсекогаш била главното средство преку кое се шири добрата вест за Царството (Лука 24:27). Во склад со називот на законското тело, Божјите слуги ревносно раздавале примероци од Библијата и ги поттикнувале луѓето да ја читаат. На пример, во 1926 год., во нашата печатница бил отпечатен The Emphatic Diaglott, превод на Христијанските грчки списи од Бенџамин Вилсон. Почнувајќи од 1942 год., отпечативме и поделивме околу 700.000 примероци од комплетниот превод King James Version. Само две години подоцна, почнавме да го печатиме и преводот American Standard Version, во кој името Јехова се појавува 6.823 пати. До 1950 год., поделивме над 250.000 примероци од оваа Библија.

15, 16. а) Што ти се допаѓа во врска со Преводот Нов свет? (Види ја рамката „ Како се забрзало преведувањето на Библијата“.) б) Како можеш да му дозволиш на Јехова да му „зборува“ на твоето срце?

15 Во 1950 год. бил издаден Превод Нов свет на Христијанските грчки списи. Целото Свето писмо — превод Нов свет излегло во еден том во 1961 год. Овој превод го велича Јехова бидејќи го користи неговото име на сите места каде што тоа се појавува во изворниот хебрејски текст. Божјето име се појавува 237 пати и во главниот текст на христијанските грчки списи од Преводот Нов свет. За да биде уште поточен и поразбирлив, целиот англиски превод беше ревидиран неколку пати. Последната ревизија беше во 2013 год. До таа година, овој превод беше отпечатен — целосно или делови од него — на 121 јазик, и тоа во повеќе од 201 милион примероци. На македонски јазик, Преводот Нов свет на Христијанските грчки списи излезе во 2000 год., а целото Свето писмо — превод Нов свет излезе во 2006 год.

16 Како се чувствувале некои што го читале Преводот Нов свет на својот мајчин јазик? Еден човек од Непал рекол: „За многумина, стариот непалски превод беше тешко разбирлив и застарен. Но, сега можеме многу подобро да ја разбереме Библијата затоа што е напишана на јазикот кој го зборуваме во секојдневниот живот“. Кога почнала да го чита преводот на јазикот санго, една жена од Централноафриканската Република, со солзи во очите рекла: „Ова е јазикот кој му зборува на моето срце“. Сите ние можеме да му дозволиме на Јехова да му „зборува“ на нашето срце ако ја читаме неговата Реч секој ден (Пс. 1:2; Мат. 22:36, 37).

Благодарни за Јеховината помош

17. Како ќе покажеш дека си благодарен за обуката и за публикациите што ги добиваш, и каков благослов ќе имаш поради тоа?

17 Дали си благодарен за постојаната обука и за публикациите што ни ги дава Царот, Исус Христос? Дали си одвојуваш време да ја читаш литературата што ја издава Божјата организација, и дали ја користиш за да им помагаш и на другите? Ако да, сигурно ќе се сложиш со зборовите на сестра Опал Бетлер, која била крстена на 4 октомври 1914 год. Таа рекла: „Низ годините, јас и маж ми [Едвард] проповедавме на различни начини. Во почетокот ги користевме грамофонот и картичките за сведочење, а подоцна проповедавме од куќа до куќа со книги, брошури и списанија. Учествувавме во посебни акции, сведочевме со плакати и раздававме летоци. Подоцна бевме поучени како да правиме повторни посети и како да ја проучуваме Библијата со заинтересираните. Нашиот живот беше среќен и исполнет“. Исус ветил дека неговите поданици ќе имаат полни раце работа — дека изобилно ќе сеат, ќе жнеат и заедно ќе се радуваат. Слично на сестра Опал, милиони лица се увериле во вистинитоста на ова ветување. (Прочитај Јован 4:35, 36.)

18. Каква чест имаме?

18 Можеби мнозина кои сѐ уште не му служат на Царот ги сметаат Божјите слуги за „неуки и обични“ (Дела 4:13). Но, дали е така? Во никој случај! Благодарение на поддршката од својот Цар, овие обични луѓе станале вистински издавачки гигант. Некои од публикациите што ги објавуваат се меѓу најпреведуваните и најтиражните во човечката историја! Што е уште поважно, Христос нѐ поучува и нѐ поттикнува да ги користиме овие публикации за да им ја пренесеме добрата вест на луѓето од сите народи. За нас е огромна чест што можеме да соработуваме со него додека го сееме семето на вистината и им помагаме на луѓето да станат негови ученици!

a Само во последнава деценија, Јеховиниот народ отпечатил повеќе од 20 милијарди библиски публикации. Освен тоа, нашата интернет-страница, jw.org, сега им е достапна на повеќе од 2,7 милијарди луѓе низ целиот свет кои имаат пристап до Интернет.

b Други книги кои се користеа за проучување на Библијата беа Божја харфа (издадена во 1921 год.), „Бог нека се покаже вистинит“ (издадена во 1946 год.), Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата (издадена во 1982 год.) и Спознание кое води до вечен живот (издадена во 1995 год.).

c Види ја статијата „Кој е верниот и разборит роб?“ во Стражарска кула од 15 јули 2013, пасус 13, каде што е дадено појаснето разбирање за тоа кој спаѓа во ,слугите‘.