Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 10

Царот им помага на поданиците да бидат духовно чисти

Царот им помага на поданиците да бидат духовно чисти

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Зошто и како Исус ги пречистил своите следбеници во духовен поглед

1-3. Што направил Исус кога видел дека храмот е осквернет?

 ИСУС многу го почитувал храмот во Ерусалим бидејќи знаел што претставува тој. Ова долговековно здание било средиште на вистинската религија во кое му се оддавало слава на неговиот Татко. Но, обожавањето на светиот Бог, Јехова, мора да биде чисто и неизвалкано. Тогаш, замисли си како се чувствувал Исус кога, на 10 нисан, 33 год. од н.е., влегол во храмот и видел дека е осквернет! Што се случувало? (Прочитај Матеј 21:12, 13.)

2 Во дворот на не-Евреите, алчните трговци и менувачи на пари го искористувале народот кој доаѓал да му принесе жртви на Јехова. a Кога го видел тоа, Исус ,ги истерал сите што продавале и купувале во храмот, и им ги испревртел масите на менувачите на пари‘. (Спореди со Неемија 13:7-9.) Тој отворено ги осудил тие себични луѓе затоа што го претвориле домот на неговиот Татко во „разбојничка пештера“. Со тоа покажал колку го почитува храмот и она што тој го претставувал. Обожавањето на неговиот Татко морало да биде чисто и неизвалкано!

3 Со векови подоцна, откако бил устоличен како месијански Цар, Исус очистил еден друг храм во кој денес служат сите оние кои сакаат да го обожаваат Јехова на прифатлив начин. За кој храм станува збор?

Ги очистува „синовите на Леви“

4, 5. а) Како помазаните следбеници на Исус биле пречистени во периодот од 1914 до почетокот на 1919 год.? б) Дали пречистувањето на Божјиот народ завршило со тоа? Објасни.

4 Како што видовме во второто поглавје од оваа книга, откако станал Цар во 1914 год., Исус дошол заедно со својот Татко во духовниот храм. Неговата цел била да провери дали сите што тврделе дека се Божји слуги го обожаваат неговиот Татко на чист и прифатлив начин. b По таа проверка, Царот увидел дека на помазаните христијани, односно „синовите на Леви“, им е потребно пречистување (Мал. 3:1-3). Од 1914 до почетокот на 1919 год., ,оној што пречистува‘, Јехова, дозволил неговите слуги да претрпат различни неволји и искушенија. Тие огнени испити ги пречистиле помазаниците, кои потоа биле спремни да му дадат целосна поддршка на месијанскиот Цар!

5 Дали со тоа завршило пречистувањето на Божјиот народ? Не. Во текот на последните денови, Јехова и понатаму го користи месијанскиот Цар за да им помага на своите слуги да бидат чисти и да останат во духовниот храм. Во следните две поглавја, ќе видиме како им помогнал да ги направат потребните промени во морален и во организациски поглед. Но, најпрво ќе разгледаме како се одвивало духовното пречистување. Некои чекори што Исус ги презел за таа цел биле јасно видливи, а други не биле толку очигледни. Нашата вера многу ќе се зајакне кога ќе видиме што сѐ правел тој за да им помогне на своите следбеници да останат духовно чисти.

„Бидете чисти“

6. На кој начин заповедите што Јехова им ги дал на еврејските изгнаници ни помагаат да сфатиме како може да бидеме духовно чисти?

6 Како може да бидеме духовно чисти? За да одговориме на ова прашање, да ги разгледаме пророчките зборови што Јехова им ги упатил на еврејските изгнаници кои се подготвувале да излезат од Вавилон во 537 год. пр.н.е. (Прочитај Исаија 52:11.) Која била главната причина зошто овие изгнаници се враќале во Ерусалим? Тие требало повторно да го изградат храмот и да го обноват обожавањето на вистинскиот Бог (Езра 1:2-4). Јехова сакал неговиот народ да ги остави зад себе сите траги од вавилонската религија. Забележи дека тој им ги дал следниве неколку заповеди на Израелците: „Не допирајте ништо нечисто“, „излезете од него“ и „бидете чисти“. Што може да заклучиме од ова? Обожавањето на Јехова не смее да биде извалкано од лажната религија. Значи, за да бидеме духовно чисти, мора да ги отфрлиме сите погрешни религиозни учења и обичаи.

7. Кого го користи Исус за да им помага на своите следбеници да бидат духовно чисти?

7 Кратко откако се зацарил, Исус избрал еден застапник на Земјата кој требало да им помага на неговите следбеници да останат духовно чисти. Тој застапник е верниот и разборит роб, кого Исус го поставил над своите слуги во 1919 год. (Мат. 24:45). До таа година, Истражувачите на Библијата веќе отфрлиле многу учења на лажната религија. Но, требало да направат уште некои промени. Преку својот верен роб, Христос постепено им укажувал кои празници и обичаи треба да престанат да ги држат (Изр. 4:18). Да разгледаме неколку примери.

Дали христијаните треба да слават Божиќ?

8. Што сфатиле за кратко време Истражувачите на Библијата во врска со Божиќ, но што не им било јасно?

8 Истражувачите на Библијата брзо сфатиле дека Божиќ има пагански корени, и дека Исус не бил роден ниту на 25 декември ниту на 7 јануари. Во Стражарска кула од декември 1881 год. пишувало: „Милиони од оние што преминале во Црквата пред тоа биле пагани. Но, она што го промениле главно било името. Всушност, паганските свештеници наеднаш станале христијански свештеници, а на паганските празници им биле дадени христијански имиња. Еден таков празник е и Божиќ“. Во Стражарска кула од 1883 год., излегла статија со наслов „Кога се родил Исус?“, во која пишувало дека Исус бил роден некаде во почетокот на октомври. c Сепак, во тоа време, Истражувачите на Библијата не сфаќале дека треба да престанат да го слават Божиќ. Се славел дури и во Бетелот во Бруклин. Но, по 1926 год., работите почнале да се менуваат. Зошто?

9. До каков заклучок дошле Истражувачите на Библијата со текот на времето?

9 Откако повнимателно ја разгледале оваа тема, Истражувачите на Библијата сфатиле дека потеклото на Божиќ и обичаите поврзани со него, всушност, го обесчестуваат Бог. Во статијата со наслов „Потеклото на Божиќ“, која била објавена во списанието Златен век од 14 декември 1927 год., пишувало дека Божиќ е пагански празник кој се сведува на задоволување на телесните желби и дека е проткаен со идолопоклонство. Оваа статија јасно истакнала дека Христос не заповедал да се слави неговото раѓање. Во заклучокот отворено било кажано: „Светот и Сатана сакаат да се слави овој празник со чии обичаи му се угодува на грешното тело. Тоа е пресуден и непобитен доказ дека оние што сакаат со сета душа да му служат на Јехова не смеат да го слават“. Ништо чудно што од тој декември бетелското семејство никогаш повеќе не го славело Божиќ!

10. а) Како вистинското лице на Божиќ било уште појасно разоткриено во декември 1928 год.? (Види ја и рамката „ Потеклото и целта на Божиќ“.) б) Како Божјите слуги разбрале во кои други празници и прослави не треба да учествуваат? (Види ја рамката „ Разоткриена е вистината и за други празници и прослави“.)

10 Следната година, Истражувачите на Библијата уште појасно го разоткриле вистинското лице на Божиќ. На 12 декември 1928 год., брат Ричард Барбер, кој служел во главното седиште, одржал говор на радио во кој без заобиколување ги разоткрил паганските корени на овој празник. Како реагирал Божјиот народ на овие јасни упатства? Брат Чарлс Брендлајн го рекол следново во врска со времето кога тој и неговото семејство престанале да го слават Божиќ: „Дали ни беше тешко да се откажеме од таа паганска прослава? Во никој случај!.. Ја отфрливме исто како што би соблекле и отфрлиле валкани алишта“. Сличен став имал и брат Хенри Кантвел, кој подоцна служел како патувачки надгледник. Тој рекол: „Бевме среќни што можевме да се одречеме од нешто за да му докажеме на Јехова дека многу го сакаме“. Верните Христови следбеници биле спремни да ги направат сите потребни промени и да не учествуваат во прослава која потекнува од лажната религија d (Јован 15:19; 17:14).

11. Како може да му дадеме поддршка на месијанскиот Цар?

11 Колку убав пример ни дале тие верни Истражувачи на Библијата! Додека размислуваме за нив, добро е да се прашаме: ,Како гледам јас на упатствата што ги добиваме од верниот роб? Дали ги ценам и дали ги применувам?‘ Кога спремно се подложуваме на упатствата, ние му даваме поддршка на месијанскиот Цар, кој ни обезбедува навремена духовна храна преку верниот роб (Дела 16:4, 5).

Дали христијаните треба да користат крст?

Симболот со крст и круна (Види во пасуси 12-13)

12. Како Истражувачите на Библијата со години гледале на крстот?

12 Истражувачите на Библијата со години го сметале крстот за прифатлив симбол на христијанството. Се разбира, не го обожавале бидејќи им било јасно дека идолопоклонството е грев (1. Кор. 10:14; 1. Јов. 5:21). Уште во 1883 год., во Стражарска кула јасно било кажано дека „секој вид идолопоклонство му е одвратен на Бог“. Сепак, Истражувачите на Библијата мислеле дека постојат и исправни начини на кои може да се користи крстот, и не гледале ништо лошо во тоа. На пример, тие гордо носеле значка со крст и круна по која се препознавале. Тоа за нив било симбол кој ги потсетувал дека ќе ја добијат круната на животот ако останат верни до смрт. Од 1891 год., овој симбол стоел на насловната страница на Стражарска кула.

13. Како Христовите следбеници постепено дошле до исправен заклучок во врска со употребата на крстот? (Види ја и рамката „ Вистината за крстот станува појасна“.)

13 Симболот со крст и круна им бил многу драг на Истражувачите на Библијата. Но, при крајот на 1920-тите, Христовите следбеници постепено дошле до исправен заклучок во врска со употребата на крстот. Брат Грант Сјутер, кој подоцна станал член на Водечкото тело, објаснил како било расветлено тоа прашање на еден собир што се одржал во Детроит (Мичиген, САД) во 1928 год. Тој рекол: „На собирот дознавме дека, не само што не е потребно туку не е ни исправно да се користи симболот со крст и круна“. Во следните неколку години, биле дадени уште некои појаснувања. Станало очигледно дека крстот не смее да се користи во чистото и неизвалкано обожавање на Бог.

14. Како реагирал Божјиот народ на разјаснувањата за употребата на крстот?

14 Како реагирале Божјите слуги на разјаснувањето за употребата на крстот? Дали продолжиле да го користат симболот со крст и круна, кој толку многу им значел? „Лесно се откажавме од него кога сфативме што претставува“, рекла Лела Робертс, која долги години верно му служела на Јехова. Една друга верна сестра по име Урсула Саренко, ги изразила чувствата на мнозина кога рекла: „Увидовме дека она што дотогаш го сметавме за симбол на смртта на нашиот Господар и на нашата оддаденост кон Бог, всушност, беше пагански симбол. Во склад со Изреки 4:18, бевме благодарни што патот стануваше сѐ посветол“. Христовите верни следбеници не сакале во никој случај да се валкаат со нечистите обичаи на лажната религија!

15, 16. Како може да покажеме дека сме решени да ги одржуваме чисти земните дворови на Јеховиниот духовен храм?

15 И ние денес имаме ист таков став. Знаеме дека Христос на многу јасен и недвосмислен начин го користи својот застапник — верниот и разборит роб — за да им помага на своите следбеници да останат духовно чисти. Затоа, кога преку духовната храна верниот роб ќе нѐ предупреди дека некои прослави и обичаи се извалкани од лажната религија, ние веднаш постапуваме во склад со предупредувањето. Исто како нашите браќа и сестри кои живееле во почетокот на Христовата присутност, и ние сакаме да дадеме сѐ од себе за да ги одржуваме чисти земните дворови на Јеховиниот духовен храм.

16 Во текот на последните денови, Христос ги штител собранијата на Јеховиниот народ и од лица кои би можеле да ги расипат во духовен поглед. Тоа понекогаш го прави на начини кои не се толку очигледни. Да разгледаме неколку примери.

Одвојување „на злите од праведните“

17, 18. Во споредбата за мрежата, што претставува а) фрлањето на мрежата, б) собирањето на секакви риби, в) собирањето на добрите риби во садови, и г) фрлањето на лошите риби?

17 Нашиот Цар, Исус Христос, будно внимава на собранијата на Божјиот народ низ целиот свет. Тој и ангелите ги одвојуваат „злите од праведните“ на начин кој не можеме потполно да го разбереме. Исус го опишал ова одвојување во својата споредба за мрежата. (Прочитај Матеј 13:47-50.) Што значи оваа споредба?

Мрежата го претставува проповедањето за Царството кое се врши во симболичното море, односно човештвото (Види во пасус 18)

18 Мрежата се фрла во морето. Мрежата го претставува проповедањето за Царството кое се врши во симболичното море, односно човештвото. Се собираат секакви риби. Добрата вест привлекува најразлични луѓе. Некои од нив ги прават потребните чекори и стануваат вистински христијани. Но многу други, кои во почетокот покажуваат интерес за вистината, не се спремни да заземат цврст став и да му служат на Јехова. e Добрите риби се собираат во садови. Искрените лица се собрани во собранијата кои се претставени со „садови“, каде што можат да му служат на Јехова на чист и исправен начин. Лошите риби се фрлаат. Во текот на последните денови, Христос и ангелите ги одвојуваат „злите од праведните“. f Така, на оние кои немаат искрено срце — кои можеби не се спремни да ги отфрлат погрешните верувања и обичаи — не им е дозволено да ги валкаат собранијата. g

19. Како гледаш на сето она што го прави Христос за да ја зачува чистотата на Божјиот народ?

19 Зарем не е охрабрувачки што знаеме дека нашиот Цар ги штити сите кои му се доверени? И зарем не е утешно што знаеме дека тој ги чисти и ги штити слугите и обожавањето на вистинскиот Бог со исто толкава ревност како и во првиот век од н.е. кога го исчистил храмот? Колку сме благодарни што Христос прави сѐ за да ја зачува духовната чистота на Божјиот народ! Можеме да му ја дадеме својата поддршка на Царот и на неговото Царство со тоа што ќе немаме никаква допирна точка со лажната религија.

a Евреите кои биле дојдени во Ерусалим морале да го плаќаат годишниот храмски данок само со одреден вид монети, а менувачите им земале провизија кога им ги менувале парите. Освен тоа, понекогаш посетителите морале да купат и животни за жртва. Исус ги нарекол трговците ,разбојници‘ веројатно затоа што наплаќале огромни цени или провизии за своите услуги.

b Божјите слуги на Земјата му служат на Јехова во земните дворови на неговиот голем духовен храм.

c Во истата статија пишувало дека Исус не се родил во зима „бидејќи тоа не е во склад со извештајот кој вели дека пастирите биле на отворено со своите стада“ (Лука 2:8).

d Во едно приватно писмо со датум од 14 ноември 1927 год., брат Фредерик Франц напишал: „Оваа година нема да славиме Божиќ. Бетелското семејство реши повеќе да не го слави овој празник“. Неколку месеци подоцна, во писмо со датум од 6 февруари 1928 год., брат Франц напишал: „Малку по малку, Господарот нѐ чисти од погрешните учења и обичаи кои Ѓаволот ги шири преку својата вавилонска организација“.

e На пример, во 2013 год., највисокиот број на објавители изнесувал 7.965.954, а на Спомен-свеченоста присуствувале 19.241.252.

f Одвојувањето на добрите од лошите риби не е исто со одвојувањето на овците од јарците (Мат. 25:31-46). Одвојувањето, односно изрекувањето на конечната пресуда на овците и јарците ќе биде во текот на претстојната голема неволја. Сѐ дотогаш, сите што се слични на лоши риби можат да му се вратат на Јехова и да станат дел од собранијата (Мал. 3:7).

g На крајот, во симболична смисла, лошите риби ќе бидат фрлени во вжарена печка. Тоа покажува дека во иднина ќе бидат уништени.