Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 16

Состаноци на кои го славиме Бог

Состаноци на кои го славиме Бог

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Осврт на историјата на нашите состаноци и нивната важност

1. Каква помош добиле учениците кога се собрале заедно, и зошто таа им била потребна?

 КРАТКО по воскресението на Исус, неговите ученици се собрале за да се охрабрат еден со друг. Но, ги заклучиле вратите бидејќи се плашеле од своите непријатели. Нивниот страв сигурно исчезнал кога Исус се појавил меѓу нив, и им рекол: „Примете свет дух!“ (Прочитај Јован 20:19-22.) Подоцна, кога учениците повторно биле собрани на едно место, Јехова излеал свет дух врз нив. Тоа им влеало голема сила за да го извршат огромното проповедничко дело што им претстоело! (Дела 2:1-7).

2. а) Како Јехова ни дава сила, и зошто таа ни е потребна? б) Зошто Семејната вечер е многу важна? (Види ја фуснотата и рамката „ Семејна вечер посветена на Јехова“.)

2 Ние се соочуваме со слични тешкотии како и нашите браќа во првиот век (1. Пет. 5:9). Понекогаш, некои од нас чувствуваат страв од луѓето. Освен тоа, не е лесно да истраеме во службата на проповедање. Затоа на сите ни е потребна сила од Јехова (Еф. 6:10). Таа сила главно ја добиваме на нашите поучни состаноци кои се одржуваат секоја седмица. Едниот состанок е Нашиот живот и служба како христијани, а вториот е Јавно предавање и Проучување на Стражарска кула. a Исто така, имаме четири годишни собири — регионален конгрес, два покраински собира, и Спомен-свеченост по повод Христовата смрт. Зошто е многу важно да присуствуваме на сите состаноци? Како тие се менувале низ годините? И, што открива нашиот став кон состаноците?

Зошто одржуваме состаноци?

3, 4. Што очекува Јехова од своите слуги? Наведи примери.

3 Уште во старо време, Јехова очекувал од своите слуги да се собираат за да учат за него и да го слават. На пример, во 1513 год. пр.н.е., тој му го дал својот Закон на израелскиот народ, во кој спаѓала и одредбата за саботниот ден за одмор. Тој ден секое семејство требало да биде поучувано за Законот и да го слави својот Бог (5. Мој. 5:12; 6:4-9). Кога Израелците ја држеле таа заповед, семејствата биле стабилни, а целиот народ бил духовно чист и имал силна вера. Но, кога го престапувале Законот и, меѓу другото, ја занемарувале одредбата да се собираат редовно за да го слават Јехова, тие ја губеле Божјата милост (3. Мој. 10:11; 26:31-35; 2. Лет. 36:20, 21).

4 Да размислиме и за примерот што го дал Исус. Тој имал обичај секоја сабота да оди во синагогата (Лука 4:16). По смртта и воскресението на Исус, неговите ученици продолжиле да се состануваат редовно иако веќе не морале да го држат денот за одмор (Дела 1:6, 12-14; 2:1-4; Рим. 14:5; Кол. 2:13, 14). На тие состаноци, првите христијани се поучувале и се храбреле, но исто така му принесувале на Бог „жртва на фалба“ со своите молитви, зборови и песни (Кол. 3:16; Евр. 13:15).

Христовите ученици се состанувале за да се зајакнат и да се охрабрат едни со други

5. Зошто одиме на седмичните состаноци и на годишните собири? (Види ја и рамката „ Годишни собири што го зајакнуваат единството на Божјиот народ“.)

5 Слично е и во нашево време. Кога редовно одиме на седмичните состаноци и на годишните собири, ние му даваме поддршка на Божјето Царство, добиваме сила преку светиот дух и ги храбриме другите со нашата вера. Што е уште поважно, имаме можност да го славиме Јехова со нашите молитви, коментари и песни. Иако нашите состаноци изгледаат поинаку од собирите на древните Израелци и на првите христијани, тие не изгубиле ни малку од својата важност. Како се менувале низ годините, и како го добиле денешниот изглед?

Состаноци кои поттикнуваат кон „љубов и добри дела“

6, 7. а) Која е целта на нашите состаноци? б) Во кој поглед состаноците се разликувале од група до група?

6 Кога почнал да трага по вистината од Божјата Реч, брат Чарлс Тејз Расел увидел дека е потребно да се состанува со други кои имаат иста цел. Во 1879 год., тој напишал: „Јас и моите соработници во Питсбург основавме група за проучување на Библијата која се состанува секоја недела“. Читателите на Стражарска кула биле поттикнати да се собираат заедно и, до 1881 год., во Питсбург (Пенсилванија) се одржувале состаноци секоја среда и секоја недела. Стражарска кула од ноември 1895 год. објаснила дека целта на тие состаноци е да се зацврсти „христијанското братство, љубовта и заедништвото“, и да можат сите присутни да се охрабруваат едни со други. (Прочитај Евреите 10:24, 25.)

7 Програмата и распоредот за одржување на состаноците со години се разликувале од една до друга група. На пример, во писмото на една ваква група од САД, кое било објавено во 1911 год., пишувало: „Ние имаме најмалку пет состаноци секоја седмица“. Тие се одржувале во понеделник, среда, петок, и двапати во недела. Во друго писмо од една група во Африка, кое било објавено во 1914 год., пишувало: „Ние имаме состаноци двапати месечно, а ги одржуваме од петок до недела“. Со текот на времето, состаноците постепено го добиле денешниот изглед. Да ја разгледаме накратко нивната историја.

8. Кои биле некои од темите на првите јавни предавања?

8 Состанок за јавност. Во 1880, една година откако почнал да ја издава Стражарска кула, брат Расел решил да тргне на проповедничко патување по примерот на Исус (Лука 4:43). Додека патувал од место во место, тој го поставил темелот на она што денес го нарекуваме Состанок за јавност. Во Стражарската кула која го најавила ова патување, било истакнато дека брат Расел „со задоволство ќе зборува за Божјето Царство на јавни собири“. Во 1911 год., откако во повеќе земји биле основани собранија, секое од нив било поттикнато да испрати во околните места добри говорници кои требало да изнесат јавни предавања. Било предвидено да одржат вкупно шест предавања на различни теми, како што се судот и откупнината. По секој говор, било најавено името на говорникот и темата на предавањето за следната седмица.

9. Како се менувал Состанокот за јавност низ годините, и како можеш да го покажеш своето ценење за овој состанок?

9 Во Стражарска кула од 1945 год. било најавено дека низ целиот свет ќе се одржува циклус од осум библиски предавања за „сериозните проблеми на денешницата“. Со децении, браќата ги користеле нацртите што ги добивале од верниот роб, но изнесувале и предавања што самите ги пишувале. Меѓутоа, во 1981 год., сите говорници добиле упатство да ги темелат своите предавања само на говорните нацрти доставени до собранијата. b До 1990 год., во некои нацрти биле предвидени прикази или учество на присутните. Меѓутоа, таа година стигнале нови упатства, и оттогаш јавните предавања се изнесуваат само во облик на говори. Додатни промени беа направени во јануари 2008 год., кога предавањата беа скратени од 45 на 30 минути. Иако низ годините овој состанок се менуваше, добро подготвените јавни предавања и понатаму ни ја изградуваат верата во Божјата Реч и нѐ поучуваат за разни обележја на Божјето Царство (1. Тим. 4:13, 16). Дали се трудиш срдечно да ги каниш заинтересираните лица и другите луѓе да ги слушнат овие важни библиски говори?

10-12. а) Какви промени имало во Проучувањето на Стражарска кула со текот на времето? б) Кои прашања е добро да си ги поставиме?

10 Проучување на Стражарска кула. Во 1922 год., патувачките надгледници наречени пилгрими, кои организацијата ги испраќала да ги посетуваат собранијата, да држат говори и да предводат во проповедањето, предложиле да има редовен состанок на кој ќе се проучува Стражарска кула. Овој предлог бил прифатен и, во почетокот, статиите од тоа списание се проучувале во средината на седмицата или во недела.

Проучување на Стражарска кула во Гана (1931)

11 Во Стражарска кула од 15 јуни 1932 год. излегла статија со додатни упатства за тој состанок. Слично на проучувањето во Бетел, во статијата пишувало дека состанокот требало да го води еден брат. Тројца браќа требало да седат напред и наизменично да ги читаат пасусите. Бидејќи тогаш во статиите немало печатени прашања, водителот требало да ги замоли присутните да постават прашања поврзани со прочитаниот материјал. А потоа ги замолувал другите во публиката да дадат одговор. Ако имало потреба од додатно објаснување, водителот требало да го даде на „краток и јасен“ начин.

12 Во почетокот, секое собрание можело само да го избере изданието кое повеќето објавители сакале да го проучуваат. Но, во Стражарска кула од 15 април 1933 год., на сите собранија им било предложено да го проучуваат тековното списание. Потоа, во 1937 год., било кажано овој состанок да се одржува во недела. Во Стражарска кула од 1 октомври 1942 год. биле воведени уште некои промени кои важат до ден-денес. Прво, било најавено дека на дното од секоја страница во статиите за проучување ќе има печатени прашања кои водителот ќе им ги поставува на присутните. Било кажано и дека состанокот треба да трае еден час. Освен тоа, браќата биле поттикнати да не читаат директно од пасусот, туку да одговараат „со свои зборови“. Проучувањето на Стражарска кула сѐ уште е главниот начин на кој верниот роб ни дава духовна храна во вистинско време (Мат. 24:45). Добро е секој од нас да се праша: ,Дали секоја седмица се подготвувам за проучувањето на Стражарска кула? Ако сум во можност, дали се трудам да коментирам?‘

13, 14. Како се одржувал низ годините состанокот кој сега се вика Собраниско проучување на Библијата, и што ти се допаѓа во врска со овој состанок?

13 Собраниско проучување на Библијата. Во почетокот на 1890-тите, откако излегле неколку тома од комплетот Зора на илјадагодишното владеење, брат Ран, Истражувач на Библијата од Балтимор (Мериленд, САД), предложил да се основаат помали групи кои ќе ја проучуваат Библијата со помош на тие книги. Овие состаноци во почетокот биле пробни и обично се држеле во приватни домови. Но, наишле на добар одѕив и почнале успешно се одржуваат во многу градови во САД. Затоа, Стражарска кула од септември 1895 год., предложила сите Истражувачи на Библијата да организираат вакви состаноци. Било дадено упатство водителот да биде добар читач. Тој требало да прочита една реченица, а потоа да чека присутните да коментираат. Откако ќе биле прочитани и разгледани сите реченици во пасусот, требало да ги прочита и наведените библиски стихови. На крајот на поглавјето, секој од присутните требало накратко да каже што научил.

14 Името на овој состанок се сменило неколку пати. Едно време бил познат како Вериска група за проучување на Библијата — име што укажувало на Евреите од древната Верија кои внимателно ги истражувале Писмата (Дела 17:11). Подоцна бил наречен Собраниско проучување на книга, а сега е познат како Собраниско проучување на Библијата. Објавителите повеќе не се собираат во помали групи во приватни домови, туку целото собрание се состанува во салата. Во текот на децениите, на овој состанок се проучувале различни книги, брошури, па дури и статии од Стражарска кула. Уште од самиот почеток, сите присутни биле поттикнати да учествуваат со своите коментари. Овој состанок многу ни помага уште подобро да ја разбереме Библијата. Дали редовно се подготвуваш за него, и дали учествуваш колку што можеш?

15. Која беше целта на Теократската школа за служба?

15 Теократска школа за служба. „Во понеделник навечер, на 16 февруари 1942 год., сите браќа што служеа во Бетел беа повикани да се запишат на една школа која подоцна беше наречена Теократска школа за служба“, изјавил Кери Барбер, кој во тоа време служел во главното седиште во Бруклин (Њујорк). Брат Барбер, кој со години подоцна стана и член на Водечкото тело, рекол дека основањето на оваа школа било „еден од најзначајните настани во поновата историја на Јеховиниот народ“. Таа толку многу им помогнала на браќата поделотворно да поучуваат и да проповедаат, што од 1943 год. постепено почнала да се одржува во собранијата низ целиот свет. Истата година излегла и брошурката со наслов Теократски курс за проповедање која служела како прирачник за школата. Во Стражарска кула од 1 јуни 1943 год. пишувало дека целта на Теократската школа за служба е да ги обучи Божјите слуги подобро да сведочат за Царството (2. Тим. 2:15).

16, 17. Дали Теократската школа за служба ни помагаше само да бидеме подобри говорници? Објасни.

16 Во почетокот, повеќето браќа имале огромна трема кога држеле говор пред бројна публика. Клејтон Вудворт, чиј татко бил неправедно ставен в затвор во 1918 год. заедно со брат Ратерфорд и неколкумина други, раскажал како се чувствувал кога првпат имал говор на школата во 1943 год. „Ми беше многу тешко да држам говори“, рекол тој. „Јазикот ми се плеткаше, устата ми се сушеше, а гласот ми крчеше и ми чкрипеше.“ Но, постепено брат Клејтон станувал сѐ подобар говорник, и подоцна имал чест да изнесе многу јавни предавања. Но, школата не му помогнала само да ги развие своите говорнички способности туку и да сфати колку е важно да биде понизен и да се потпира на Јехова. Тој рекол: „Сфатив дека не е важен говорникот туку она што тој го кажува. Ако се подготви добро и ако има потполна доверба во Јехова, другите ќе го слушаат со задоволство и ќе научат нешто“.

17 Од 1959 год., и сестрите имаа можност да се запишат на школата. Сестра Една Бауер си спомнува каква била реакцијата кога ова било најавено на еден конгрес. „Сестрите беа воодушевени“, рекла таа. „Сега и тие можеа да имаат поголем удел на состаноците.“ Низ годините, многу браќа и сестри ја искористиле можноста да учествуваат во Теократската школа за служба и да бидат поучени од Јехова. И денес добиваме слични поуки на состанокот Нашиот живот и служба како христијани. (Прочитај Исаија 54:13.)

18, 19. а) Како денес добиваме практична помош за да ја извршуваме службата? б) Зошто пееме на состаноците? (Види ја рамката „ Го фалиме Јехова со песна“.)

18 Состанок за нашата служба. Уште во 1919 год. се одржувале состаноци чија цел била да се организира службата на проповедање. Но, на нив не присуствувале сите членови на собранието, туку само оние што биле директно вклучени во делењето литература. Од 1923 год., вакви состаноци почнале да се одржуваат еднаш месечно и било предвидено да присуствува целото собрание. До 1928 год., собранијата биле охрабрени да ги одржуваат секоја седмица. А во Стражарска кула од 1935 год. била дадена препорака на нив да се обработува материјалот од Листот со упатства за проповедање (кој подоцна бил наречен Информатор, а потоа Нашата служба за Царството). Набрзо сите собранија почнале редовно да го одржуваат овој состанок.

19 Денес, на состанокот Нашиот живот и служба добиваме конкретни упатства за тоа како делотворно да сведочиме (Мат. 10:5-13). Ако ги добиваш работните листови, дали ги проучуваш и дали ги применуваш дадените предлози кога проповедаш?

Најважниот состанок во годината

Уште од првиот век од н.е., христијаните се собираат еднаш во годината за да ја одбележат Христовата смрт (Види во пасус 20)

20-22. а) Зошто ја одбележуваме Христовата смрт? б) Како ти користи тоа што секоја година присуствуваш на Спомен-свеченоста?

20 Исус им заповедал на своите следбеници да ја одбележуваат неговата смрт. Ова треба да го прават сѐ до неговото враќање. Слично на Пасхата, и Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт се одбележува еднаш годишно (1. Кор. 11:23-26). Секоја година, на овој состанок присуствуваат милиони лица. Тој ги потсетува помазаниците на нивната чест да бидат Христови сонаследници на Царството (Рим. 8:17). А на другите овци им помага да го продлабочат своето ценење за Царот на Божјето Царство и верно да му служат (Јован 10:16).

21 Брат Расел и неговите соработници сфаќале колку е важно да се одбележува Господаровата вечера и знаеле дека тоа треба да се прави само еднаш годишно. Во Стражарска кула од април 1880 год. стоело: „Мнозина од нас овде во Питсбург веќе неколку години имаме обичај... да се потсетуваме на Пасхата [да ја одбележуваме Христовата смрт] и да земаме од симболите кои ги претставуваат телото и крвта на нашиот Господар“. Кратко потоа, во поврзаност со Спомен-свеченоста почнале да се организираат и конгреси. Прв таков конгрес за кој има конкретни пишани податоци се одржал во 1889 год. На него присуствувале 225 лица, од кои 22 се крстиле.

22 Денес, Спомен-свеченоста повеќе не се одржува во склоп на некој конгрес. Сепак, ги каниме луѓето во нашата околина да го одбележат овој настан заедно со нас во салата за состаноци или во некој изнајмен објект. Во 2013 год., над 19 милиони лица присуствуваа на одбележувањето на Христовата смрт. Чест ни е што можеме да присуствуваме на Спомен-свеченоста, но и што можеме да ги поттикнеме другите да бидат заедно со нас на најважниот состанок во годината! Дали секоја година со воодушевеност каниш што е можно повеќе лица на овој настан?

Што открива нашиот став

23. Како гледаш на нашите состаноци?

23 Верните Јеховини слуги не гледаат на состаноците како на мачна обврска која им претставува товар (Евр. 10:24, 25; 1. Јов. 5:3). На пример, цар Давид многу сакал да оди во Божјиот дом за да го слави Јехова (Пс. 27:4). Тој особено се радувал кога можел да го прави тоа во друштво на други кои го сакале Бог (Пс. 35:18). Размисли и за Исус. Уште како мал, тој копнеел да биде во домот на својот Татко (Лука 2:41-49).

Нашата силна желба да се состануваме со соверниците открива колку е цврста нашата вера во Божјето Царство

24. Што покажуваме кога одиме на состаноците?

24 Кога одиме на состаноците, ние покажуваме љубов кон Бог и желба да ги храбриме нашите соверници. Исто така, покажуваме дека сакаме да бидеме поучени да живееме како поданици на Божјето Царство бидејќи тие поуки главно ги добиваме на нашите состаноци, собири и конгреси. Освен тоа, на состаноците стекнуваме вештини и ја добиваме потребната сила за да истраеме во најважната задача што се извршува под водство на Божјето Царство денес, имено, да ги поучуваме луѓето да бидат ученици на Царот Исус Христос. (Прочитај Матеј 28:19, 20.) Без сомнение, нашата силна желба да се состануваме со соверниците открива колку е цврста нашата вера во Божјето Царство. Никогаш да не заборавиме колку се скапоцени христијанските состаноци!

a Освен што присуствуваме на нашите состаноци, важно е секој од нас да одвои време за лично или семејно проучување на Библијата.

b До 2013 год., беа достапни повеќе од 180 нацрти за јавни предавања.