Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 22

Царството ја извршува Божјата волја на Земјата

Царството ја извршува Божјата волја на Земјата

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Царството ги исполнува сите ветувања што Бог ги дал во врска со луѓето и со Земјата

1, 2. а) Зошто понекогаш е тешко да веруваме дека навистина ќе има рај на Земјата? б) Што може да ја зацврсти нашата надеж во Божјите ветувања?

 ЕДЕН брат кој верно му служи на Јехова доаѓа на состанок исцрпен по долгиот и напорен ден. Освен што мора секојдневно да ги трпи грубите забелешки и неразумните барања на својот шеф, притиснат е и од грижи околу издршката на семејството и болеста на жена му. Но, кога почнува музиката на воведната песна, тој воздивнува со олеснување, среќен што е на состанок заедно со своите браќа и сестри. Во песната се зборува за животот во рајот, а стиховите го поттикнуваат да се замисли себеси во новиот свет. Отсекогаш ја сакал оваа песна, а сега, додека ја пее заедно со своето семејство, таа повторно му го исполнува срцето со радост и надеж.

2 Дали и ти некогаш си се чувствувал вака? Повеќето од нас доживеале нешто слично. За жал, животот во овој стар свет може лесно да ни ја замагли сликата за претстојниот рај. Живееме во „особено тешки времиња“, и светот околу нас ни оддалеку не личи на рај (2. Тим. 3:1). Што може да ја зацврсти нашата надеж и нашата вера во Јеховините ветувања? Зошто можеме да бидеме сигурни дека наскоро Божјето Царство навистина ќе владее над целото човештво? Во ова поглавје ќе разгледаме како некои библиски пророштва се исполниле на Божјиот народ во минатото и како се исполнуваат на извонреден начин во нашево време. Тоа многу ќе ни ја зајакне верата. На крајот ќе видиме што значат тие пророштва за иднината.

Како Јехова ги исполнил своите ветувања во далечното минато

3. Кое ветување ги тешело Евреите што биле во ропство во Вавилон?

3 Замисли си како им било на Евреите кои живееле во ропство во Вавилон во шестиот век пр.н.е. Мнозина, исто како и нивните родители, пораснале во изгнанство и животот воопшто не им бил лесен. Вавилонците ги исмејувале поради нивната вера во Јехова (Пс. 137:1-3). Но, во текот на сите тие децении, верните Евреи ги тешела една светла надеж — Јехова им ветил дека ќе ги врати во родната земја, каде што ќе живеат спокојно и среќно. Тој дури ја споредил обновената Јуда со рајската градина! (Прочитај Исаија 51:3.) Очигледно, Бог ги дал овие ветувања за да ги утеши своите верни слуги и да ги отстрани сите грижи и сомнежи кои можеби ги измачувале. Да разгледаме некои од тие пророштва.

4. Како Јехова ги уверил Евреите дека ќе бидат на сигурно кога ќе се вратат во родната земја?

4 Сигурност. Изгнаниците не требало да се вратат во дословен рај, туку во далечна земја која лежела опустошена 70 години и која малкумина од нив ја виделе. Во тоа време, во библиските земји имало лавови, волци, леопарди и други крволочни животни. Евреите кои имале семејства можеби се прашувале: ,Како ќе ги заштитам жената и децата? Што ќе биде со овците и стоката? Како ќе ја заштитам од грабливците?‘ Ваквата загриженост била сосема нормална. Тогаш, замисли колку голема утеха им влеало Божјето ветување запишано во Исаија 11:6-9. (Прочитај.) Со прекрасни поетски зборови, Јехова ги уверил изгнаниците дека и тие и нивниот добиток ќе бидат на сигурно. Со тоа што прорекол дека лавот ќе јаде слама, тој им гарантирал дека ѕверовите нема да ја напаѓаат нивната стока. Божјите верни слуги ќе немало зошто да се плашат од таквите диви животни. Јехова ветил дека неговиот народ ќе биде безбеден во обновената земја Јуда, дури и во пустината и во шумите (Езек. 34:25).

5. Кои пророштва ги увериле еврејските изгнаници дека Јехова великодушно ќе се погрижи за нивните потреби?

5 Изобилство. Можеби Евреите ги измачувале и други прашања. ,Како ќе го издржувам семејството? Каде ќе живееме? Ќе имам ли работа? Ќе ни биде ли подобро или ќе мора да се измачуваме како што досега се мачевме под камшикот на нашите поробувачи?‘ Преку пророштвата што ги дал, Јехова со љубов им одговорил и на овие прашања. Тој му ветил на својот послушен народ дека ќе го благослови со навремени дождови, и дека земјата во изобилство ќе роди „хранлив леб, кој заситува“ (Иса. 30:23). Освен тоа, ги уверил Израелците дека секој од нив ќе има покрив над главата и задоволувачка работа, кога рекол: „Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема тие да градат, а некој друг да живее во нив, нема тие да садат, а некој друг да го јаде нивниот род“ (Иса. 65:21, 22). Да, нивниот живот во многу погледи ќе бил неописливо подобар и поисполнет во споредба со ропството во паганскиот Вавилон. Но, како ќе бил решен нивниот најголем проблем поради кој биле однесени во ропство?

6. Со кој проблем долго се измачувал Божјиот народ, и какво уверување добиле Евреите што се вратиле од изгнанство?

6 Духовно здравје. Божјиот народ духовно се разболел уште долго време пред да биде одведен во изгнанство. Преку пророкот Исаија, Јехова рекол: „Целата глава е болна, целото срце е премалено“ (Иса. 1:5). Евреите биле духовно глуви и слепи бидејќи ги затворале ушите и очите за да не ги слушаат советите од Јехова и за да не ја видат светлината, односно водството што им го давал тој (Иса. 6:10; Ерем. 5:21; Езек. 12:2). Ако истиот проблем се појавел и по нивното враќање од ропството, што можеле да очекуваат? Зарем немало повторно да ја изгубат Јеховината милост? Сигурно многу ги утешило следново ветување што им го дал Бог: „Во тој ден глувите ќе ги чујат зборовите на книгата, а од мракот и од темнината ќе прогледаат очите на слепите“ (Иса. 29:18). Да, Јехова ветил дека духовно ќе го излекува својот народ кој се покајал и извлекол поука од добиената казна. Сѐ додека му биле послушни и спремни да го следат неговото водство, тој ќе им давал животоважни упатства и духовна светлина.

7. Како се исполниле ветувањата што Бог им ги дал на еврејските изгнаници, и зошто тоа ни ја зајакнува верата?

7 Дали Јехова си стоел на зборот? Историјата го дава одговорот. Евреите кои се вратиле во својата родна земја навистина живееле безбедно, и биле благословени со изобилство и со духовно здравје. На пример, Јехова ги заштитувал од околните народи кои биле помоќни и побројни од нив. Освен тоа, крволочните ѕверови не им ја убивале стоката. Точно, овие Евреи само во мала мера го доживеале исполнувањето на пророштвата за рајот кои ги запишале Исаија, Еремија, Езекиел и други пророци. Но, дури и тоа било прекрасно — токму она што им било потребно. Кога размислуваме што сѐ направил Јехова за нив, нашата вера уште повеќе се зајакнува. Ако тоа прво, делумно исполнување било толку величествено, тогаш какво ли ќе биде поголемото исполнување! Да видиме што прави Јехова за нас денес.

Како Јехова ги исполнува своите ветувања во нашево време

8. Во каква „земја“ живее Божјиот народ денес?

8 Денес, Јеховините слуги не припаѓаат само на еден народ и не живеат во една земја. Наместо тоа, помазаните христијани сочинуваат духовен народ — „Израелот Божји“ (Гал. 6:16). Заедно со своите придружници од ,другите овци‘ тие живеат во духовна „земја“ каде што обединето му служат на Јехова. Обожавањето на Бог е нивни начин на живот (Јован 10:16; Иса. 66:8). ,Земјата‘ што ни ја дал Јехова е прекрасен духовен рај во кој Неговите ветувања се исполнуваат во духовна смисла. Да разгледаме неколку примери.

9, 10. а) Како пророштвото од Исаија 11:6-9 се исполнува денес? б) Што покажува дека меѓу Божјиот народ владее мир?

9 Сигурност. Во пророштвото запишано во Исаија 11:6-9, е даден сликовит опис на хармонија и мир — како меѓу дивите и домашните животни, така и меѓу животните и луѓето. Дали овие живописни зборови се исполнуваат денес? Да, но во духовен поглед. Од стих 9 гледаме зошто нема да се прави никаква штета: „Зашто земјата ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“. Дали ,знаењето за Јехова‘ може да го смени однесувањето на животните? Не, луѓето се тие што се менуваат кога ќе го запознаат Севишниот Бог и кога ќе научат да живеат мирољубиво како што сака тој. Токму затоа денес можеме со воодушевување да гледаме како се исполнува ова прекрасно пророштво во нашиот духовен рај. Под власта на Царството, луѓето кои можеби порано биле склони кон насилно, па дури и „ѕверско“ однесување, ги отфрлиле таквите склоности кога станале Христови следбеници, и научиле да живеат во мир и слога со своите духовни браќа и сестри.

10 На пример, во оваа книга зборувавме за христијанската неутралност. Ги разгледавме библиските начела на кои Божјиот народ го темели својот став, а видовме и какво прогонство морал да претрпи затоа што непоколебливо се држел за своите уверувања. Зарем не е неверојатно што во овој насилен свет има еден прилично голем „народ“ кој одбива да има удел во какво и да било насилство дури и под закана со смрт? Тоа е непобитен доказ дека меѓу поданиците на месијанскиот Цар навистина владее мирот кој го прорекол Исаија! Исус рекол дека неговите следбеници ќе се препознаваат по меѓусебната љубов (Јован 13:34, 35). Во собранието, тој го користи својот ,верен и разборит роб‘ за стрпливо да ги поучува сите вистински христијани да бидат мирољубиви, кротки и добри (Мат. 24:45-47).

11, 12. Каков глад владее во денешниот свет, но како Јехова се грижи за своите слуги?

11 Изобилство. Во светот владее духовен глад. Библијата го дала следново предупредување: „,Ете, доаѓаат денови‘, вели Севишниот Господар Јехова, ,кога ќе испратам глад на земјата, но не глад за леб, ниту жед за вода, туку за слушање на зборовите Јеховини‘“ (Амос 8:11). Дали и поданиците на Божјето Царство духовно гладуваат? Јехова претскажал дека ќе има јасна разлика меѓу нив и неговите непријатели, кога рекол: „Моите слуги ќе јадат, а вие ќе гладувате. Еве, моите слуги ќе пијат, а вие ќе жедувате. Еве, моите слуги ќе се радуваат, а вие ќе се срамите“ (Иса. 65:13). Дали гледаш како се исполнува ова ветување?

12 ,Јеховините зборови‘ дотекуваат до нас како река која постојано се шири и се продлабочува. Во овој духовно изгладнет свет ние уживаме во богата духовна трпеза. Нашите библиски публикации — како и аудио и видеоснимките, состаноците и конгресите, и информациите кои се објавуваат на нашата интернет-страница — се непресушен извор на поуки (Езек. 47:1-12; Јоил 3:18). Зарем не си пресреќен што секојдневно гледаш како Јехова ги исполнува своите ветувања давајќи ни духовна храна во изобилство? Дали редовно се храниш од неговата трпеза?

Собранијата ни помагаат да бидеме духовно нахранети, заштитени и здрави

13. Како денес им се отвораат очите на слепите и ушите на глувите?

13 Духовно здравје. Денес повеќето луѓе се духовно слепи и глуви (2. Кор. 4:4). Но, Христос уште сега им помага на поединци низ целиот свет да се излекуваат. Дали си видел како очите на слепите се отвораат и ушите на глувите се отнуваат? Ако си видел како некој ја дознава вистината од Божјата Реч и ги отфрла верските лаги поради кои порано бил духовно глув и слеп, тогаш од прва рака си гледал како се исполнува следново ветување: „Во тој ден глувите ќе ги чујат зборовите на книгата, а од мракот и од темнината ќе прогледаат очите на слепите“ (Иса. 29:18). Насекаде во светот, секоја година стотици илјади луѓе се излекувани во духовен поглед. Секој човек кој го напушта Големиот Вавилон и почнува да служи заедно со нас во духовниот рај е жив доказ дека Јехова ги исполнува своите ветувања!

14. Што може уште повеќе да ни ја зајакне верата?

14 Секое поглавје од оваа книга содржи цврсти докази дека, во ова време на крајот, Христос навистина ги довел своите следбеници во прекрасниот духовен рај. Да продолжиме и понатаму да размислуваме за многуте благослови кои уште денес ги имаме во него. Тоа уште повеќе ќе ни ја зајакне верата во Јеховините ветувања за иднината.

„Да дојде царството твое“

15. Зошто може да бидеме уверени дека Земјата ќе стане рај?

15 Јехова отсекогаш сакал целата Земја да биде рај. Тој ги сместил Адам и Ева во рајска градина, и им заповедал да ја наполнат Земјата со свои потомци и да се грижат за сѐ што е на неа (1. Мој. 1:28). За жал, Адам и Ева му се придружиле на Сатана во побуната и ги осудиле своите потомци на несовршеност, грев и смрт. Сепак, Бог не се откажал од својата намера. Речта што излегува од неговата уста секогаш се исполнува во потполност! (Прочитај Исаија 55:10, 11.) Затоа може да бидеме сигурни дека потомците на Адам и Ева ќе ја наполнат и ќе ја потчинат Земјата, и дека со љубов ќе се грижат за сите Јеховини созданија. Во тоа време, пророштвата за рајот кои најпрво им биле дадени на еврејските изгнаници ќе се исполнат во потполност на целото човештво! Да разгледаме неколку примери.

16. Како Библијата ја опишува сигурноста која ќе владее во рајот?

16 Сигурност. Конечно, идиличната слика опишана во Исаија 11:6-9 потполно ќе се исполни и во дословна смисла. Мажите, жените и децата ќе бидат на сигурно каде и да се на Земјата. Ниту едно суштество — ни човек ни животно — нема да претставува никаква опасност. Замисли си го времето кога во секое катче на нашата планета ќе се чувствуваш како дома. Ќе можеш без никаков страв да пливаш во реките, езерата и морињата, да се искачуваш по планините и да се шеташ низ ливадите. Нема да се плашиш од ништо дури ни кога ќе падне ноќ. Тогаш ќе се исполнат зборовите од Езекиел 34:25: „[Божјите слуги] ќе живеат без страв во пустината и ќе спијат по шумите“.

17. Од каде знаеме дека Јехова ќе ни даде сѐ во изобилство кога Царството ќе завладее со целата Земја?

17 Изобилство. Замисли си го времето кога нема да постојат сиромаштија, глад и неисхранетост и кога никој нема да зависи од социјална помош. Духовното изобилство во кое Божјиот народ ужива денес е гаранција дека месијанскиот Цар ќе ги нахрани своите поданици во секој поглед. Додека бил на Земјата, Исус покажал дека може да ги исполни тие пророштва кога нахранил илјадници гладни луѓе со само неколку леба и риби (Мат. 14:17, 18; 15:34-36; Мар. 8:19, 20). Кога Божјето Царство ќе завладее со целата Земја, дословно ќе се исполни и следново пророштво: „[Бог] ќе даде дожд за твоето семе со кое ја засејуваш земјата, и ќе даде земјата да ти роди леб, хранлив леб, кој заситува. Во тој ден твојот добиток ќе пасе на пространо пасиште“ (Иса. 30:23).

18, 19. а) Што ќе значи за тебе пророштвото од Исаија 65:20-22? б) Во која смисла нашите денови ќе бидат „како деновите на дрвото“?

18 Денес многу луѓе можат само да сонуваат за сопствен дом или за работа што ги исполнува и им причинува радост. Во овој расипан свет, мнозина мораат да работат долго и напорно за едвај некако да врзат крај со крај, додека алчните и богати поединци ги жнеат плодовите од нивниот труд. Замисли како ќе изгледа животот на целата Земјина топка кога ќе се исполни ова пророштво: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема тие да градат, а некој друг да живее во нив, нема тие да садат, а некој друг да го јаде нивниот род. Зашто, деновите на мојот народ ќе бидат како деновите на дрвото, и моите избраници ќе уживаат во плодовите на своите раце“ (Иса. 65:20-22).

19 Во која смисла нашите денови „ќе бидат како деновите на дрвото“? Дали се исполнуваш со восхит кога, стоејќи во подножјето на некое огромно дрво, размислуваш колку долго постои тоа? Веројатно стоело таму со години пред да се роди дури и твојот прадедо! Можеби низ главата ќе ти прелета мисла дека тоа дрво сигурно ќе те надживее ако останеш во сегашната несовршена состојба, и ќе продолжи да постои и спокојно да ги шири своите гранки дури и откако ќе исчезне споменот за тебе. Колку е утешно што Јехова нѐ уверува дека во рајот и нашите години ќе бидат бројни и спокојни! (Пс. 37:11, 29). Всушност, ќе дојде време кога дури и долговечните дрвја ќе ни се чинат минливи и краткотрајни како да се трева — тие ќе никнуваат и ќе исчезнуваат, а ние ќе живееме во сета вечност!

20. Како верните поданици на Царството ќе станат совршено здрави?

20 Совршено здравје. Денес, болестите и смртта се надвиваат како злокобна сенка над целото човештво. Во некоја смисла, сите ние сме болни — заразени со смртоносниот вирус наречен грев. Единствениот лек е Христовата откупна жртва (Рим. 3:23; 6:23). Во текот на илјадагодишното владеење, на темел на таа жртва, Исус и неговите совладетели постепено ќе ги отстранат од верните луѓе сите траги на гревот и несовршеноста. Тогаш и дословно ќе се исполни следново пророштво на Исаија: „Никој од жителите нема да рече: ,Болен сум‘. На народот што живее таму ќе му биде простен неговиот престап“ (Иса. 33:24). Замисли си свет во кој никој не е слеп, глув или сакат! (Прочитај Исаија 35:5, 6.) Исус ќе им стави крај на сите физички и душевни болести, и ќе ги излекува сите емоционални рани. Верните поданици на Царството ќе бидат совршено здрави!

21. Што ќе се случи со смртта, и зошто тоа ветување е утешно?

21 А што ќе се случи со смртта, која е чест исход на болестите и неизбежна последица на гревот? Таа е нашиот „последен непријател“ на кој порано или подоцна му подлегнуваат сите несовршени луѓе (1. Кор. 15:26). Но, дали смртта е непобедлив непријател и за Јехова? Забележи што претскажал Исаија: „[Бог] ќе ја уништи смртта засекогаш и Севишниот Господар Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице“ (Иса. 25:8). Можеш ли да си го замислиш тоа? Повеќе нема погреби и гробишта, и никој не рони солзи од тага и болка! Наместо тоа, по нашите лица ќе потечат солзи радосници кога Јехова ќе го исполни своето прекрасно ветување и ќе ги врати мртвите во живот! (Прочитај Исаија 26:19.) Конечно ќе зацелат сите рани што смртта им ги нанела на безброј луѓе.

22. Што ќе се случи кога месијанското Царство во потполност ќе ја изврши Божјата волја со Земјата?

22 До крајот на илјадагодишното владеење, Царството во потполност ќе ја изврши Божјата волја со Земјата, и Христос ќе му ја предаде власта на својот Татко (1. Кор. 15:25-28). Човештвото, кое било доведено до совршенство, ќе биде спремно за последниот испит кога Сатана ќе биде пуштен од бездната. На крајот, Христос ќе ја смачка главата на таа злобна Змија и ќе ги уништи сите што ќе застанат на нејзина страна (1. Мој. 3:15; Отк. 20:3, 7-10). Но, оние што од љубов ќе му останат верни на Јехова ги очекува светла иднина. Тие ,ќе ја добијат славната слобода на Божјите деца‘ (Рим. 8:21). Зарем има поубав опис за овој прекрасен дар што им го ветил Јехова?

Царството ќе ги исполни сите Јеховини ветувања во врска со луѓето и со Земјата

23, 24. а) Зошто сме сигурни дека Божјите ветувања ќе се исполнат? б) Што си решен да правиш уште денес?

23 Овие ветувања не се само пусти желби, надежи или сништа. Тие сигурно ќе се исполнат! Зошто сме толку уверени во тоа? Сети се на зборовите на Исус кои ги разгледавме во првото поглавје од оваа книга. Тој ги поучил своите следбеници да му се молат на Јехова со следниве зборови: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Мат. 6:9, 10). Божјето Царство не е плод на нечија фантазија. Тоа е реалност и денес владее на небото. Веќе сто години, Царството ги исполнува Јеховините ветувања, и ова јасно се гледа во христијанското собрание. Затоа, може да бидеме сигурни дека сѐ што наумил Јехова ќе се оствари кога Божјето Царство ќе дојде и целосно ќе завладее со Земјата!

24 Ние знаеме дека Божјето Царство ќе дојде, и уверени сме дека секое Јеховино ветување ќе се исполни. Зошто? Затоа што БОЖЈЕТО ЦАРСТВО ВЕЌЕ ВЛАДЕЕ! Но, добро е секој од нас да се праша: ,Дали јас се подложувам на неговата власт?‘ Да дадеме сѐ од себе да живееме како лојални поданици на Божјето Царство уште денес, за да ги жнееме благословите од неговото совршено и праведно владеење во сета вечност!