Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 5

Каде и кога се родил Исус

Каде и кога се родил Исус

ЛУКА 2:1-20

  • ИСУС СЕ РОДИЛ ВО ВИТЛЕЕМ

  • ОВЧАРИТЕ ГО ПОСЕТИЛЕ БЕБЕТО ИСУС

По наредба на цезарот Август, императорот на Римското Царство, секој човек требало да се попише. Затоа Јосиф и Марија морало да се вратат во родното место на Јосиф, градот Витлеем, кој се наоѓал јужно од Ерусалим.

Витлеем бил преполн со луѓе што дошле да се попишат. Единственото место што Јосиф и Марија го нашле за да преноќат било една штала. Таму, на истото место каде што се чувале магариња и други животни, се родил Исус. Марија го повила Исус и го ставила во јаслите, каде што се ставало храна за животните.

Несомнено, Бог бил оној што го поттикнал цезарот Август да донесе закон за попис на населението. Зошто? За да може Исус да се роди во Витлеем, родниот град на неговиот предок, цар Давид. Уште одамна, во Библијата било проречено дека токму таму ќе се роди ветениот Владетел (Михеј 5:2).

Ноќта кога се родил Исус е од посебно значење. Една група овчари, кои со стадата ноќевале надвор во полињата, ги облеала блескава светлина. Библијата вели дека ‚Јеховината слава блеснала околу нив‘. Еден Божји ангел им рекол: „Не плашете се! Еве, ви објавувам добра вест за една голема радост за сите луѓе, бидејќи денес во Давидовиот град ви се роди Спасител — Христос, Господарот. А ова ви е знакот: ќе најдете дете повиено и положено во јасли“. Одеднаш, се појавиле и многу други ангели кои го фалеле Бог со зборовите: „Слава на Бог во висините, а на земјата мир меѓу луѓето што му се по волја!“ (Лука 2:9-14).

Кога ангелите си заминале, овчарите си рекле еден на друг: „Да појдеме во Витлеем и да го видиме тоа што Јехова ни објави дека се случило“ (Лука 2:15). Веднаш тргнале за Витлеем и го пронашле Исус точно таму каде што ангелот им кажал дека ќе биде. Кога овчарите раскажале што им рекол ангелот, сите биле восхитени. Овие зборови останале во сеќавањето на Марија и таа продолжила да размислува за нив.

Денес, многу луѓе веруваат дека Исус се родил на 7 јануари. Но, на подрачјето на Витлеем, јануари е студен и дождлив месец. Понекогаш дури паѓа и снег. Во тоа време од годината, овчарите сигурно не би ноќевале со своите стада под ведро небо. Освен тоа, мала е веројатноста дека римскиот император би барал од народот, кој и онака бил склон да се бунтува против неговата власт, да патува среде зима за да се попише. Според тоа, Исус најверојатно бил роден во октомври.