Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 9

Детството на Исус во Назарет

Детството на Исус во Назарет

МАТЕЈ 13:55, 56; МАРКО 6:3

  • СЕМЕЈСТВОТО НА ЈОСИФ И МАРИЈА СЕ ЗГОЛЕМИЛО

  • ИСУС НАУЧИЛ ЗАНАЕТ

Исус пораснал во Назарет, еден мал и не толку познат град. Ова гратче се наоѓало на север, во планинскиот предел на подрачјето Галилеја, западно од едно големо езеро наречено Галилејско Море.

Јосиф и Марија дошле од Египет во Назарет кога Исус најверојатно имал околу две години. По сѐ изгледа, во тој период Јосиф и Марија немале други деца. Подоцна, се родиле полубраќата на Исус — Јаков, Јосиф, Симон и Јуда. Јосиф и Марија имале и ќерки, кои му биле полусестри на Исус. Значи, Исус имал најмалку шест помали браќа и сестри.

Освен тоа, Исус имал и роднини. Веќе ги спомнавме Елисавета и нејзиниот син, Јован, кои живееле во Јудеја, во најјужниот дел на земјата. Многу поблизу, во Галилеја, живеела Салома, која веројатно била сестра на Марија, односно тетка на Исус. Мажот на Салома се викал Зеведеј. Нивните два сина, Јаков и Јован, веројатно му биле први братучеди на Исус. Не знаеме дали Исус како дете често се дружел со нив, но подоцна тие биле многу блиски со него и станале негови апостоли.

Јосиф морал напорно да работи за да го издржува своето големо семејство. Тој бил дрводелец. Јосиф го чувал Исус како свое дете, па затоа Исус го викале и „синот на дрводелецот“ (Матеј 13:55). Јосиф му го пренел својот занает на Исус, кој многу добро го научил. Ништо чудно што луѓето подоцна и него почнале да го викаат „дрводелецот“ (Марко 6:3).

Најважното нешто во семејството на Јосиф било обожавањето на Јехова. Послушни на Божјиот закон, тој и Марија ги поучувале своите деца за духовни работи кога ‚седеле во својата куќа и кога оделе по пат, кога легнувале и кога станувале‘ (5. Мојсеева 6:6-9). Во Назарет имало синагога, и Јосиф без сомнение редовно го носел своето семејство таму за да учат за Бог и да го слават. Во Библијата пишува дека Исус ‚според својот обичај влегол во синагогата во саботен ден‘ (Лука 4:16). Освен тоа, семејството многу им се радувало и на патувањата до Јеховиниот храм во Ерусалим, каде што оделе трипати годишно.