Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 18

Улогата на Јован се намалила, а на Исус се зголемила

Улогата на Јован се намалила, а на Исус се зголемила

МАТЕЈ 4:12; МАРКО 6:17-20; ЛУКА 3:19, 20; ЈОВАН 3:22 — 4:3

  • УЧЕНИЦИТЕ НА ИСУС КРШТАВАЛЕ

  • ЈОВАН КРСТИТЕЛ БИЛ ЗАТВОРЕН

Откако пролетта 30 год. од н.е. ја прославиле Пасхата, Исус и неговите ученици си заминале од Ерусалим. Но, не се вратиле дома, во Галилеја, туку отишле во јудејскиот крај, каде што крстиле многу луѓе. И Јован крштавал веќе околу една година, а некои од неговите ученици сѐ уште биле со него, веројатно покрај реката Јордан.

Иако самиот Исус не крстил никого, на своите ученици им рекол да го прават тоа. Во тој период од неговата служба, и тој и Јован ги поучувале Евреите кои се каеле поради гревовите што ги направиле против Божјиот закон (Дела 19:4).

Но, учениците на Јован станале љубоморни, па затоа му се пожалиле: „Оној што беше со тебе [Исус]... крштава и сите одат кај него“ (Јован 3:26). Но, Јован не бил љубоморен. Тој се радувал на успехот на Исус, и сакал да се радуваат и неговите ученици. Затоа ги потсетил: „Самите вие сте ми сведоци дека реков: ‚Јас не сум Христос, туку сум испратен пред него‘“. Потоа им кажал една споредба што им помогнала да го разберат тоа: „Кој ја има невестата, тој е младоженецот. А пријателот на младоженецот, кога стои и го слуша, многу се радува поради гласот на младоженецот. Така и јас се радувам, и мојата радост е потполна“ (Јован 3:28, 29).

Неколку месеци пред тоа, Јован Крстител, како пријател на младоженецот, се радувал што можел да им го претстави Исус на своите ученици. Некои од нив веќе го следеле Исус и подоцна биле помазани со свет дух. Но, Јован сакал и учениците што во тој момент биле со него да станат следбеници на Исус. Всушност, неговата улога била да го подготви патот за Христос. Јован објаснил: „Тој мора да расте, а јас мора да се смалувам“ (Јован 3:30).

Еден друг Јован, кој тогаш веќе бил следбеник на Исус, подоцна напишал од каде потекнувал Исус и колку важна улога имал во спасението на човештвото: „Кој доаѓа одозгора, тој е над сите останати... Таткото го сака Синот и сѐ предаде во неговите раце. Кој верува во Синот, има вечен живот. Кој не му е послушен на Синот, нема да види живот, туку Божјиот гнев останува врз него“ (Јован 3:31, 35, 36). Колку било важно луѓето да го знаат тоа!

Кратко откако Јован Крстител објаснил дека неговата улога ќе биде сѐ помала, цар Ирод го уапсил. Тоа го направил затоа што се оженил со Иродијада, жената на неговиот полубрат Филип, а Јован јавно ја осудил неговата прељуба. Кога Исус слушнал дека Јован бил затворен, со своите ученици ‚се повлекол во Галилеја‘ (Матеј 4:12; Марко 1:14).