Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 43

Споредби за Царството

Споредби за Царството

МАТЕЈ 13:1-53; МАРКО 4:1-34; ЛУКА 8:4-18

  • ИСУС КАЖАЛ ПОВЕЌЕ СПОРЕДБИ ЗА ЦАРСТВОТО

Кога ги прекорил фарисеите, Исус веројатно се наоѓал во Капернаум. Истиот ден подоцна, излегол од куќата и отишол близу Галилејското Море, каде што се собрал голем број луѓе. Исус влегол во еден чамец, се оддалечил од брегот и почнал да го поучува народот за небесното Царство. Тој кажал повеќе споредби кои луѓето можеле лесно да ги разберат, затоа што во нив станувало збор за работи од секојдневниот живот. Така до нив полесно можеле да допрат поуките за Царството.

Најпрво, Исус кажал споредба со еден сејач кој сеел семе. Дел од семето паднал покрај патот, и птиците го исколвале. Друг дел паднал на каменито место, каде што немало доволно земја, и бидејќи коренот бил мал растението веднаш се исушило на сонцето. А дел од семето паднал меѓу трња, кои ги задушиле младите стебленца. Но, дел од семето паднал на добра земја и почнал да дава плод. Тоа семе дало многу плод, „едното сто, другото шеесет, а третото, пак, триесет пати повеќе од посеаното“ (Матеј 13:8).

Во една друга споредба, Исус го споредил Царството со човек што сеел семе. Без разлика дали човекот спиел или бил буден, семето си растело, иако тој ‚не знаел како‘ (Марко 4:27). Семето пораснало само од себе и родило плод, кој човекот можел да го собере.

Потоа Исус кажал трета споредба, повторно поврзана со сеење семе. Еден човек посеал добро семе, но ‚додека луѓето спиеле‘ еден непријател посеал какол меѓу пченицата. Робовите го прашале човекот дали да го искорнат каколот. Тој им одговорил: „Не, за да не се случи, собирајќи го каколот, да ја откорнете со него и пченицата. Нека растат двете заедно до жетвата, а во времето на жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови за да се изгори, а потоа соберете ја пченицата во мојот амбар“ (Матеј 13:24-30).

Мнозина од оние што го слушале Исус знаеле доста околу земјоделството. Затоа тој го спомнал малото синапово зрно, кое им било познато на многумина. Од тоа семе растело толку големо дрво што на неговите гранки можеле да живеат птици. За тоа семе, Исус рекол: „Со царството небесно е како со синапово зрно, кое човек го зеде и го посеа на својата нива“ (Матеј 13:31). Исус немал намера да држи предавање по ботаника. Целта му била сликовито да претстави на кој начин нешто многу мало може да порасне во нешто многу големо.

Потоа Исус спомнал нешто што било познато во многу домаќинства. Тој го поврзал небесното Царство со „квасец што го зема жена и го замесува со три големи мери брашно“ (Матеј 13:33). Иако квасецот не можел да се види, го зафаќал секој дел од тестото и правел тоа да порасне. На крајот било очигледно дека тестото пораснало, но не било јасно како настанала промената.

Откако ги кажал тие споредби, Исус го отпуштил народот и се вратил во куќата во која престојувал. Набрзо потоа, кај него дошле неговите ученици за да им објасни што значеле сите тие споредби.

ЗНАЧЕЊЕТО НА СПОРЕДБИТЕ НА ИСУС

На учениците не им било првпат да слушнат споредби од Исус, но никогаш претходно не кажал толку многу одеднаш. Затоа го прашале: „Зошто им зборуваш со споредби?“ (Матеј 13:10).

Една причина зошто Исус кажувал споредби е бидејќи тоа било проречено во Библијата. Матеј запишал: „Секогаш им зборуваше со споредби, за да се исполни она што беше кажано преку пророкот: ‚Ќе ја отворам својата уста со споредби, ќе го објавувам она што е скриено од настанувањето на светот‘“ (Матеј 13:34, 35; Псалм 78:2).

Но, Исус кажувал споредби и од друга причина — за да открие што има во срцето на луѓето. Поголемиот број луѓе го слушале Исус само затоа што раскажувал интересни приказни и правел чуда. Во него не гледале Водач кого би требало несебично да го следат и да му служат (Лука 6:46, 47). Тие не сакале неговата порака да влијае на нив во толкава мера што поради неа ќе морало да си ги сменат ставовите и начинот на живот. Едноставно, не сакале пораката да ги допре толку длабоко.

Поради тоа, на своите ученици Исус им одговорил: „Затоа им зборувам со споредби, зашто гледаат, без да видат, и слушаат, без да чујат, и не разбираат. И на нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: ‚...срцето на овој народ е неприемливо‘“ (Матеј 13:13-15; Исаија 6:9, 10).

Но, тоа не важело за сите. Исус додал: „Среќни се вашите очи, бидејќи гледаат, и вашите уши, бидејќи слушаат. Зашто, вистина, ви велам, многу пророци и праведници сакаа да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат тоа што вие го слушате, но не го чуја“ (Матеј 13:16, 17).

Срцата на дванаесетте апостоли и другите верни ученици биле спремни да прифаќаат поуки. Затоа Исус им рекол: „Вам ви е дадено да ги разберете светите тајни на царството небесно, но ним не им е дадено“ (Матеј 13:11). Бидејќи тие сакале да ги разберат неговите поуки, Исус им објаснил што значела споредбата за сејачот.

„Семето е речта Божја“, рекол Исус (Лука 8:11). А почвата била срцето. Овие две работи биле клучот за да се разбере значењето.

За семето што паднало покрај патот, Исус рекол: „Потоа доаѓа Ѓаволот и ја одзема речта од нивните срца за да не веруваат и да не бидат спасени“ (Лука 8:12). Каменитото место на кое паднало семето биле срцата на луѓето кои со радост ја прифаќале Божјата Реч, но немале корен во себе. ‚Кога ќе дошло до неволја или прогонство поради речта‘, тие веднаш се спрепнувале. „Во време на искушение“, на пример кога ќе доживееле противење од семејството или од некој друг, тие се откажувале (Матеј 13:21; Лука 8:13).

А на кого се однесувало семето кое паднало меѓу трње? Исус им кажал на учениците дека тоа биле оние што ја слушале речта. Но, нив ги одвлекувале „грижите од овој свет и примамливото богатство“ (Матеј 13:22). Тие луѓе го имале во себе семето на вистината, но тоа било задушено и не можело да роди плод.

На крајот, Исус зборувал за семе што било посеано на добра почва. Тоа биле оние луѓе кои, откако ќе ја чуеле пораката за Царството, од срце ја прифаќале и го разбирале нејзиното значење. Кој бил резултатот? Тие ‚донесувале плод‘. Поради нивните различни околности, на пример поради годините или здравјето, сите не можеле да донесат ист плод. Некои давале сто, други шеесет, а трети, пак, триесет пати повеќе од посеаното. Според тоа, Бог ги благословува „оние што ја слушаат речта со чисто и добро срце, па ја задржуваат и истрајно донесуваат плод“ (Лука 8:15).

Овие зборови сигурно им оставиле голем впечаток на учениците на Исус кои побарале да им ги објасни своите учења. Тие многу подлабоко ги разбрале неговите споредби. Исус сакал добро да ги разберат за да можат и тие да им ја пренесуваат вистината на другите. „Се донесува ли светилка за да се стави под кошница или под кревет?“, прашал тој. „Зарем не се донесува за да се стави на светилник?“ Затоа ги поттикнал: „Кој има уши да слуша, нека слуша“ (Марко 4:21-23).

ДРУГИ ВРЕДНИ ПОУКИ

Откако Исус им ја објаснил на учениците споредбата со сејачот, тие сакале да дознаат повеќе. Затоа му рекле: „Објасни ни ја споредбата за каколот на нивата“ (Матеј 13:36).

Со тоа покажале дека нивниот став многу се разликувал од ставот на останатите што го слушале на брегот. Другите луѓе ги слушнале споредбите, но немале желба да дознаат што значеле и како можеле да се применат. Доволно им било тоа што слушнале неколку интересни споредби. Исус кажал колкава разлика имало меѓу нив и учениците кои биле жедни за знаење така што рекол:

„Внимавајте на ова што го слушате. Со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери, и уште ќе ви се додаде“ (Марко 4:24). Учениците внимателно слушале кога Исус зборувал. Тие со искрен интерес им посветиле целосно внимание на неговите учења, а за возврат добиле уште повеќе поуки и стекнале подлабоко разбирање. Бидејќи учениците го прашале Исус што значела споредбата за пченицата и каколот, тој им објаснил:

„Сејачот на доброто семе е Синот човечки, нивата е светот, доброто семе се синовите на царството, каколот се синовите на Злобниот, а непријателот што го посеа е Ѓаволот. Жетвата е свршетокот на овој поредок, а жетварите се ангелите“ (Матеј 13:37-39).

Откако кажал што значат сите работи од споредбата, Исус опишал и каков ќе бил крајниот резултат. Тој рекол дека на свршетокот на поредокот, жетварите, односно ангелите, ќе го одвојат каколот, односно лажните христијани, од „синовите на царството“. Тогаш „праведниците“ ќе биле собрани и на крајот ќе светеле како сонце „во царството на својот Татко“. А што ќе се случело со „синовите на Злобниот“? Тие ‚ќе плачеле и ќе чкртале со забите‘ поради тоа што требало да бидат уништени (Матеј 13:41-43).

Искрениот интерес на учениците Исус го наградил со уште три други споредби. Првата споредба била: „Со царството небесно е како со богатство скриено во нива, кое човек го нашол и го скрил. Потоа од радост оди и продава сѐ што има, па ја купува таа нива“ (Матеј 13:44).

Потоа продолжил: „Со царството небесно е како со трговец што патува барајќи убави бисери. Штом ќе најде еден скапоцен бисер, оди и веднаш продава сѐ што има и го купува“ (Матеј 13:45, 46).

Со тие две споредби, Исус сакал да истакне колку е важно спремно да се прават жртви за нешто што е многу вредно. Трговецот спремно продал ‚сѐ што имал‘ само за да добие еден бисер со голема вредност. Учениците на Исус добро знаеле што сакал да каже со споредбата за тој скапоцен бисер. А човекот што нашол богатство скриено во една нива ‚продал сѐ што имал‘ за да ја купи таа нива. И во двете споредби, на располагање стоело нешто со непроценлива вредност, нешто што вредело да се добие по секоја цена. Тоа било слично на жртвите што некој требало да ги направи за да ги задоволи своите духовни потреби (Матеј 5:3). Некои од оние што ги слушале овие споредби веќе покажале дека се спремни да жртвуваат важни работи само за да ги задоволат своите духовни потреби и да бидат следбеници на Исус (Матеј 4:19, 20; 19:27).

На крај, Исус го споредил небесното Царство со мрежа во која се собирале разни риби (Матеј 13:47). Кога требало да се одвојат рибите, добрите се ставале во садови а лошите се фрлале. Исус рекол дека така ќе било и на свршетокот на овој поредок — ангелите ќе ги одвоеле злобните од праведните.

Кога ги повикал своите први ученици да бидат „рибари на луѓе“, на некој начин и самиот Исус рибарел во духовен поглед (Марко 1:17). Но, Исус рекол дека споредбата со мрежата ќе се исполни „на свршетокот на овој поредок“ (Матеј 13:49). Апостолите и другите ученици можеле да заклучат дека во иднина ќе се случувале интересни работи.

Некои од оние кои ги чуле споредбите што Исус ги кажал од чамецот биле додатно наградени. Исус ‚на своите ученици сѐ им објаснувал кога бил насамо со нив‘ (Марко 4:34). Тој бил ‚како човек, домаќин, кој од својата ризница изнесувал ново и старо‘ (Матеј 13:52). Исус не ги кажал тие споредби за да се истакне како учител. Едноставно сакал со своите ученици да ја сподели вистината, која била како скапоцено богатство. Исус навистина бил најдобриот учител!