Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 45

Моќ над демоните

Моќ над демоните

МАТЕЈ 8:28-34; МАРКО 5:1-20; ЛУКА 8:26-39

  • ИСУС ГИ ИСПРАТИЛ ДЕМОНИТЕ ВО СВИЊИ

Откако учениците стигнале на брегот по она што го преживеале на морето, ги чекала уште една непријатна случка. Двајца разбеснети мажи во кои биле влезени демони излегле откај гробиштата што се наоѓале во близина и се упатиле кон Исус. Едниот од нив веројатно бил понасилен од другиот и бил подолго време под влијание на демоните, па затоа привлекол поголемо внимание.

Тој кутар човек немал никаква облека на себе. Дење и ноќе ‚викал по гробовите и по ридовите и се удирал со камења‘ (Марко 5:5). Бил толку насилен што луѓето се плашеле да поминат по патот близу гробиштата. Некои се обидувале да го врзат, но тој ги кинел синџирите и ги кршел оковите од нозете. Никој не можел да го скроти.

Кога човекот му пристапил на Исус и паднал пред него, демоните што биле во него го натерале да вика: „Што имам јас со тебе Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога да не ме мачиш!“ Исус покажал дека има власт над демоните кога рекол: „Нечист духу, излези од овој човек!“ (Марко 5:7, 8).

Всушност, овој човек бил обземен од повеќе демони. Кога Исус го прашал: „Како се викаш?“, одговорот бил: „Името ми е Легија, зашто сме многу“ (Марко 5:9). Една римска легија ја сочинувале илјадници војници. Тоа значи дека во човекот се собрале многу демони кои се изживувале со него. Тие го молеле Исус „да не им заповеда да одат во бездната“. Очигледно, знаеле што ги чека и нив и нивниот водач, Сатана (Лука 8:31).

Недалеку паселе околу две илјади свињи, кои според Законот биле нечисти животни, и затоа Евреите не смееле дури ни да ги чуваат. Демоните му рекле на Исус: „Испрати нѐ во свињите, да влеземе во нив“ (Марко 5:12). Исус им го дозволил тоа, и тие влегле во нив. Тогаш сите две илјади свињи јурнале преку стрмната карпа и се удавиле во морето.

Свињарите брзо отишле и го раскажале тоа низ целиот град и околината. Луѓето веднаш тргнале кон местото за да видат што се случило. Кога стигнале, виделе дека на човекот од кој излегле демоните му се вратил разумот. Дури бил облечен и седел до нозете на Исус.

На луѓето не им било јасно што значело тоа што се случило и ги фатил голем страв. Затоа, го молеле Исус да си замине од нивното место. Додека Исус се качувал на чамецот за да си замине оттаму, човекот кој претходно бил обземен од демони почнал да го моли да му дозволи да појде со него. Но, Исус му рекол: „Оди си дома кај своите роднини и раскажи им за сѐ што направи Јехова за тебе и како ти се смилува“ (Марко 5:19).

Обично, на луѓето што ќе ги излекувал Исус им велел никому да не кажуваат за тоа. Тој не сакал другите да доаѓаат до заклучоци за него на темел на сензационални извештаи за неговите чуда. Но, овојпат со причина направил исклучок бидејќи тој човек можел да им сведочи на луѓе што веројатно немало да имаат можност да го видат Исус. Освен тоа, така ќе бил во можност да ги побие негативните гласини што можело да се појават поради загубата на свињите. Човекот заминал, и по целото подрачје на Декаполис почнал да раскажува што направил Исус за него.