Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 53

Владетел кој има моќ над природните сили

Владетел кој има моќ над природните сили

МАТЕЈ 14:22-36; МАРКО 6:45-56; ЈОВАН 6:14-25

  • ЛУЃЕТО САКАЛЕ ДА ГО ПОСТАВАТ ИСУС ЗА ЦАР

  • ИСУС ОДЕЛ ПО ВОДА И ГО СМИРИЛ ВЕТРОТ

Тоа што Исус со чудо нахранил илјадници, оставило длабок впечаток врз луѓето. Заклучиле дека тој ‚сигурно бил пророкот што требало да дојде во светот‘, односно Месијата, и дека би бил идеален владетел (Јован 6:14; 5. Мојсеева 18:18). Затоа имале намера да го постават за цар, макар и сосила.

Но, Исус сфатил кој бил нивниот план. Затоа го отпуштил народот, а на учениците им рекол повторно да се качат во чамецот. Оттаму, преку Витсаида тие се упатиле кон Капернаум. А Исус се повлекол во гората за да биде сам и за да се моли во текот на ноќта.

Кратко предзори, под светлината на месечината, Исус од далеку го забележал чамецот. Силниот ветар подигнал големи бранови, а учениците ‚се мачеле веслајќи, бидејќи пловеле спроти ветрот‘ (Марко 6:48). Исус слегол од гората и тргнал кон нив одејќи по разбрануваното море. Дотогаш, чамецот веќе бил оддалечен од „пет до шест километри“ од брегот (Јован 6:19, фуснота). Кога учениците го виделе Исус, им изгледало како да сака да ги заобиколи, па преплашено извикале: „Ова е привидение!“ (Марко 6:49).

Исус ги успокоил, велејќи им: „Бидете храбри, јас сум! Не плашете се!“ Но, Петар рекол: „Господару, ако си ти, заповедај ми да дојдам кај тебе по водата!“ Исус му одговорил: „Дојди!“ Тогаш Петар излегол од чамецот и почнал да оди по водата кон Исус. Но, кога ја погледнал бурата, се уплашил и почнал да тоне. Затоа извикал: „Господару, спаси ме!“ Исус ја испружил раката, го фатил Петар и му рекол: „Маловерен, зошто се посомнева?“ (Матеј 14:27-31).

Кога Петар и Исус се качиле во чамецот, ветрот стивнал. Апостолите биле зачудени, но зарем требало да бидат? Да сфателе ‚што значело чудото со лебовите‘ кое Исус го направил само неколку часа претходно, кога нахранил илјадници, немало да бидат толку зачудени што можел да оди по вода и да го смири ветрот. Тогаш му се поклониле и рекле: „Навистина, ти си Божји Син“ (Марко 6:52; Матеј 14:33).

По кратко време, стигнале до убавата и плодна генисаретска рамница, јужно од Капернаум. Таму го укотвиле чамецот и слегле на брегот. Луѓето го препознале Исус и почнале да ги носат кај него болните од целото подрачје. Било доволно само да го допрат работ од неговата облека за да оздрават.

Во меѓувреме, мноштвото кое Исус го нахранил со чудо дознало дека тој си заминал оттаму. Затоа, кога близу тоа место пристигнале чамци од Тиверијада, луѓето се качиле во нив и отпловиле кон Капернаум за да го побараат Исус. Кога го нашле, го прашале: „Учителе, кога дојде овде?“ (Јован 6:25). Но, како што ќе видиме, Исус ги прекорил, и тоа со добра причина.