Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 62

Важна поука за понизноста

Важна поука за понизноста

МАТЕЈ 17:22 — 18:5; МАРКО 9:30-37; ЛУКА 9:43-48

  • ИСУС ПОВТОРНО ЈА ПРЕТСКАЖАЛ СВОЈАТА СМРТ

  • ПЛАТИЛ ДАНОК СО ПАРИЧКА ОД УСТАТА НА ЕДНА РИБА

  • КОЈ БИЛ НАЈГОЛЕМ ВО ЦАРСТВОТО

Откако во подрачјето на Цезареја Филипова се преобразил и го излекувал момчето обземено од демон, Исус тргнал за Капернаум. Патувал само со своите ученици, затоа што ‚не сакал никој да дознае за тоа‘ (Марко 9:30). Така имал уште една можност да ги подготви за својата смрт и за делото што тие ќе требало да го вршат. Исус објаснил: „Синот човечки ќе биде издаден и предаден во рацете на луѓето. Тие ќе го убијат, но на третиот ден ќе воскресне“ (Матеј 17:22, 23).

Тоа не требало да ги изненади учениците. Исус веќе им кажал дека ќе биде убиен, иако Петар не сакал да поверува дека ќе се случи такво нешто (Матеј 16:21, 22). Освен тоа, тројца од апостолите виделе кога Исус се преобразил и го слушнале разговорот за неговото „заминување“ (Лука 9:31). Неговите следбеници ‚многу се нажалиле‘ поради она што им го кажал, иако не го разбрале потполно (Матеј 17:23). Сепак, се плашеле да го прашаат нешто повеќе околу тоа.

Кога стигнале во Капернаум, градот каде што Исус најчесто се задржувал во текот на својата служба и кој бил роден град на многу од апостолите, на Петар му пристапиле луѓето што го собирале храмскиот данок. Тие можеби сакале да го обвинат Исус дека не плаќа данок, и затоа му рекле на Петар: „Зарем вашиот учител не плаќа [храмски] данок од две драхми?“ (Матеј 17:24).

„Плаќа“, одговорил Петар. Кога стигнал во куќата, Исус веќе знаел што се случило. Затоа, уште пред самиот Петар да му раскаже за тоа, Исус го прашал: „Што мислиш, Симоне? Од кого земаат давачки или данок земните цареви: од своите синови или од туѓите?“ Петар одговорил: „Од туѓите“. Потоа Исус додал: „Значи, нивните синови се ослободени од данок“ (Матеј 17:25, 26).

Таткото на Исус е Цар на вселената, Богот кој луѓето го обожавале во храмот. Затоа, Божјиот Син не бил законски обврзан да го плаќа храмскиот данок. „Но за да не ги соблазниме“, му рекол Исус на Петар, „оди до морето, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе ја фатиш, отвори ѝ ја устата и ќе најдеш статир [или, тетрадрахма]. Земи го, па дај им го за мене и за себе“ (Матеј 17:27).

Набрзо потоа сите ученици повторно биле заедно и сакале да го прашаат Исус кој бил најголем во Царството. Истите тие луѓе, кои пред кратко време се плашеле да го прашаат Исус за неговата смрт, сега не се плашеле да прашаат каква иднина ги очекува нив лично. Исус знаел за што размислувале. Знаел за што се расправале меѓусебе додека оделе зад него на враќање кон Капернаум. Затоа ги прашал: „За што расправавте по патот?“ (Марко 9:33). Посрамени, учениците молчеле бидејќи се расправале за тоа кој од нив бил најголем. На крајот, апостолите сепак го прашале Исус: „Кој е, всушност, најголем во царството небесно?“ (Матеј 18:1).

Просто е неверојатно дека учениците се расправале за такво нешто откако речиси три години го гледале и го слушале Исус. Но, тие биле несовршени луѓе. Исто така, пораснале во религиозна средина во која било многу важно кој на каква положба е. Освен тоа, пред некое време Исус му ветил на Петар дека ќе му ги даде клучевите на Царството. Дали поради тоа Петар мислел дека е поважен од другите? Можно е и Јаков и Јован да размислувале слично, затоа што го виделе преобразувањето на Исус.

Како и да било, Исус направил нешто за да го исправи нивното погрешно размислување. Повикал едно дете, го ставил меѓу нив и им рекол: „Ако не се преобратите и не станете како деца, нема да влезете во царството небесно. Затоа, кој ќе се понизи како ова дете, тој е најголем во царството небесно. И кој прима едно вакво дете во мое име, ме прима и мене“ (Матеј 18:3-5).

Зар Исус не поучувал на прекрасен начин? Тој не им се налутил на учениците ниту, пак, им рекол дека се алчни или дека сакаат да се истакнат. Наместо тоа, ги поучил со еден пример. Малите деца не си припишуваат себеси никаков статус или положба. Со тоа Исус им покажал на учениците дека и тие треба да научат така да гледаат на себе. На крајот, Исус кажал која била поуката за неговите следбеници: „Оној што меѓу сите вас се однесува како помал, тој е голем“ (Лука 9:48).