Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 76

На ручек кај еден фарисеј

На ручек кај еден фарисеј

ЛУКА 11:37-54

  • ИСУС ГИ ОСУДИЛ ЛИЦЕМЕРНИТЕ ФАРИСЕИ

Додека Исус бил во Јудеја, еден фарисеј го поканил на ручек (Лука 11:37, 38). Пред да почнат да јадат, според обредот фарисеите си ги измиле рацете до лактите. Но, Исус не го направил тоа (Матеј 15:1, 2). Со тој обичај не се прекршувал Божјиот закон, но Бог не барал такво нешто.

Фарисејот бил изненаден кога видел дека Исус не си ги измил рацете според обредот. Исус го забележал тоа и рекол: „Вие фарисеите ги чистите чашата и чинијата однадвор, а однатре сте полни со грабеж и злоба. Неразумни! Зарем оној што ја направи надворешноста, не ја направи и внатрешноста?“ (Лука 11:39, 40).

Исус не сакал да каже дека не треба да се мијат рацете пред јадење, туку го осудил религиозното лицемерие. Фарисеите и другите ритуално си ги миеле рацете, но не си ги миеле своите злобни срца. Затоа Исус им го дал следниов совет: „Како милостина давајте го она што е во внатрешноста и, ете, сѐ друго ќе ви биде чисто“ (Лука 11:41). Колку се вистинити овие зборови! Оној што дава милостина треба да биде поттикнат од срце полно со љубов, а не од желба да ги воодушеви другите со својата наводна праведност.

Исус не сакал да каже дека фарисеите не давале. Тој рекол: „Давате десеттина од нане и седефче и од секоја билка од градината, а не ви е грижа за правдата и љубовта кон Бог! Првото бевте должни да го правите, а другото да не го занемарите“ (Лука 11:42). Според Божјиот закон, Израелците биле должни да даваат десеттина од она што ќе им се родело на нивите (5. Мојсеева 14:22). Тоа вклучувало и нане и седефче, билки со кои се зачинувала храната. Фарисеите внимавале да даваат десеттина дури и од таквите ситни билки, а ги занемарувале Божјите заповеди да постапуваат праведно и да бидат скромни, што било многу поважно според Законот (Михеј 6:8).

Исус продолжил: „Тешко вам, фарисеи, бидејќи ги сакате предните седишта во синагогите и да ве поздравуваат по плоштадите! Тешко вам, бидејќи сте како незабележливи гробови по кои луѓето одат, без да го знаат тоа!“ (Лука 11:43, 44). Луѓето можеле да се сопнат на некој таков гроб и да станат нечисти. Исус ги споредил фарисеите со такви гробови за да покаже дека нивната нечистотија не се забележувала на прв поглед (Матеј 23:27).

Еден човек кој добро го знаел Божјиот закон се пожалил: „Учителе, со тие зборови нѐ навредуваш и нас“. Но, Исус покажал дека ни тие не му помагале на народот. Тој рекол: „Тешко и вам, законици, бидејќи ги товарите луѓето со товари кои се тешки за носење, а самите ниту со еден прст не ги допирате тие товари! Тешко вам, бидејќи им градите гробници на пророците, а вашите прататковци ги убија!“ (Лука 11:45-47).

Товарите што Исус ги спомнал биле обичаите што се пренесувале преку усни преданија и прописите што фарисеите ги додале како толкување на Законот. Тие со ништо не им го олеснувале животот на луѓето. Напротив, упорно ги терале да се придржуваат за работи што им претставувале огромен товар. Нивните предци ги убиле Божјите пророци, од кои првиот бил Авел. И тие се однесувале и постапувале исто како своите прататковци, иако сакале да остават впечаток дека ги почитуваат пророците со тоа што им граделе гробници. Дури сакале да го убијат Божјиот најголем Пророк. Исус рекол дека Бог ќе побара одговорност од тоа поколение. Тоа се случило триесет и осум години подоцна, во 70 год. од н.е.

Исус продолжил: „Тешко вам, законици, бидејќи го зедовте клучот на знаењето! Самите не влеговте, а оние што би сакале да влезат ги спречувате!“ (Лука 11:52). Овие законици требало да ги учат луѓето за Божјата Реч. Наместо да го прават тоа, тие им ја скратувале можноста на луѓето да ја разберат.

Како реагирале фарисеите и книжниците? Кога Исус излегол од куќата, тие почнале жестоко да навалуваат на него и да го опсипуваат со секакви прашања. Но, не го прашувале од желба да научат нешто, туку за да го наведат да каже нешто поради што би можел да биде уапсен.