Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 77

Исус дал совет за богатството

Исус дал совет за богатството

ЛУКА 12:1-34

  • СПОРЕДБАТА ЗА БОГАТИОТ ЧОВЕК

  • ИСУС ЗБОРУВАЛ ЗА ГАВРАНИТЕ И КРИНОВИТЕ

  • ЕДНО „МАЛО СТАДО“ ЌЕ БИЛО ВО ЦАРСТВОТО

Додека Исус бил во куќата на фарисејот, надвор се собрале илјадници луѓе. Кај Исус честопати се собирал многу народ додека бил во Галилеја (Марко 1:33; 2:2; 3:9). Сега, и во Јудеја мнозина сакале да го видат и да го слушнат, сосема спротивно од ставот на фарисеите со кои јадел.

Откако излегол од куќата, Исус најпрво им се обратил на своите ученици: „Чувајте се од фарисејскиот квасец, односно од лицемерство“. Исус ги имал предупредено на истото и пред тоа, но она што го видел додека јадел уште повеќе му потврдило колку било важно да внимаваат на тој совет (Лука 12:1; Марко 8:15). Иако фарисеите можеби успевале да ја прикријат својата злоба под маската на побожноста, тие претставувале опасност и затоа ќе биле разоткриени. Исус објаснил: „Нема ништо скриено, кое нема да биде откриено, ниту тајно, кое нема да се дознае“ (Лука 12:2).

Веројатно многу од луѓето кои се насобрале околу Исус биле Јудејци и ги немале слушнато поуките што ги кажал во Галилеја. Затоа, Исус повторил некои важни мисли што ги имал кажано порано. Тој ги поттикнал оние што го слушале: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, и потоа не можат ништо повеќе да направат“ (Лука 12:4). Потоа, како што правел и во други прилики, им нагласил на своите следбеници колку било важно да имаат доверба дека Бог ќе се грижи за нив. Освен тоа, требало да го признаат Синот човечки и да увидат дека Бог може да им помогне (Матеј 10:19, 20, 26-33; 12:31, 32).

Тогаш еден човек од мноштвото побарал од Исус една услуга: „Учителе, речи му на брат ми да го подели наследството со мене“ (Лука 12:13). Мојсеевиот закон пропишувал дека првородениот син требало да добие двоен дел од наследството, па затоа околу тоа не требало да има никаков спор (5. Мојсеева 21:17). Очигледно, тој човек сакал да добие повеќе од она што му следувало според Законот. Исус со право не сакал да се вмеша. „Човеку, кој ме поставил мене да судам или да делам меѓу вас?“, го прашал (Лука 12:14).

Потоа на сите им го дал следниов совет: „Бидете претпазливи, чувајте се од секаква лакомост, бидејќи, дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Колку и да е богат некој човек, кога-тогаш ќе умре и сѐ ќе остави зад себе. Исус кажал една впечатлива споредба со која го нагласил тој факт и покажал дека најмногу вреди доброто име пред Бог:

„Земјата на еден богат човек роди добро, па размислуваше во себе: ‚Што да направам? Немам каде да ја соберам својата летнина‘. И рече: ‚Вака ќе направам: ќе ги урнам своите амбари и ќе изградам поголеми, па таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра. И ќе си речам себеси: „Имаш насобрано многу добра за многу години. Почивај, јади, пиј и уживај!“‘ Но Бог му рече: ‚Безумнику, ноќеска ќе ти го побараат животот. Тогаш кој ќе го има она што си го собрал?‘ Така бидува со оној што собира богатство за себе, а не е богат пред Бог“ (Лука 12:16-21).

И учениците на Исус и другите што го слушале можеле лесно да паднат во замка неразумно да трупаат богатство. Освен тоа, животните грижи би можеле да им го одвлечат вниманието од службата за Јехова. Затоа, Исус го повторил истиот совет што го кажал една и пол година пред тоа во Проповедта на гората:

„Немојте да бидете загрижени за својот живот, што ќе јадете, или за своето тело, што ќе облечете... Набљудувајте како гавраните ниту сеат ниту жнеат, немаат складови ниту амбари, а сепак Бог ги храни. А колку поскапоцени од птиците сте вие!.. Набљудувајте ги криновите како растат! Ниту се мачат ниту предат, но ви велам, ни Соломон во сета своја слава не беше облечен како еден од нив... Затоа не барајте што ќе јадете и што ќе пиете, и не бидете загрижени... Вашиот Татко знае дека сето тоа ви е потребно... Туку барајте го неговото царство, а ова ќе ви се додаде“ (Лука 12:22-31; Матеј 6:25-33).

Кој ќе го барал Божјето Царство? Исус кажал дека тоа ќе го правело едно „мало стадо“, односно само мал број верни луѓе. Подоцна било откриено дека нивниот број е сто четириесет и четири илјади. Што ќе добиеле тие во иднина? Исус ги уверил: „Волјата на вашиот Татко е да ви го даде царството“. Тие немало да мислат како да стекнат богатство на Земјата кое можеле да го украдат крадци. Наместо тоа, нивното срце ќе копнеело по ‚неисцрпното богатство на небесата‘, каде што ќе владееле заедно со Христос (Лука 12:32-34).