Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 80

Добриот пастир и трлата

Добриот пастир и трлата

ЈОВАН 10:1-21

  • ИСУС ЗБОРУВАЛ ЗА ДОБРИОТ ПАСТИР И ТРЛАТА

Исус сѐ уште бил во Јудеја и го поучувал народот. Во една прилика, тој кажал една споредба со овци и трла — нешто што неговите слушатели лесно можеле да си го претстават. Тоа можеби ги потсетило Евреите на следниве зборови што ги запишал Давид: „Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува. На зелени пасишта ми дава да се одморам“ (Псалм 23:1, 2). А во еден друг псалм, Давид го повикал народот: „Да клекнеме пред Јехова, својот Творец! Зашто, тој е нашиот Бог, а ние сме народот на неговото пасиште“ (Псалм 95:6, 7). Израелците што биле под Законот честопати биле споредувани со стадо овци.

Овие „овци“ биле во трло во таа смисла што биле родени под сојузот на Мојсеевиот закон. Тој Закон служел како ограда која ги одвојувала Евреите од расипаните обичаи на другите народи што не биле во тој сојуз. Но, некои Израелци постапувале лошо со Божјето стадо. Исус рекол: „Вистина, вистина, ви велам, кој не влегува во овчото трло низ вратата, туку се прекачува на некое друго место, тој е крадец и разбојник. А оној што влегува низ вратата е пастирот на овците“ (Јован 10:1, 2).

Луѓето можеби веднаш помислиле на оние што тврделе дека се Месијата, или Христос. Тие биле како крадци и разбојници, и луѓето не требало да ги следат таквите измамници. Наместо тоа, требало да го следат „пастирот на овците“, за кој Исус рекол:

„Нему вратарот му отвора, и овците го слушаат неговиот глас. Тој ги вика своите овци по име и ги изведува. А кога ќе ги изведе сите свои, оди пред нив, и овците одат по него, бидејќи го познаваат неговиот глас. А по туѓинец нема да одат, туку ќе бегаат од него, зашто не го познаваат гласот на туѓинците“ (Јован 10:3-5).

Вратарот, односно Јован Крстител, на симболичните овци што биле под Законот веќе им го претставил Исус како оној што треба да го следат. Некои овци, и во Галилеја и во Јудеја, го препознале гласот на Исус. Каде имал намера ‚да ги изведе‘ Исус овие овци? И што ќе добиеле ако го следеле? Некои од оние што ја чуле споредбата можеби биле зачудени, бидејќи ‚не сфатиле што сакал да им каже со тоа‘ (Јован 10:6).

Исус објаснил: „Вистина, вистина, ви велам, јас сум им врата на овците. Сите што дојдоа пред мене се крадци и разбојници, но овците не ги слушаа. Јас сум вратата. Кој ќе влезе низ мене, ќе биде спасен. Ќе влегува и ќе излегува, и ќе најде пасиште“ (Јован 10:7-9).

Очигледно, Исус зборувал за нешто ново. Сојузот на Законот постоел со векови, и оние што го слушале знаеле дека Исус не е вратата на тој сојуз. Значи, Исус сигурно сакал да каже дека овците што тој ќе ‚ги извел‘ ќе влегле во некое друго трло. Со каква цел?

Исус продолжил да објаснува која била неговата улога: „Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие. Јас сум добриот пастир. Добриот пастир го полага својот живот за овците“ (Јован 10:10, 11). Претходно, Исус ги утешил своите ученици со зборовите: „Не плаши се, мало стадо, зашто волјата на вашиот Татко е да ви го даде царството“ (Лука 12:32). Тоа „мало стадо“ биле оние што Исус ќе ги одвел во ново трло, „за да имаат живот и да го имаат во изобилие“. Колку убав благослов!

Но, Исус им кажал уште нешто. Тој рекол: „И други овци имам, кои не се од ова трло. И нив морам да ги доведам, и тие ќе го слушаат мојот глас, па сите ќе бидат едно стадо со еден пастир“ (Јован 10:16). Тие „други овци“ не биле дел од ‚тоа трло‘. Според тоа, мора да биле дел од некое друго трло, поинакво од ‚малото стадо‘ кое ќе го наследело Царството. Овие две трла ги очекувала различна иднина. Сепак, благословите што ги овозможува Исус ќе ги добијат овците и од двете трла. Тој рекол: „Затоа Таткото ме сака, бидејќи го полагам својот живот“ (Јован 10:17).

Тогаш мнозина од луѓето рекле: „Обземен е од демон и полудел“. Но, други ги заинтересирало она што го чуле и сакале да го следат Добриот Пастир. Тие рекле: „Ова не се зборови на човек обземен од демон. Зар може демон да отвора очи на слепи?“ (Јован 10:20, 21). Тие очигледно мислеле на чудото што Исус го направил кога го излекувал човекот што бил слеп од раѓање.