Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 81

Во која смисла Исус и Таткото биле едно

Во која смисла Исус и Таткото биле едно

ЈОВАН 10:22-42

  • „ЈАС И ТАТКОТО СМЕ ЕДНО“

  • ИСУС ГО ОТФРЛИЛ ОБВИНЕНИЕТО ДЕКА СЕ СМЕТА СЕБЕСИ ЗА БОГ

Исус дошол во Ерусалим за Празникот на посветувањето (или, Ханука). Со овој празник се одбележувало повторното посветување на храмот. Повеќе од еден век пред тоа, сирискиот цар Антиох IV Епифан изградил свој жртвеник врз големиот жртвеник во Божјиот храм. Подоцна, синовите на еден еврејски свештеник повторно го освоиле Ерусалим и му го посветиле храмот на Јехова. Оттогаш, секоја година на 25 кислев, месец што денес се поклопува со периодот од крајот на ноември до почетокот на декември, се одржувала годишна прослава.

Бидејќи било зима, времето било студено и Исус одел по Соломоновиот трем во храмот. Таму го опколиле Евреите и почнале да му велат: „До кога ќе ги држиш нашите души во неизвесност? Ако си ти Христос, кажи ни отворено!“ (Јован 10:22-24). Како реагирал Исус? Тој им одговорил: „Ви кажав, но вие не верувате“. Исус не им кажал отворено дека тој е Христос, како што ѝ кажал на Самарјанката кај бунарот (Јован 4:25, 26). Сепак, им открил кој бил тој со тоа што им рекол: „Пред да се роди Авраам, јас постоев“ (Јован 8:58).

Исус сакал луѓето сами да дојдат до заклучок дека тој е Христос, така што неговите дела ќе ги споредат со она што било проречено за Христос во светите списи. Затоа во други прилики им велел на своите ученици никому да не кажуваат дека тој е Месијата. Но, на овие непријателски настроени Евреи, Исус директно им рекол: „Делата што ги вршам јас во името на мојот Татко, тие сведочат за мене. Но вие не верувате“ (Јован 10:25, 26).

Зошто не верувале дека Исус бил Христос? „Не верувате, бидејќи не сте од моите овци“, им рекол Исус. „Моите овци го слушаат мојот глас, и јас ги знам, и тие одат по мене. Јас им давам вечен живот, па никогаш нема да пропаднат, и никој нема да ги грабне од моите раце. Она што ми го даде мојот Татко е поголемо од сѐ друго.“ Потоа Исус им кажал колку бил близок со својот Татко: „Јас и Таткото сме едно“ (Јован 10:26-30). Бидејќи Исус бил на Земјата, а неговиот Татко на небото, очигледно со тоа не мислел дека тој и Таткото буквално се една личност, туку дека имаат потполно иста намера.

Кога го слушнале тоа, Евреите толку се разлутиле што повторно зеле камења за да го убијат. Но, тоа не го исплашило Исус. Тој им рекол: „Ви покажав многу добри дела од Таткото. За кое од тие дела ме каменувате?“ Тие му одговориле: „Не те каменуваме поради добро дело, туку поради хула, затоа што ти... се правиш бог“ (Јован 10:31-33). Зошто Евреите го обвиниле Исус за такво нешто кога тој никогаш не рекол дека е бог?

Исус велел дека има моќ каква што Евреите сметале дека му припаѓа само на Бог. На пример, за своите „овци“ рекол дека ‚им дава вечен живот‘, нешто што обичен човек не можел да го направи (Јован 10:28). Но, Евреите го занемариле тоа што Исус јасно кажал дека својата моќ ја добил од неговиот Татко.

За да го побие нивното неосновано обвинение, Исус ги прашал: „Зарем не е запишано во вашиот Закон [во Псалм 82:6]: ‚Јас реков: „Богови сте“‘? Ако ги нарече ‚богови‘ оние против кои зборуваше Бог... како тогаш вие му велите на оној кого Таткото го посвети и го испрати во светот: ‚Хулиш‘, затоа што реков: ‚Јас сум Син Божји‘?“ (Јован 10:34-36).

Со оглед на тоа што во светите списи дури и неправедните човечки судии биле наречени „богови“, зар Евреите можеле со право да му замерат на Исус што рекол „Јас сум Син Божји“? Потоа додал нешто што требало уште повеќе да ги увери во тоа: „Ако не ги вршам делата на мојот Татко, немојте да ми верувате. Но ако ги вршам, иако не ми верувате, верувајте им на делата, за да спознаете и да знаете дека Таткото е во единство со мене и јас во единство со Таткото“ (Јован 10:37, 38).

Тогаш Евреите се обиделе да го фатат, но тој повторно им избегал. Си заминал од Ерусалим, ја преминал реката Јордан и дошол на местото каде што Јован, речиси четири години пред тоа, почнал да крштава. Тоа место веројатно се наоѓало близу до јужниот брег на Галилејското Море.

Таму, кај Исус дошле многу луѓе и рекле: „Јован, додуша, не направи ниту едно чудо, но сѐ што рече Јован за овој човек беше вистина“ (Јован 10:41). Така, мнозина поверувале во него.