Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 99

Исус излекувал двајца слепи и отишол кај Закхеј

Исус излекувал двајца слепи и отишол кај Закхеј

МАТЕЈ 20:29-34; МАРКО 10:46-52; ЛУКА 18:35 — 19:10

  • ИСУС ИЗЛЕКУВАЛ ДВАЈЦА СЛЕПИ КАЈ ЕРИХОН

  • ДАНОЧНИКОТ ЗАКХЕЈ СЕ ПОКАЈАЛ

Исус и оние што патувале со него пристигнале во Ерихон, кој бил оддалечен околу еден ден одење од Ерусалим. Изгледа дека градот Ерихон се состоел од два дела — постар и понов. Новиот, односно римскиот дел од градот, бил на растојание од околу еден и пол километар од стариот. Кога Исус и мноштвото што го следело излегле од едниот дел на градот и се приближиле до другиот, двајца слепи питачи слушнале дека настанал некаков метеж. Едниот од нив се викал Вартимеј.

Кога дознале дека поминува Исус, Вартимеј и другиот питач почнале да викаат: „Господару, смилувај ни се, Сине Давидов!“ (Матеј 20:30). Некои од луѓето им велеле да замолкнат, но тие викале уште посилно. Исус слушнал дека некој го вика и застанал. На некои од мноштвото им рекол да ги донесат луѓето што викале. Тие отишле кај питачите и на едниот од нив му рекле: „Биди храбар! Стани, те вика“ (Марко 10:49). Пресреќен, слепиот питач ја фрлил од себе својата наметка, скокнал на нозе и отишол кај Исус.

„Што сакате да ви направам?“, ги прашал Исус двајцата слепи мажи. Тие почнале да го молат: „Господару, нека ни се отворат очите“ (Матеј 20:32, 33). Исус се сожалил и им ги допрел очите, а на едниот од нив му рекол: „Оди, твојата вера те оздраве!“ (Марко 10:52). Од тој момент, слепите питачи прогледале и без сомнение почнале да го слават Бог. Кога видел што се случило, и народот почнал да го фали Бог. Оттогаш, двајцата мажи почнале да го следат Исус.

Додека Исус минувал низ Ерихон, околу него се насобрало големо мноштво луѓе. Сите сакале да го видат оној што им го вратил видот на двајцата слепи луѓе. Бидејќи народот го опкружил Исус од сите страни, некои воопшто не можеле да го видат. Меѓу нив бил и Закхеј, главниот даночник во Ерихон и околината. Поради тоа што бил низок, тој не можел да види што се случувало. Затоа потрчал напред и се качил на некоја дива смоква што растела покрај патот по кој Исус требало да помине. Оттаму можел добро да види сѐ. Кога Исус се приближил и го видел Закхеј на дрвото, му рекол: „Закхеј, слези брзо, зашто денес треба да бидам гостин во твојата куќа“ (Лука 19:5). Закхеј веднаш слегол од дрвото и побрзал дома за да подготви сѐ што требало за својот посебен гостин.

Кога луѓето го виделе тоа, почнале да приговараат. Сметале дека на Исус не му доликувало да биде гостин во куќата на еден таков човек. Закхеј се збогатил на нечесен начин, така што изнудувал пари од луѓето од кои собирал данок.

Кога Исус влегол во куќата на Закхеј, мноштвото почнало да приговара: „Отиде на гости кај грешен човек“. Но, Исус знаел какво срце имал Закхеј и видел дека би можел да се покае. Токму тоа и се случило. Закхеј станал и му рекол на Исус: „Еве, Господару, половината од својот имот ќе им ја дадам на сиромасите, и сѐ што сум изнудил од некого преку лажно обвинение, ќе го вратам четирикратно“ (Лука 19:7, 8).

Закхеј покажал дека навистина се кае. Очигледно на темел на своите записи за даноците можел да пресмета колку точно должи секому, и ветил дека четирикратно ќе му врати. Тоа било дури и повеќе од она што се барало со Божјиот закон (2. Мојсеева 22:1; 3. Мојсеева 6:2-5). Освен тоа, Закхеј ветил дека половина од својот имот ќе им го даде на сиромасите.

Исус бил задоволен од одлуката на Закхеј и му рекол: „Денес дојде спасението на оваа куќа, бидејќи и тој е син Авраамов. Зашто, Синот човечки дојде да го бара и да го спаси она што е загубено“ (Лука 19:9, 10).

Некое време пред тоа, Исус веќе зборувал за нешто „загубено“ кога ја раскажал приказната за загубениот син (Лука 15:11-24). Но, Закхеј бил жив пример на личност што била загубена, а потоа пронајдена. Иако верските водачи и оние што биле на нивна страна му приговарале на Исус што им обрнувал внимание на луѓето како Закхеј, тој и понатаму ги барал загубените синови на Авраам и им помагал да се спасат.