Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 102

Царот влегол во Ерусалим на магаре

Царот влегол во Ерусалим на магаре

МАТЕЈ 21:1-11, 14-17; МАРКО 11:1-11; ЛУКА 19:29-44; ЈОВАН 12:12-19

  • ИСУС ВЛЕГОЛ ВО ЕРУСАЛИМ КАКО ЦАР

  • ГО ПРЕТСКАЖАЛ УНИШТУВАЊЕТО НА ЕРУСАЛИМ

Следниот ден, недела, 9 нисан, Исус заедно со учениците тргнал од Витанија кон Ерусалим. Кога стигнале близу Витфага, на Маслинската Гора, на двајца свои ученици Исус им рекол:

„Појдете во селоно што го гледате пред вас. Веднаш ќе најдете врзана магарица и прле со неа. Одврзете ги и доведете ми ги. Ако некој ви каже нешто, речете: ‚Му требаат на Господарот‘. И веднаш ќе ги пушти“ (Матеј 21:2, 3).

Учениците отпрвин не сфатиле дека упатствата што им ги дал Исус биле поврзани со исполнувањето на едно библиско пророштво. Но, подоцна им станало јасно дека со тоа се исполниле зборовите на пророкот Захарија. Тој претскажал дека ветениот Цар ќе влезе во Ерусалим ‚понизен и јавајќи на магаре — рожба на магарица‘ (Захарија 9:9).

Кога учениците дошле во Витфага и почнале да ги одврзуваат прлето и магарицата, луѓето што стоеле во близина ги прашале: „Зошто го одврзувате магарето?“ (Марко 11:5). Кога слушнале дека животните му требаат на Господарот, ги пуштиле учениците да му ги одведат на Исус. Потоа учениците ги ставиле своите облеки на магарицата и на прлето, но Исус седнал на прлето.

Додека јавал кон Ерусалим, околу Исус почнале да се собираат сѐ повеќе луѓе. Мнозина од нив ги простирале своите облеки по патот по кој Исус требало да помине. Други, пак, ‚зеле зелени гранки што ги насекле во нивите‘ и почнале да го прекриваат патот со нив. Народот извикувал: „Спаси го, те молиме! Благословен е оној што доаѓа во името на Јехова! Благословено е царството на нашиот татко Давид, кое доаѓа“ (Марко 11:8-10). Кога ги слушнале зборовите што ги извикувало мноштвото, фарисеите се разгневиле и му рекле на Исус: „Учителе, прекори ги своите ученици!“ Но, тој им рекол: „Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе викаат“ (Лука 19:39, 40).

Кога се приближил до Ерусалим и го видел градот, Исус заплакал и рекол: „О, барем да спознаеше во овој ден што ти е потребно за да имаш мир! Но сега тоа е скриено од твоите очи“. Ерусалим ќе бил казнет за својата бунтовност и непослушност. Исус прорекол: „Твоите непријатели ќе подигнат околу тебе ограда од зашилени колци, и ќе те опколат, и ќе те притиснат од сите страни. И ќе те срамнат со земјата, тебе и твоите деца во тебе. И нема да остават во тебе ни камен на камен“ (Лука 19:42-44). Токму како што рекол Исус, во 70 год. од н.е. Ерусалим бил потполно уништен.

Кога Исус влегол во Ерусалим, ‚целиот град се раздвижил и прашувал: „Кој е овој?“‘ А народот одговарал: „Ова е пророкот Исус, од Назарет во Галилеја!“ (Матеј 21:10, 11). Луѓето што виделе дека Исус го воскреснал Лазар им кажувале на другите за тоа чудо. Тогаш фарисеите почнале да се жалат меѓу себе дека не успеале да постигнат ништо. Разочарано си велеле: „Светот отиде по него!“ (Јован 12:18, 19).

Откако дошол во Ерусалим, Исус отишол да поучува во храмот, како што правел и обично. Таму му приоѓале слепи и сакати, и тој ги лекувал. Кога главните свештеници и книжниците виделе што правел Исус и кога ги чуле момчињата што во храмот викале „Спаси го, те молиме, Синот Давидов!“, многу се налутиле. На крај го прашале Исус: „Слушаш ли што велат овие?“ Исус им одговорил: „Зарем никогаш не сте читале: ‚Од устата на малите деца и на доенчињата си прибави фалба‘?“ (Матеј 21:15, 16).

Потоа Исус разгледал сѐ наоколу во храмот и бидејќи веќе било доцна си заминал заедно со апостолите. Пред да започне 10 нисан, тие се вратиле во Витанија и таму преноќиле.