Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 110

Последниот ден на Исус во храмот

Последниот ден на Исус во храмот

МАТЕЈ 23:25 — 24:2; МАРКО 12:41 — 13:2; ЛУКА 21:1-6

  • ИСУС ПРОДОЛЖИЛ ДА ГИ ОСУДУВА ВЕРСКИТЕ ВОДАЧИ

  • ХРАМОТ ЌЕ БИЛ УНИШТЕН

  • СИРОМАШНАТА ВДОВИЦА ПУШТИЛА ДВЕ МАЛИ ПАРИЧКИ

Исус за последен пат бил во храмот, каде што на книжниците и на фарисеите им кажал голем број остри осуди и отворено ги нарекол лицемери. Со истиот тон на осуда, тој сликовито ги опишал нивните постапки: „Ги чистите чашата и чинијата однадвор, а однатре се полни со грабеж и неумереност! Слеп фарисеју, исчисти ги чашата и чинијата првин однатре, за да бидат чисти и однадвор“ (Матеј 23:25, 26). Фарисеите совесно се труделе да бидат обредно чисти и обрнувале големо внимание на надворешниот изглед. Но, воопшто не им било важно какви биле однатре и не правеле ништо за, симболично кажано, да си ги исчистат срцата.

Тие биле лицемерни и затоа што ги граделе и ги украсувале гробниците на пророците, а всушност, како што рекол Исус, биле ‚синови на оние што ги убивале пророците‘ (Матеј 23:31). Тоа што сакале да го убијат Исус било доказ дека навистина биле такви (Јован 5:18; 7:1, 25).

Потоа Исус кажал што ги чекало тие верски водачи доколку не се покаеле: „Змии! Змиско легло! Како ќе побегнете од осудата на геената?“ (Матеј 23:33). Геена значи „долината на Еном“. Таа се наоѓала во близина и во неа се фрлало и се палело ѓубриштето. Исус ја спомнал оваа долина за да покаже дека книжниците и фарисеите ги чекало вечно уништување поради нивната злоба.

Учениците требало да го застапуваат Исус како негови ‚пророци, мудреци и учители‘. Како ќе постапувале со нив верските водачи? Исус им рекол: „Некои од [моите ученици] ќе ги убиете и ќе ги приковете на столб, а некои ќе ги искамшикувате по своите синагоги и ќе ги прогонувате од град во град, за да падне врз вас сета праведна крв пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел до крвта на Захарија... кого го убивте“. Потоа Исус предупредил: „Вистина, ви велам, сето ова ќе дојде врз ова поколение“ (Матеј 23:34-36). Тоа се случило во 70 год. од н.е., кога римската војска го уништила Ерусалим и илјадници Евреи го изгубиле животот.

Кога помислил каква страшна неволја го очекува Ерусалим, Исус со тага рекол: „Ерусалиме, Ерусалиме, ти кој ги убиваш пророците и ги каменуваш оние што се испратени кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам твоите деца, како што квачката ги собира своите пилиња под крилјата! Но вие не сакавте. Еве, вашиот дом се напушта и ви се остава вам“ (Матеј 23:37, 38). Луѓето што го слушнале тоа сигурно се прашувале за каков „дом“ зборувал Исус. Дали мислел на величествениот храм во Ерусалим, кој бил под Божја заштита?

Исус додал: „Ви велам, отсега нема да ме видите сѐ додека не речете: ‚Благословен е оној што доаѓа во името на Јехова!‘“ (Матеј 23:39). Тој ги цитирал зборовите од пророштвото запишано во Псалм 118:26, каде што стои: „Благословен е оној што доаѓа во името Јеховино; ве благословуваме од Јеховиниот дом!“ Но, кога храмот ќе бил уништен, никој повеќе немало да оди таму во името на Бог.

Потоа Исус седнал спроти храмските садови за прилози и набљудувал додека луѓето пуштале пари низ малите отвори на врвот. Богатите ‚пуштале многу‘ пари. Тогаш дошла една сиромашна вдовица која пуштила „две парички“ со многу мала вредност (Марко 12:41, 42). Без сомнение, Исус знаел дека Бог многу го ценел нејзиниот дар.

Исус ги повикал учениците и им рекол: „Вистина, ви велам, оваа сиромашна вдовица пушти повеќе од сите што пуштаат пари во садовите за прилози“. Учениците несомнено се прашувале како било можно тоа. Затоа Исус им објаснил: „Сите тие пуштија од својот вишок, а таа од својата немаштија пушти сѐ што имаше за живот“ (Марко 12:43, 44). Колку многу се разликувала таа жена од верските водачи во начинот на кој размислувала и постапувала!

Додека 11 нисан одминувал, Исус излегол од храмот за последен пат. Тогаш еден од учениците извикал: „Учителе, гледај! Какви камења, какви градби!“ (Марко 13:1). Големите камења на храмот му давале цврст и траен изглед. Затоа учениците мора да се зачудиле кога Исус одговорил: „Ги гледаш ли овие величествени градби? Овде нема да биде оставен ниту камен на камен, сѐ ќе биде урнато“ (Марко 13:2).

Потоа Исус и апостолите ја поминале долината Кедрон и се качиле на Маслинската Гора. По некое време, Исус останал насамо со четворица од своите апостоли — Петар, Андреј, Јаков и Јован. Од местото каде што се наоѓале се протегал поглед кон величествениот храм.