Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 111

Апостолите побарале знак

Апостолите побарале знак

МАТЕЈ 24:3-51; МАРКО 13:3-37; ЛУКА 21:7-38

  • ЧЕТВОРИЦА ОД УЧЕНИЦИТЕ ПОБАРАЛЕ ЗНАК

  • ИСПОЛНУВАЊЕ ВО ПРВИОТ ВЕК И ПОДОЦНЕЖНО ИСПОЛНУВАЊЕ

  • МОРА ДА БИДЕМЕ БУДНИ

Било вторник попладне, и 11 нисан полека одминувал. За Исус, претходните неколку дена биле исполнети со многу активности. Преку ден поучувал во храмот, а навечер престојувал надвор од градот. Народот многу ги сакал неговите поуки и затоа ‚доаѓал рано наутро кај него во храмот за да го слуша‘ (Лука 21:37, 38). Сега Исус седел на Маслинската Гора насамо со четворица од неговите апостоли — Петар, Андреј, Јаков и Јован.

Апостолите сакале да го прашаат нешто насамо. Тие биле загрижени бидејќи тој ден Исус прорекол дека од храмот нема да остане ниту камен на камен. Но, тоа не било единственото нешто што ги загрижувало. Пред неколку седмици, Исус им рекол: „Бидете подготвени, бидејќи Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате“ (Лука 12:40). Освен тоа, им зборувал и за „денот кога ќе се појави Синот човечки“ (Лука 17:30). Дали сето тоа било поврзано со она што им го кажал за храмот? Апостолите многу сакале да дознаат нешто повеќе околу тоа. Затоа му рекле на Исус: „Кажи ни кога ќе биде тоа и кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ (Матеј 24:3).

Нивното прашање веројатно се однесувало на уништувањето на храмот кој во тој момент бил пред нивните очи. Исто така, сакале да дознаат нешто повеќе за присутноста на Синот човечки. Можеби во мислите им била споредбата што Исус им ја кажал за ‚човекот со благородничко потекло кој отпатувал во далечна земја за да ја преземе царската власт и потоа да се врати‘ (Лука 19:11, 12). Освен тоа, се прашувале каков ќе биде ‚свршетокот на поредокот‘.

Исус им одговорил така што детално опишал еден знак по кој ќе можеле да препознаат кога Бог потполно ќе ги отфрлел непокајничките Евреи и ќе го уништел храмот. Но, неговиот одговор открил и нешто друго. Тој знак ќе им помогнел на христијаните во иднина да увидат дека живеат во времето на неговата „присутност“ и дека се ближи крајот на целиот злобен свет.

Како што минувале годините, апостолите можеле да видат како течело исполнувањето на пророштвото на Исус. Многу од работите се случиле уште додека тие биле живи. Затоа, кога Ерусалим и неговиот храм биле уништени триесет и седум години подоцна, во 70 год. од н.е., христијаните не биле изненадени. Меѓутоа, до 70 год. од н.е. се исполнил само дел од она што го прорекол Исус. Според тоа, што ќе се случувало во времето кога тој ќе бил присутен како Цар? На своите апостоли, Исус им го открил одговорот на тоа прашање.

Исус прорекол дека ќе има „војни на разни места“ и дека „ќе се крене народ против народ и царство против царство“ (Матеј 24:6, 7). Исто така, кажал дека „ќе има силни земјотреси, а на разни места ќе има смртоносни зарази и глад“ (Лука 21:11). А учениците ги предупредил: ‚Ќе кренат рака на вас и ќе ве прогонуваат‘ (Лука 21:12). Ќе се појавеле многу лажни пророци кои ќе заведувале мнозина. Беззаконието ќе се зголемело и љубовта кај мнозина ќе оладела. Освен тоа, рекол дека „добрата вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).

Иако пророштвото на Исус во одредена мера се исполнило пред и за време на уништувањето на Ерусалим, очигледно требало да има уште едно, поголемо исполнување. Дали ги гледаш доказите дека ова значајно пророштво на Исус главно се исполнува во наше време?

Една работа што Исус ја спомнал кога зборувал за знакот на неговата присутност било дека ќе се појави „гадотијата која пустоши“ (Матеј 24:15). Во 66 год. од н.е., се покажало дека таа ‚гадотија‘ била римската ‚улогорена војска‘, која со себе ги носела своите идолопоклонички обележја, односно знамиња. Таа го опколила Ерусалим и ги поткопала неговите ѕидини (Лука 21:20). Така „гадотијата“ стоела на место каде што не смеела да биде, односно на место што Евреите го сметале за „свето“.

Исус продолжил: „Ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“. Во 70 год. од н.е., Римјаните го уништиле Ерусалим. Разорното уништување на „светиот град“ на Евреите, како и на храмот, претставувало голема неволја во која биле убиени илјадници луѓе (Матеј 4:5; 24:21). Тоа било најголемото уништување што Евреите некогаш го доживеале, и ставило крај на нивниот верски систем кој траел со векови. Според тоа, и поголемото исполнување на пророштвото на Исус ќе имало страшни последици.

„ИСПРАВЕТЕ СЕ И ПОДИГНЕТЕ ГИ ГЛАВИТЕ“

Исус продолжил да зборува со апостолите за знакот на неговата присутност и крајот на злобниот свет. Тој ги предупредил да не ги следат ‚лажните Христоси и лажните пророци‘ кои ќе се обидувале „да ги заведат, ако е можно, и избраните“ (Матеј 24:24). Но, избраните немало да дозволат да бидат заведени, затоа што лажните Христоси ќе можеле да ги видат со свои очи, додека Христовата присутност ќе била невидлива.

Опишувајќи ја поголемата неволја што ќе се случела за време на неговата присутност, Исус рекол: „Сонцето ќе потемни, месечината повеќе нема да свети, ѕвездите ќе паднат од небото и небесните сили ќе се затресат“ (Матеј 24:29). Апостолите не знаеле како точно ќе се исполнеле тие зборови, но им било јасно дека сите што ќе го виделе тоа ќе биле запрепастени.

Како ќе влијаеле тие страшни настани врз човештвото? Исус рекол: „Луѓето ќе губат свест од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто небесните сили ќе се затресат“ (Лука 21:26). Со тие зборови, Исус го опишал најмрачниот период во целата човечка историја.

Но, немало сите да тажат кога ‚Синот човечки ќе дошол со сила и со голема слава‘ (Матеј 24:30). Тој веќе кажал дека Бог ќе преземе нешто „заради избраните“ (Матеј 24:22). Според тоа, како требало да реагираат верните ученици кога ќе се случувале тие ужасни настани? Исус ги охрабрил своите следбеници: „Кога ќе почне да се случува сето тоа, исправете се и подигнете ги главите, бидејќи се приближува вашето избавување“ (Лука 21:28).

Но, како ќе можеле учениците на Исус, кои ќе живееле во времето на неговата присутност, да препознаат дека крајот навистина е близу? Исус кажал споредба со една смоква: „Кога од неа ќе потера гранка и ќе пушти лисја, знаете дека летото е близу. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека Синот човечки е близу, пред вратата. Вистина, ви велам, ова поколение нема да помине додека не се случи сето тоа“ (Матеј 24:32-34).

Според тоа, кога учениците на Исус ќе виделе дека се исполнуваат многуте обележја на проречениот знак, требало да препознаат дека крајот е близу. На учениците кои ќе живееле во тој значаен период, Исус им рекол:

„За тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото. Зашто, како што беше во деновите на Ное, таква ќе биде и присутноста на Синот човечки. Зашто, како што во тие денови пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа, сѐ до денот кога Ное влезе во арката, и не обрнуваа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите, таква ќе биде и присутноста на Синот човечки“ (Матеј 24:36-39). Исус ги потсетил учениците на Потопот од времето на Ное, кој ја зафатил целата Земја.

Апостолите кои биле со Исус на Маслинската Гора несомнено сфатиле колку било важно да останат духовно будни. Исус рекол: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи, па тој ден да ве затече и да ве изненади како замка. Зашто, ќе дојде врз сите што живеат по целата земја. Затоа бидете будни, сесрдно молејќи се за сето време, за да успеете да го избегнете сето ова што треба да се случи и да застанете пред Синот човечки“ (Лука 21:34-36).

Со тоа Исус уште еднаш покажал дека неговото пророштво немало да има само едно исполнување. Настаните што ги прорекол немало да се случуваат само во текот на наредните неколку децении и не се однесувале само на Ерусалим и на Евреите. Тој зборувал за настани што ќе се одразеле врз „сите што живеат по целата земја“.

На своите ученици им рекол дека треба да бидат будни и подготвени. За да покаже колку е важно да го прават тоа, Исус дал уште еден пример: „Едно знајте, кога домаќинот би знаел во која стража ќе дојде крадецот, би останал буден и не би дозволил да му провали во куќата. Затоа и вие бидете подготвени, зашто Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате“ (Матеј 24:43, 44).

Потоа Исус кажал нешто што сигурно ги охрабрило учениците. Ги уверил дека, кога ќе се исполнувало сето она што го прорекол, ќе имало еден „роб“ кој ќе бил духовно буден и активен. Исус тоа го објаснил со еден пример кој апостолите лесно можеле да си го претстават: „Кој е верниот и разборит роб кого неговиот господар го поставил над своите слуги за да им дава храна во вистинско време? Среќен е тој роб ако неговиот господар, кога ќе дојде, го најде да прави така! Вистина, ви велам, ќе го постави над целиот свој имот“. Но, ако тој „роб“ развиел лош став и не постапувал добро со другите, господарот ‚ќе го казнел најстрого‘ (Матеј 24:45-51; спореди со Лука 12:45, 46).

Исус не сакал да каже дека една група од неговите следбеници ќе почнела да прави лоши работи. Тогаш, што сакал да каже? Тој сакал да ги поттикне своите следбеници да останат будни и активни, како што објаснил со уште една споредба.