Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 112

Поука од споредбата со девиците

Поука од споредбата со девиците

МАТЕЈ 25:1-13

  • ИСУС ЈА КАЖАЛ СПОРЕДБАТА ЗА ДЕСЕТТЕ ДЕВИЦИ

Исус го одговорил прашањето на апостолите за знакот на неговата присутност и за свршетокот на поредокот. Продолжувајќи да зборува на истата тема, Исус ги поттикнал на нешто многу важно, повторно преку една споредба. Нејзиното исполнување ќе можеле да го видат оние што ќе живееле за време на неговата присутност.

Споредбата ја започнал со зборовите: „Царството небесно ќе биде како десет девици, кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пречекаат младоженецот. Пет од нив беа глупави, а пет разборити“ (Матеј 25:1, 2).

Исус не сакал да каже дека половина од оние што ќе го наследат Божјето Царство ќе бидат глупави, а половина разборити. Тој сакал да истакне дека секој од неговите ученици може самиот да избере дали спремно ќе го чека неговото Царство или, пак ќе дозволи нешто да му го одвлече вниманието. Се разбира, Исус воопшто не се сомневал дека секој од неговите слуги може да остане верен и да го добие благословот од неговиот Татко.

Десетте девици од споредбата излегле да го пречекаат младоженецот, за потоа да почне свадбата. Тие требало со своите светилки да му го осветлат патот кога ќе дошол, и така да му укажат чест додека ја внесувал невестата во куќата што ја подготвил за неа. Но, што се случило?

Исус објаснил: „Глупавите ги зедоа светилките, но не понесоа со себе масло, а разборитите, пак, заедно со светилките си понесоа и масло во садови. Поради тоа што младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа“ (Матеј 25:3-5). Младоженецот не дошол толку брзо колку што се очекувало. Изгледало дека прилично задоцнил, па девиците заспале. Апостолите можеби ја поврзале оваа споредба со една друга. Во неа Исус раскажал за еден човек со благородничко потекло кој отпатувал во далечна земја и кој не се вратил веднаш, туку ‚откако ја презел царската власт‘ (Лука 19:11-15).

Во споредбата за десетте девици, Исус опишал што се случило кога младоженецот конечно пристигнал: „Точно на полноќ се чу викање: ‚Еве го младоженецот! Излезете да го пречекате!‘“ (Матеј 25:6). Дали девиците биле спремни?

Исус продолжил: „Тогаш сите тие девици станаа и ги подготвија своите светилки. А глупавите им рекоа на разборитите: ‚Дајте ни од вашето масло, бидејќи нашите светилки само што не се изгаснале‘. Разборитите одговорија: ‚Можеби ќе нема доволно и за нас и за вас. Подобро појдете кај продавачите и купете си‘“ (Матеј 25:7-9).

Значи, петте глупави девици не биле подготвени за доаѓањето на младоженецот. Бидејќи немале доволно масло во светилките, морало да одат и да докупат. Исус рекол: „Додека тие одеа да купат, стигна младоженецот. Девиците што беа подготвени влегоа со него на свадбата, и вратата се затвори. Потоа дојдоа и останатите девици и рекоа: ‚Господине, господине, отвори ни!‘ А тој им одговори: ‚Ви ја зборувам вистината, не ве познавам‘“ (Матеј 25:10-12). Колку било жално што не се потрудиле доволно за да бидат подготвени!

На апостолите им било јасно дека младоженецот го претставувал Исус. Во една прилика тој дури и се споредил себеси со младоженец (Лука 5:34, 35). А кого го претставувале разборитите девици? На ‚малото стадо‘, на кое требало да му биде дадено Божјето Царство, Исус му рекол: „Бедрата нека ви бидат опашани и светилките запалени“ (Лука 12:32, 35). Оттука, апостолите можеле да сфатат дека девиците биле верните следбеници кои, исто како нив, биле дел од малото стадо. Но, која порака сакал да ја пренесе Исус со таа споредба?

Тоа јасно го покажуваат неговите завршни зборови: „Затоа, бдејте, зашто не го знаете ниту денот ниту часот“ (Матеј 25:13).

Значи, Исус ја кажал таа споредба за да ги советува верните ученици кои ќе живеат во времето на неговата присутност. Тие ќе требало ‚да бдеат‘. Тој рекол дека сигурно ќе дојде, и затоа требало спремно да го чекаат, исто како петте разборити девици. Така немало да ја изгубат од вид својата скапоцена надеж и немало да ја испуштат наградата што им била ветена.