Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 113

Поука од споредбата со талантите

Поука од споредбата со талантите

МАТЕЈ 25:14-30

  • ИСУС КАЖАЛ СПОРЕДБА СО ТАЛАНТИ

Исус продолжил да зборува со своите апостоли на Маслинската Гора, и им раскажал уште една споредба. Неколку дена претходно, додека биле во Ерихон, тој им ја раскажал споредбата за мините за да им помогне да сфатат дека Божјето Царство ќе почнело да владее дури во далечна иднина. Споредбата што сега ја раскажал има многу сличности со споредбата за мините. Исус ја кажал додека зборувал за неговата присутност и свршетокот на поредокот. Со неа ги поттикнал учениците трудољубиво да го извршуваат делото што им го доверил.

Исус почнал да раскажува: „Тоа е како кога еден човек, кој се готвеше да отпатува во туѓина, ги повика своите робови и им го довери својот имот“ (Матеј 25:14). Со оглед на тоа што Исус веќе се имал споредено себеси со човек кој патува во далечна земја „за да ја преземе царската власт“, апостолите лесно можеле да сфатат дека ‚човекот‘ за кој Исус сега зборувал бил самиот тој (Лука 19:12).

Пред да отпатува во далечна земја, на своите робови човекот им го доверил својот вреден имот. Во текот на изминатите три и пол години служба, Исус главно се посветил на проповедањето на добрата вест за Божјето Царство и на тоа да ги обучи своите апостоли за истото дело. Наскоро требало да си замине, но бил уверен дека учениците ќе го продолжат делото за кое ги обучил (Матеј 10:7; Лука 10:1, 8, 9; спореди со Јован 4:38; 14:12).

Како човекот од споредбата го поделил својот имот? Исус продолжил: „На едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот, пак, еден, секому според неговата способност, и замина во туѓина“ (Матеј 25:15). Што направиле овие робови со она што им било доверено? Дали биле трудољубиви и дали го употребиле за да го зголемат имотот на својот господар? Исус им рекол на апостолите:

„Оној што доби пет таланти, веднаш замина и тргуваше со нив, па заработи уште пет. Исто така, оној што доби два, заработи уште два. А оној што доби само еден, отиде и ископа дупка во земјата и ги скри сребрените пари на својот господар“ (Матеј 25:16-18). Што се случило кога господарот се вратил?

„По долго време“, рекол Исус, „дојде господарот на тие робови и почна да ги средува сметките со нив“ (Матеј 25:19). Првите двајца направиле сѐ што можеле, ‚секој според својата способност‘. Тие биле вредни и добро ги искористиле талантите што им биле доверени, па затоа имале заработка. И оној што имал пет таланти и оној што имал два таланти заработиле двојно. (Во тоа време, работникот требало да работи деветнаесет години за да заработи еден талант.) Секого од нив господарот го пофалил со зборовите: „Одлично, добар и верен робу! Беше верен во малку и затоа ќе те поставам над многу. Радувај се со својот господар“ (Матеј 25:21).

Но, робот кому му бил даден еден талант не постапил како другите двајца. Тој рекол: „Господару, знаев дека си тежок човек, дека жнееш таму каде што не си сеел и собираш таму каде што не си веел. Затоа се уплашив, па отидов и го скрив твојот талант в земја. Еве ти го твоето“ (Матеј 25:24, 25). Тој роб не се потрудил ниту да ги вложи парите кај банкарите, за неговиот господар да имал барем некаква заработка. Може да се каже дека, всушност, му нанел загуба на својот господар.

Поради тоа, господарот го нарекол ‚зол и мрзлив роб‘. Наредил да му биде одземено она што го добил и да му биде дадено на робот што работел вредно. Потоа господарот кажал според кое мерило ќе се води: „Секому кој има, ќе му се даде уште, и ќе има во изобилство, а на оној што нема, ќе му се одземе и она што го има“ (Матеј 25:26, 29).

И оваа споредба содржела многу важни поуки за учениците. Од неа се гледало дека она што Исус им го доверил, односно честа да прават ученици, имало голема вредност. Тој очекувал да направат сѐ што можат за да ја оправдаат неговата доверба. Исус не сметал дека сите требало да прават подеднакво во делото на проповедање што им го оставил. Како што покажал со споредбата, секој требало да прави онолку колку што можел, ‚според својата способност‘. Но, тоа сигурно не значело дека Исус ќе бил задоволен со некој што е „мрзлив“ и не прави сѐ што може за да го зголеми имотот на својот Господар.

Тоа што Исус рекол „секому кој има, ќе му се даде уште“ сигурно било додатен поттик за апостолите.