Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 114

Царот Христос ќе им судел на овците и на јарците

Царот Христос ќе им судел на овците и на јарците

МАТЕЈ 25:31-46

  • ИСУС ЈА КАЖАЛ СПОРЕДБАТА ЗА ОВЦИТЕ И ЈАРЦИТЕ

На Маслинската Гора, учениците го прашале Исус кој ќе биде знакот на неговата присутност и на свршетокот на поредокот. За да им одговори, Исус им ги кажал споредбите за десетте девици и за талантите, а сега им кажал уште една, последна споредба, во која се зборувало за овци и јарци.

Исус ја вовел споредбата со следниве зборови: „Кога Синот човечки ќе пристигне во својата слава и сите ангели со него, тогаш ќе седне на својот славен престол“ (Матеј 25:31). Било јасно дека главниот лик во споредбата бил самиот Исус, затоа што за себе тој честопати велел дека е „Синот човечки“ (Матеј 8:20; 9:6; 20:18, 28).

Кога требало да се исполни оваа споредба? Таа требало да се исполни кога Исус ќе пристигнел „во својата слава“ заедно со ангелите и кога ќе седнел „на својот славен престол“. Тој веќе кажал дека ‚Синот човечки ќе дојде на облаците небесни со сила и со голема слава‘ заедно со своите ангели. Кога требало да се случи тоа? „Веднаш по неволјата“ (Матеј 24:29-31; Марко 13:26, 27; Лука 21:27). Значи, оваа споредба ќе се исполнела во иднина, кога Исус ќе пристигнел во слава. Што ќе сторел тогаш?

Исус објаснил: „Кога Синот човечки ќе пристигне... сите народи ќе се соберат пред него, и тој ќе ги одвои луѓето едни од други, како што пастирот ги одвојува овците од јарците. Ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата“ (Матеј 25:31-33).

За овците, кои ја стекнале неговата милост, Исус рекол: „Тогаш царот ќе им рече на оние што ќе му бидат оддесно: ‚Дојдете, благословени од мојот Татко, наследете го царството кое е подготвено за вас од настанувањето на светот‘“ (Матеј 25:34). Зошто овците ја стекнале неговата милост?

Царот им кажал: „Огладнев, и ми дадовте да јадам, ожеднев, и ми дадовте да пијам, бев странец, и ме нагостивте, бев гол, и ме облековте, се разболев, и се грижевте за мене, бев в затвор, и дојдовте кај мене“. Тогаш овците, односно „праведниците“, го прашале царот кога ги направиле тие добри дела. Тој им одговорил: „Сѐ што сте му направиле на еден од овие мои најмали браќа, мене сте ми го направиле“ (Матеј 25:35, 36, 40, 46). Такви добри дела тие немало да можат да прават на небото, затоа што таму нема ниту болни ниту гладни. Делата за кои ќе биле наградени биле делата што ќе ги правеле за Христовите браќа на Земјата.

А што ќе се случело со јарците, кои биле на левата страна? Исус рекол: „Потоа [царот] ќе им рече и на оние од својата лева страна: ‚Бегајте од мене, проклети, во вечниот оган подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели! Зашто, огладнев, но не ми дадовте да јадам, ожеднев, но не ми дадовте да пијам, бев странец, но не ме нагостивте, гол, но не ме облековте, болен и в затвор, но не се грижевте за мене‘“ (Матеј 25:41-43). Јарците заслужиле таков суд затоа што не постапувале добро со Христовите браќа на Земјата.

Апостолите сфатиле дека судот што ќе се извршел во иднина ќе имал трајни последици. Исус им рекол: „Тогаш [царот] ќе им одговори: ‚Вистина, ви велам, сѐ што не сте му направиле на еден од овие најмали, ни мене не сте ми го направиле‘. И овие ќе отидат во вечна смрт, а праведниците во вечен живот“ (Матеј 25:45, 46).

Исус им дал опсежен одговор на апостолите во врска со прашањето што му го поставиле. Сите ние треба добро да размислиме за сето она што Исус го кажал во таа прилика и да ги преиспитаме нашите ставови и постапки.