Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 115

Наближувала последната Пасха за Исус

Наближувала последната Пасха за Исус

МАТЕЈ 26:1-5, 14-19; МАРКО 14:1, 2, 10-16; ЛУКА 22:1-13

  • ЈУДА ИСКАРИОТ ДОБИЛ ПАРИ ЗА ПРЕДАВСТВОТО НА ИСУС

  • ДВАЈЦА АПОСТОЛИ БИЛЕ ИСПРАТЕНИ ДА ЈА ПОДГОТВАТ ПАСХАТА

Исус го завршил разговорот со четворицата апостоли на Маслинската Гора и им кажал сѐ што требало да знаат во врска со неговата присутност и свршетокот на поредокот.

Вторник, 11 нисан, бил долг и напорен ден за Исус. При крајот на денот, тој и апостолите тргнале кон Витанија за повторно да преноќат таму. Веројатно додека сѐ уште оделе по патот, Исус им рекол: „Знаете дека по два дена е Пасхата, и Синот човечки треба да биде предаден и прикован на столб“ (Матеј 26:2).

Следниот ден, среда, 12 нисан, Исус очигледно го поминал насамо со апостолите. Претходниот ден тој јавно ги прекорил верските водачи, па бил свесен дека имале намера да го убијат. Бидејќи не сакал ништо да го спречи следната вечер, на 14 нисан, да ја прослави Пасхата заедно со своите апостоли, на 12 нисан тој воопшто не се појавил во јавноста.

Но, главните свештеници и народните старешини не ги оставиле работите на случајноста. Навредени од острите осуди што им ги упатил Исус, тие се собрале во дворот на првосвештеникот Кајафа. Целта им била да смислат „како да го фатат Исус со измама и да го убијат“. Меѓутоа, си рекле: „Не на празникот за народот да не крене бунт“ (Матеј 26:4, 5). Тоа го рекле затоа што се плашеле од народот, кој бил на страната на Исус.

Додека верските водачи сѐ уште се договарале, дошол некој кого најмалку го очекувале. Тоа бил еден од апостолите на Исус, Јуда Искариот. Под влијание на Сатана, тој решил да го предаде својот Господар. Јуда ги прашал: „Што ќе ми дадете за да ви го предадам?“ (Матеј 26:15). Тие се израдувале и ‚се договориле да му дадат сребрени пари‘ (Лука 22:5). Одлучиле да му дадат триесет сребреници. Според Мојсеевиот закон, цената на еден роб била триесет сикли (2. Мојсеева 21:32). Од сумата што ја понудиле се гледало колкав бил нивниот презир кон Исус и колку бил безвреден во нивни очи. Оттогаш, Јуда почнал „да бара поволен момент да им го предаде кога ќе нема народ во близината“ (Лука 22:6).

Заоѓањето на сонцето во среда го означило почетокот на 13 нисан, шестата и последна вечер што Исус ја поминал во Витанија. Следниот ден требало да се направат завршните подготовки за Пасхата. Требало да се најде јагне и, откако ќе започнел 14 нисан, да се заколе и испече. Но, Исус не кажал кој ќе го подготвел јагнето и каде ќе јаделе. Затоа главните свештеници не можеле да ги добијат тие информации од Јуда.

Веројатно веднаш после пладне во четвртокот, Исус ги пратил Петар и Јован од Витанија во Ерусалим и им рекол: „Одете и пригответе ни ја пасхалната жртва за да јадеме“. Тие го прашале: „Каде сакаш да ја приготвиме?“ Исус им објаснил: „Кога ќе влезете во градот, ќе ве сретне човек кој ќе носи стомна со вода. Отидете по него во куќата во која ќе влезе! И речете му на домаќинот на таа куќа: ‚Учителот те прашува: „Каде е гостинската соба во која можам да ја јадам пасхалната жртва со своите ученици?“‘ Тој ќе ви покаже голема наместена горна соба. Таму пригответе ја!“ (Лука 22:8-12).

Домаќинот на куќата несомнено бил ученик на Исус и веројатно очекувал дека Исус ќе го замоли да ја одржи таа посебна прослава во неговата куќа. Кога двајцата апостоли стигнале во Ерусалим, виделе дека сѐ било онака како што им рекол Исус. Потоа се погрижиле пасхалното јагне и сѐ друго да биде подготвено за да може Исус со нив и со останатите апостоли да ја прослави Пасхата.