Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 119

Исус — патот, вистината и животот

Исус — патот, вистината и животот

ЈОВАН 14:1-31

  • ИСУС ЌЕ ОДЕЛ ДА ПОДГОТВИ МЕСТО

  • ВЕТИЛ ДЕКА ЌЕ ИСПРАТИ ПОМОШНИК

  • ТАТКОТО Е ПОГОЛЕМ ОД СИНОТ

По вечерата што Исус ја воспоставил во негов спомен, тој и апостолите останале уште некое време во горната соба. Тогаш ги охрабрил: „Нека не се вознемирува вашето срце. Верувајте во Бог и верувајте во мене!“ (Јован 13:36; 14:1).

На своите верни апостоли Исус им кажал и зошто не требало да бидат тажни поради тоа што ќе си заминел: „Во куќата на мојот Татко има многу живеалишта... А кога ќе појдам и ќе ви приготвам место, повторно ќе дојдам и ќе ве примам во својот дом, за да бидете и вие таму каде што сум јас“. Апостолите не сфаќале дека Исус зборувал за неговото заминување на небото. Затоа Тома прашал: „Господару, не знаеме каде одиш. Од каде да го знаеме патот?“ (Јован 14:2-5).

„Јас сум патот и вистината и животот“, му одговорил Исус. Само оној што верувал во него и во неговите учења и живеел онака како што живеел тој ќе можел да влезе во небесната куќа на неговиот Татко. Исус објаснил: „Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 14:6).

Филип, кој внимателно слушал, рекол: „Господару, покажи ни го Таткото, и тоа ни е доволно!“ Филип очигледно сакал Исус да им овозможи на некој начин да го видат Бог, како што во старо време Мојсеј, Илија и Исаија можеле да го видат Бог во видение. Но, апостолите имале можност да видат нешто подобро. Исус го нагласил тоа кога рекол: „Толку време сум со вас, а ти Филипе, уште не си ме запознал? Кој ме видел мене, го видел и Таткото“. Исус толку совршено ги одразувал особините на својот Татко што оние кои биле со него и го набљудувале, така да се каже, можеле да го видат неговиот Татко. Се разбира, Таткото е поголем од Синот, како што потврдил и самиот Исус кога рекол: „Она што ви го зборувам јас, не го зборувам сам од себе“ (Јован 14:8-10). Апостолите можеле јасно да видат дека целата заслуга за неговите поуки Исус му ја припишал на својот Татко.

Апостолите имале можност да видат голем број од чудесните дела на Исус и да го слушаат како ја објавува добрата вест за Божјето Царство. Затоа Исус им рекол: „Кој верува во мене, ќе ги прави делата што ги правам јас. Ќе прави и поголеми дела од овие“ (Јован 14:12). Со тоа не мислел дека неговите следбеници ќе прават поголеми чуда од неговите, туку дека ќе проповедаат многу подолг период, на далеку поголемо подрачје и на многу повеќе луѓе.

Исус немало да ги напушти учениците по својата смрт. Тој им ветил: „Ако замолите за нешто во мое име, тоа ќе го направам“. Освен тоа, додал: „Јас ќе го замолам Таткото, и тој ќе ви даде друг помошник за да биде со вас засекогаш, духот на вистината“ (Јован 14:14, 16, 17). Тој помошник бил светиот дух, кој Исус подоцна го излеал врз учениците на празникот Педесетница.

„Уште малку“, рекол Исус, „и светот повеќе нема да ме види, но вие ќе ме видите, бидејќи јас живеам, а и вие ќе живеете“ (Јован 14:19). Откако воскреснал, Исус им се појавил на учениците во човечко тело, а подоцна и ги воскреснал за да бидат со него на небото како духовни суштества.

Потоа Исус изнел едно едноставно начело: „Кој ги има моите заповеди и ги држи, тој ме сака. А кој ме сака мене, него ќе го сака и мојот Татко, и јас ќе го сакам и ќе му се објавам“. Тогаш апостолот Јуда, наречен и Тадеј, го прашал: „Господару, зошто имаш намера да ни се објавиш нам, а не на светот?“ Исус му одговорил: „Ако некој ме сака, ќе ја држи мојата реч, и мојот Татко ќе го сака... Кој не ме сака, не ја држи мојата реч“ (Јован 14:21-24). За разлика од следбениците на Исус, повеќето луѓе не сфатиле дека тој е патот, вистината и животот.

Но, откако Исус ќе си заминел, како ќе можеле учениците да се сетат на сѐ што ги поучил? Исус им објаснил: „Помошникот, светиот дух, кого Таткото ќе го испрати во мое име, тој ќе ве поучи за сѐ и ќе ве потсети на сѐ што сум ви кажал“. Тоа ветување сигурно ги утешило апостолите, бидејќи веќе виделе колку моќен бил светиот дух и што сѐ можел да направи. Исус додал: „Мир ви оставам, мирот свој ви го давам... Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши!“ (Јован 14:26, 27). Апостолите можеле да бидат сигурни дека ќе добијат водство и заштита од Таткото на Исус.

Наскоро Бог ќе покажел дека го штити Исус. „Доаѓа владетелот на светот. Тој нема власт над мене“, рекол Исус (Јован 14:30). Ѓаволот успеал да влезе во Јуда и почнал да го користи за да ја оствари својата намера. Но, Исус немал ниту една грешна склоност која Сатана би можел да ја искористи за да го сврти против Бог. Освен тоа, Сатана не можел да го спречи воскресението на Исус. „Јас правам така како што ми заповеда Таткото“, рекол Исус, потполно уверен дека неговиот Татко ќе го воскресне (Јован 14:31).