Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 121

„Бидете храбри, јас го победив светот!“

„Бидете храбри, јас го победив светот!“

ЈОВАН 16:1-33

  • ИСУС ЌЕ БИЛ СО АПОСТОЛИТЕ УШТЕ КРАТКО ВРЕМЕ

  • ТАГАТА НА АПОСТОЛИТЕ ЌЕ СЕ ПРЕТВОРЕЛА ВО РАДОСТ

Исус и апостолите секој момент требало да излезат од горната соба, каде што ја прославиле Пасхата. Бидејќи им кажал многу работи во врска со она што ги очекувало во иднина, Исус им објаснил: „Ова ви го зборував за да не се поколебате во верата“. Зошто било потребно да ги предупреди на такво нешто? Исус продолжил: „Ќе ве исклучуваат од синагогите. Всушност, доаѓа часот кога секој што ќе ве убие ќе мисли дека му служи на Бог“ (Јован 16:1, 2).

Тоа можеби ги уплашило апостолите. Исус им кажал дека светот ќе ги мрази, но сѐ дотогаш им немал отворено кажано дека ќе бидат убиени. Зошто? „Ова не ви го кажав во почетокот, бидејќи бев со вас“, им објаснил (Јован 16:4). Но, пред да си замине, сакал да ги предупреди на она што ги чекало. Тоа ќе им помогнело да не се поколебаат подоцна.

Исус продолжил: „Одам кај оној што ме испрати, и никој од вас не ме прашува: ‚Каде одиш?‘“ Истата таа вечер, тие го прашале каде ќе оди (Јован 13:36; 14:5; 16:5). Но, откако чуле за прогонството што ги очекувало, од тага занемеле. Затоа не го прашале ништо повеќе за славата што Исус ќе ја добиел ниту, пак, што ќе значело тоа за неговите верни следбеници. Свесен за тоа, Исус рекол: „Жалост ги исполни вашите срца бидејќи ви го кажав ова“ (Јован 16:6).

Потоа им објаснил: „За ваше добро е што си заминувам. Зашто, ако не си заминам, помошникот нема да дојде кај вас, но ако си заминам, ќе ви го испратам“ (Јован 16:7). Учениците ќе можеле да го добијат светиот дух само откако Исус ќе умрел и ќе заминел на небото. Освен тоа, тогаш Исус ќе можел да им даде свет дух на своите следбеници по целата Земја.

Исус рекол дека светиот дух „ќе му покаже на светот што е грев, што е праведност, а што осуда“ (Јован 16:8). Светот направил грев во таа смисла што не покажал вера во Божјиот Син, и тој грев требало да биде разоткриен. Тоа што Исус се вознел на небото покажало дека тој навистина бил праведен и дека Сатана, „владетелот на овој свет“, заслужува да биде осуден на пропаст (Јован 16:11).

„Имам уште многу да ви кажам“, продолжил Исус, „но сега не можете да носите.“ Сепак, им ветил дека светиот дух што ќе им го испрател ќе ги упател во „сета вистина“, и така ќе можеле да живеат според вистината (Јован 16:12, 13).

Тогаш Исус кажал нешто што ги збунило апостолите: „Уште малку, и повеќе нема да ме видите, и пак уште малку, па ќе ме видите“. Затоа, едни со други почнале да се прашуваат што сакал да каже. Исус видел дека тоа ги интересирало, па им објаснил: „Вистина, вистина, ви велам, вие ќе плачете и ќе тажите, а светот ќе се радува. Вие ќе тажите, но вашата тага ќе се претвори во радост“ (Јован 16:16, 20). Кога Исус бил убиен следното попладне, верските водачи се радувале, а неговите ученици жалеле. Но кога Исус воскреснал, нивната тага се претворила во радост. А кога им го излеал Божјиот свет дух, нивната радост станала уште поголема.

Состојбата на учениците Исус ја споредил со состојбата на една жена која има породилни болки. Тој рекол: „Жената е тажна кога раѓа, зашто ѝ дошол часот, но кога ќе се роди детето, не се сеќава веќе на маката, од радост што се родил човек на светот“. Потоа ги охрабрил со зборовите: „Така и вие сега сте натажени, но повторно ќе ве видам, и вашите срца ќе се радуваат, и никој нема да ви ја одземе радоста“ (Јован 16:21, 22).

Сѐ дотогаш, апостолите не му упатувале молби на Бог во името на Исус. Но, во оваа прилика Исус им рекол: „Во тој ден ќе молите во мое име“. Зошто било потребно да се молат во името на Исус? Сигурно не поради тоа што Бог немало да сака да им одговори на молитвите. Исус им кажал: „Самиот Татко ве сака бидејќи вие ме сакавте мене... како застапник на Таткото“ (Јован 16:26, 27).

Веројатно поттикнати од овие зборови, апостолите му рекле: „Затоа веруваме дека си излегол откај Бог“. Но, наскоро нивната вера ќе била ставена на испит. Исус им кажал што ќе се случело за кратко време: „Еве, доаѓа часот, и веќе дошол, кога ќе се распрснете, секој во својата куќа, и ќе ме оставите сам“. Потоа ги уверил: „Ова ви го реков за да имате мир преку мене. Во светот имате неволја, но бидете храбри, јас го победив светот“ (Јован 16:30-33). Исус во никој случај немало да ги напушти своите ученици. Тој бил уверен дека и тие ќе го победат светот. Како? На истиот начин како што го победил и тој — така што верно ќе ја извршуваат Божјата волја и покрај противењето на Сатана и неговиот свет.