Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 130

Исус бил предаден на свештениците за да го убијат

Исус бил предаден на свештениците за да го убијат

МАТЕЈ 27:31, 32; МАРКО 15:20, 21; ЛУКА 23:24-31; ЈОВАН 19:6-17

  • ПИЛАТ СЕ ОБИДЕЛ ДА ГО ОСЛОБОДИ ИСУС

  • ИСУС БИЛ ОСУДЕН И ИСПРАТЕН НА ПОГУБУВАЊЕ

Откако Исус бил измачуван и исмејуван, Пилат се обидел да го ослободи, надевајќи се дека главните свештеници и нивните соучесници ќе се сожалат на него. Но, тие не дозволиле ништо да ги премисли. Постојано викале: „Прикови го на столб! Прикови го на столб!“ Пилат одговорил: „Земете го вие и приковете го на столб, бидејќи јас во него не наоѓам никаква вина!“ (Јован 19:6).

Евреите не успеале да го убедат Пилат дека Исус е против римската власт. Затоа, решиле да се вратат на своето прво обвинение. Како и на судењето пред Судскиот совет, тие го обвиниле Исус дека хули на Бог. „Ние имаме закон“, рекле, „и според законот, тој треба да умре, бидејќи за себе тврдеше дека е Божји син“ (Јован 19:7).

Пилат се вратил во палатата за да најде некаков начин да го ослободи човекот кој претрпел сурово малтретирање и поради кого неговата жена страдала на сон (Матеј 27:19). Евреите изнеле сосема ново обвинение. Дали било можно тој затвореник навистина да е „Божји син“? Пилат знаел дека Исус бил од Галилеја (Лука 23:5-7). Сепак го прашал: „Од каде си ти?“ (Јован 19:9). Можеби се прашувал дали Исус постоел и претходно и дали навистина имал божествено потекло.

Исус веќе му кажал на Пилат дека е цар, но дека неговото Царство не е дел од овој свет. Бидејќи немало потреба и понатаму да објаснува околу тоа, Исус молчел. Гордоста на Пилат била повредена кога видел дека Исус не му одговара, па налутено му рекол: „Зар мене не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да те пуштам и имам власт да те приковам на столб?“ (Јован 19:10).

Исус му одговорил: „Не ќе имаше никаква власт над мене ако не ти беше дадена одозгора. Затоа поголем грев има оној што ме предаде на тебе“ (Јован 19:11). Со тие зборови, Исус не мислел на никого посебно. Едноставно сакал да каже дека Кајафа, неговите помошници и Јуда Искариот носеле многу поголема одговорност од Пилат.

Восхитен од однесувањето и зборовите на Исус, но и од страв дека можеби навистина дошол од небото, Пилат повторно се обидел да го ослободи. Но, тогаш Евреите изнеле како обвинение нешто што сигурно го плашело Пилат. Тие му се заканиле со зборовите: „Ако го пуштиш него, не си му пријател на цезарот! Секој што се прави цар, му се противи на цезарот“ (Јован 19:12).

Пилат уште еднаш го извел Исус пред народот и, откако седнал на судиската столица, рекол: „Еве го вашиот цар!“ Но, Евреите не попуштале. „Погуби го! Погуби го! Прикови го на столб!“, викале. Не знаејќи веќе што да направи, Пилат прашал: „Зар вашиот цар да го приковам на столб?“ Евреите ги мразеле Римјаните и нивната власт, но главните свештеници сепак на сиот глас тврделе: „Ние немаме друг цар, освен цезарот!“ (Јован 19:14, 15).

Исплашен за својата положба и углед, Пилат на крајот попуштил под силниот притисок на Евреите и им го предал Исус за да го убијат. Војниците му ја соблекле црвената наметка и му ја облекле неговата облека. Додека го воделе кон местото на погубување, Исус морал сам да го носи столбот на кој требало да биде прикован.

Било петок, 14 нисан, и се ближело пладне. Исус бил буден уште од четврток наутро и претрпел сурово малтретирање. Затоа, додека го носел тешкиот столб, неговата сила попуштила. Тогаш војниците натерале некој минувач, Симон од Киринија во Африка, да го носи столбот наместо Исус до местото на погубување. По Исус оделе многу луѓе кои од жал се удирале в гради и плачеле.

Во еден момент, Исус се свртел кон жените што тажеле и рекол: „Ќерки ерусалимски, не плачете за мене! Подобро е да плачете за себе и за своите деца! Зашто, ете, доаѓаат дни кога ќе речат: ‚Среќни се неротките, утробите што не раѓале и градите што не доеле!‘ Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас!‘ — и на ридовите: ‚Покријте нѐ!‘ Зашто, ако го прават ова додека дрвото е зелено, што ли ќе се случи кога ќе биде суво?“ (Лука 23:28-31).

Исус зборувал за еврејскиот народ. Како едно дрво што почнало да се суши но сѐ уште не ја изгубило сета своја влажност, и тој народ сѐ уште бил донекаде жив затоа што меѓу нив биле Исус и мал број Евреи што верувале во него. Но, кога тоа се сменило, останал само духовно мртов народ, кој потсетувал на суво дрво. Плачот за кој зборувал Исус се слушнал кога римските војски го опустошиле Ерусалим и со тоа ја извршиле Божјата казна врз еврејскиот народ.