Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 132

„Овој човек навистина беше Божји Син!“

„Овој човек навистина беше Божји Син!“

МАТЕЈ 27:45-56; МАРКО 15:33-41; ЛУКА 23:44-49; ЈОВАН 19:25-30

  • ИСУС УМРЕЛ НА СТОЛБОТ

  • ДОДЕКА УМИРАЛ СЕ СЛУЧИЛЕ НЕОБИЧНИ РАБОТИ

Точно напладне, односно во „шестиот час“, по целата земја се спуштила необична темнина која траела „сѐ до деветтиот час“, односно до 15 часот (Марко 15:33). Бидејќи за време на Пасхата месечината секогаш била полна, темнината не била резултат на затемнување на Сонцето, појава до која доаѓа само при млада месечина. Освен тоа, оваа темнина не траела само неколку минути, како што е случај кога има затемнување на Сонцето. Без сомнение, таа темнина ја предизвикал Бог.

Замисли си како им било на оние што го исмејувале Исус кога одеднаш местото го обвила густа темнина. Додека траела темнината, четири жени дошле до маченичкиот столб — мајката на Исус, Салома, Марија Магдалена и Марија, мајката на апостолот Јаков Помалиот.

Апостол Јован бил покрај Марија, мајката на Исус, која преполна со тага стоела „кај Исусовиот столб“. Синот што со толку љубов го одгледала трпел ужасни маки. Се чувствувала како ‚меч да ѝ ја прободел душата‘ (Јован 19:25; Лука 2:35). Но, Исус не мислел на своето страдање, туку на потребите на својата мајка. Со последни сили погледнал кон Јован и на мајка си ѝ рекол: „Жено, еве ти син“. Потоа погледнал кон Марија и му рекол на Јован: „Еве ти мајка“ (Јован 19:26, 27).

Така, грижата за својата мајка, која тогаш очигледно била вдовица, Исус му ја доверил на апостолот кого посебно го сакал. Тоа го направил затоа што неговите полубраќа, останатите деца на Марија, сѐ уште не верувале во него. Со тоа што се погрижил не само за материјалните туку и за духовните потреби на својата мајка, Исус оставил убав пример за сите нас.

Темнината веќе почнала да се повлекува кога Исус рекол: „Жеден сум“. Со тие зборови исполнил едно пророштво од Библијата (Јован 19:28; Псалм 22:15). Исус чувствувал дека неговиот Татко, така да се каже, ја повлекол својата заштита за неговата верност да биде испитана до крај. Тогаш со силен глас извикал: „Ели, Ели, лама савахтани?“ Овие зборови, кои Исус можеби ги кажал на галилејски дијалект на арамејскиот јазик, значат: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ Некои од луѓето што стоеле во близина не го разбрале и рекле: „Гледај, го повикува Илија“. Еден од нив отрчал, натопил сунѓер во кисело вино, го ставил на трска и му дал да се напие. Но, други рекле: „Нека го! Да видиме дали ќе дојде Илија да го симне“ (Марко 15:34-36).

Тогаш Исус извикал: „Довршено е!“ (Јован 19:30). Тој ја довршил задачата поради која Таткото го испратил на Земјата. На крајот рекол: „Татко, во твоите раце го доверувам својот дух!“ (Лука 23:46). Со тоа сакал да каже дека својот живот му го доверува на Јехова, потполно уверен дека тој повторно ќе му го врати. Со цврста доверба во Бог, Христос ја наведнал главата и умрел.

Во тој момент се случил силен земјотрес, од кој се распукале карпите. Бил толку силен што дури и гробовите надвор од Ерусалим се отвориле и од нив ‚биле подигнати‘ многу тела. Минувачите што го виделе тоа влегле во „светиот град“ и раскажале што се случило (Матеј 27:51-53).

Освен тоа, во моментот кога Исус умрел, големата завеса што ја одвојувала Светињата од Светињата над светињите се расцепила надве, одозгора додолу. Со тоа необично чудо, Бог покажал колкав гнев чувствувал кон оние што го убиле неговиот Син. Тоа укажало и дека со смртта на Исус бил отворен пат до симболичната Светиња над светињите, односно самото небо (Евреите 9:2, 3; 10:19, 20).

Луѓето што го виделе сето тоа сигурно биле преплашени. Стотникот кој бил задолжен за погубувањето на Исус, рекол: „Овој човек навистина беше Божји Син!“ (Марко 15:39). Можеби и тој бил присутен на судењето пред Пилат кога Исус бил испитуван дали е Божји Син или не. Сега се уверил дека Исус бил праведен и дека навистина е Божји Син.

Други, пак, откако ги виделе необичните случувања, натажени и засрамени тргнале кон своите домови „удирајќи се в гради од тага“ (Лука 23:48). Помеѓу оние што набљудувале отстрана, имало и многу жени кои биле ученици на Исус и кои понекогаш оделе со него додека проповедал. И тие биле многу погодени од сето она што се случило.