Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 14

Роб кој му бил послушен на Бог

Роб кој му бил послушен на Бог

Јосиф бил еден од помалите синови на Јаков. Неговите постари браќа виделе дека татко им најмногу го сака него. Што мислиш, како се чувствувале поради тоа? Тие му биле љубоморни на Јосиф и го замразиле. Кога Јосиф сонил некои необични сонови, им ги раскажал на своите браќа. Овие сонови значеле дека еден ден тие ќе му се поклонат. Затоа го замразиле уште повеќе!

Еден ден, браќата на Јосиф ги чувале овците близу градот Сихем. Јаков го испратил Јосиф да види дали се добро. Кога го забележале Јосиф како доаѓа накај нив, тие рекле: „Ене го оној сонувачот. Ајде да го убиеме!“ Кога дошол, го фатиле и го фрлиле во една длабока јама. Но Јуда, еден од браќата, рекол: „Да не го убиваме. Подобро да го продадеме како роб“. Така го продале Јосиф за 20 сребреници на некои мадијамски трговци кои оделе за Египет.

Потоа, браќата на Јосиф ја натопиле неговата облека во крв од јаре, ја испратиле кај татко им и рекле: „Изгледа ова е облеката на син ти“. Така Јаков помислил дека некое диво животно го убило Јосиф. Бил скршен од болка. Никој не можел да го утеши.

Во Египет, Јосиф бил продаден како роб на еден човек кој бил на висока положба и се викал Петефри. Но, Јехова и понатаму бил со Јосиф. Петефри видел дека Јосиф добро си ја врши работата и дека може да му се верува. По кратко време, го поставил да управува со сиот негов имот.

Жената на Петефри забележала дека Јосиф е убав и силен. Секој ден го убедувала Јосиф да легне со неа. Што направил Јосиф? Тој упорно велел: „Не! Тоа е погрешно. Мојот господар има доверба во мене, а ти си му жена. Ако легнам со тебе, ќе му згрешам на Бог!“

Еден ден, жената на Петефри пробала со сила да го натера Јосиф да легне со неа. Го фатила за облеката, но тој избегал. Кога Петефри дошол дома, таа му рекла дека Јосиф ја нападнал. Но, тоа не било вистина. Петефри многу се налутил, и наредил да го стават Јосиф во затвор. Сепак, Јехова не го заборавил Јосиф.

„Понизете се под моќната Божја рака за да ве возвиши кога ќе дојде време“ (1. Петрово 5:6)