Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 16

Кој бил Јов?

Кој бил Јов?

Во земјата Уз, живеел еден човек кој му служел на Јехова. Тој се викал Јов. Бил многу богат и имал големо семејство. Со луѓето бил љубезен, и им помагал на сиромашните, на вдовиците и на децата без родители. Но, дали тоа што правел добри работи значело дека нема да има никакви проблеми во животот?

Сатана Ѓаволот го набљудувал Јов, но Јов не бил свесен за тоа. Јехова му рекол на Сатана: „Го забележа ли мојот слуга Јов? На Земјата нема друг како него. Тој ме слуша и прави добри работи“. Сатана одговорил: „Нормално дека Јов ќе те слуша кога го заштитуваш и го благословуваш. А му даде и многу земја и стока. Земи му сѐ, па ќе видиш дали ќе ти служи!“ Тогаш Јехова рекол: „Добро, испитај го Јов. Само не смееш да го убиеш“. Зошто Јехова му дозволил на Сатана да го испита Јов? Бидејќи бил сигурен дека Јов нема да се откаже од него и покрај сѐ.

Сатана почнал да го испитува Јов со разни тешкотии. Најпрво испратил едни луѓе, наречени Савејци, да ги украдат говедата и магарињата на Јов. Потоа, се појавил оган и ги изгорел сите овци на Јов. Едни други луѓе, наречени Халдејци, му ги украле камилите. Слугите што ја чувале стоката биле убиени. После тоа, дошла најголемата несреќа. Сите деца на Јов умреле кога куќата во која биле собрани да јадат и пијат се срушила врз нив. На Јов му било многу тешко, но не се откажал од Јехова.

Сатана сакал Јов да страда уште повеќе, па затоа направил по целото тело да му се појават чиреви. Јов имал ужасни болки. Но, не знаел зошто му се случиле сите тие лоши работи. Сепак, Јов продолжил да му служи на Јехова. Јехова видел што сѐ претрпел Јов, и многу се радувал што му останал верен.

По некое време, Сатана испратил тројца луѓе за да го испита Јов. Тие му рекле: „Сигурно си направил некој грев, ама криеш. Затоа Бог те казнува“. Јов рекол: „Не сум направил ништо лошо“. Тогаш Јов помислил дека неволјите му се од Јехова, па рекол дека Јехова не е фер кон него.

Разговорот го слушал еден млад човек по име Елиу. На крајот, тој рекол: „Тоа што вие го кажувате не е точно. Јехова е поголем отколку што можеме да си замислиме. Тој никогаш не прави лошо. Гледа сѐ и им помага на луѓето кога имаат проблеми“.

Тогаш почнал да зборува Јехова. Тој му рекол на Јов: „Каде беше ти кога ги направив небото и Земјата? Зошто велиш дека не сум праведен? Кажа многу зборови, ама не знаеш зошто се случуваат работите“. Јов признал дека не е во право и му рекол на Јехова: „Згрешив. Порано само слушав за тебе, но сега те познавам. За тебе сѐ е возможно. Жал ми е за тоа што го кажав“.

Кога испитот завршил, Јехова го наградил Јов затоа што му бил послушен дури и кога не било лесно. Јехова му го вратил здравјето на Јов и му дал дури и повеќе од она што го имал претходно. Јов живеел уште многу години и бил среќен. Ќе бидеш ли и ти послушен како Јов? Ќе му бидеш ли верен на Јехова што и да се случи?

„Чувте за истрајноста на Јов и видовте до каков исход Јехова го доведе неговото искушение“ (Јаков 5:11)