Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 17

Мојсеј одлучил да му служи на Јехова

Мојсеј одлучил да му служи на Јехова

Во Египет, членовите на семејството на Јаков станале познати како Израелци. Откако умреле Јаков и Јосиф, со Египет почнал да владее нов фараон. Тој се плашел дека Израелците ќе станат помоќни од Египќаните. Затоа, овој фараон наредил Израелците да бидат робови. Тие морале да прават тули и напорно да работат на полињата. Но, иако Египќаните ги терале многу да работат, Израелците станувале сѐ побројни. Тоа не му се допаѓало на фараонот, па затоа наредил сите машки израелски бебиња да бидат убиени. Замисли колку биле уплашени Израелците!

Една Израелка по име Јохаведа родила многу убаво машко бебе. За да го заштити, го ставила во една кошница и го скрила во трските на реката Нил. Сестричката на бебето, која се викала Маријам, стоела во близина за да види што ќе се случи.

По некое време, дошла ќерката на фараонот за да се капе во реката, и таму ја видела кошницата. Кога видела дека внатре има расплакано бебе, ѝ паднало жал за него. Маријам ја прашала: „Сакате ли да најдам жена што ќе Ви го дои детето?“ Ќерката на фараонот се согласила, па Маријам отишла и ја викнала својата мајка, Јохаведа. Ќерката на фараонот ѝ рекла: „Земи го бебето и грижи се за него, а јас ќе ти платам за тоа“.

Кога детето малку пораснало, Јохаведа го донела кај ќерката на фараонот. Таа му го дала името Мојсеј и го чувала како свој син. Мојсеј пораснал како принц и можел да има сѐ што ќе посака. Но, тој знаел дека не е Египќанец, туку Израелец. Мојсеј не го заборавил Јехова и одлучил да му служи.

Кога имал 40 години, Мојсеј решил да му помогне на својот народ. Еднаш видел како еден Египќанец тепа израелски роб, па го удрил Египќанецот толку силно што го убил. Потоа го скрил телото во песокот. Но, фараонот дознал што се случило, и сакал да го убие Мојсеј. Затоа, Мојсеј избегал во земјата Мадијам. Јехова се грижел за него додека бил таму.

„Со вера Мојсеј... одби да биде наречен син на фараоновата ќерка. Повеќе сакаше да биде малтретиран заедно со Божјиот народ“ (Евреите 11:24, 25)