Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 20

Следните шест неволји

Следните шест неволји

Мојсеј и Арон отишле кај фараонот за да му пренесат порака од Бог: „Ако не го пуштиш мојот народ, целата земја ќе биде нападната од коњски муви“. Тогаш, огромен број муви ги наполниле куќите на Египќаните — и куќите на богатите и куќите на сиромашните. Земјата била преполна со коњски муви. Но земјата Гесем, каде што живееле Израелците, не била нападната од муви. Првите три неволји ги снашле и Египќаните и Израелците, но од четвртата натаму биле погодени само Египќаните. Фараонот рекол: „Молете го Јехова да нѐ ослободи од овие муви. Тогаш ќе му дозволам на народот да замине“. Но, кога Јехова ги отстранил коњските муви, фараонот се премислил и не сакал да ги пушти Израелците. Тој останал тврдоглав и покрај сѐ.

Јехова рекол: „Ако фараонот не сака да го пушти народот, стоката на Египќаните ќе се разболи и ќе умре“. Животните почнале да умираат уште следниот ден. Но, тоа не се случило со животните на Израелците. И овојпат, фараонот не сакал да попушти.

Јехова му рекол на Мојсеј пак да оди кај фараонот и да фрли пепел во воздухот. Пепелта се кренала и ја покрила целата египетска земја. Тогаш на Египќаните и на нивните животни им се појавиле длабоки рани кои многу ги болеле. Замисли, ни по ова фараонот не ги пуштил Израелците.

Затоа Јехова го испратил Мојсеј кај фараонот да му рече: „Сѐ уште не сакаш да го пуштиш мојот народ? Утре ќе падне силен град врз земјата“. Така и било. Следниот ден, Јехова пуштил град, громови и оган. Тоа била најстрашната бура што Египќаните некогаш ја доживеале. Сите дрвја и растенија во полето биле уништени. Но, во земјата Гесем немало ни трага од бурата. Фараонот рекол: „Молете го Јехова да престане оваа неволја, па ќе ве пуштам“. Но, кога градот и дождот престанале, фараонот повторно се премислил.

Тогаш Мојсеј рекол: „А сега, скакулци ќе го изедат она што остана по бурата“. По ова, се појавиле милиони скакулци и го изеле сето зеленило што останало во полето и на дрвјата. Фараонот пак барал помош: „Молете го Јехова да нѐ спаси од скакулците“. Но исто како и со претходните неволји, штом Јехова ги отстранил скакулците, фараонот не сакал да ги пушти Израелците.

Сега Јехова му рекол на Мојсеј: „Испружи ја раката кон небото“. Во истиот миг, небото потемнело. Цели три дена Египќаните биле во потполна темница — прст пред око не можеле да видат. Имало светлина само кај Израелците.

Фараонот повторно му рекол на Мојсеј: „Одете, ти и твојот народ. Ама вашите животни оставете ги тука“. Мојсеј одговорил: „Не можеме да ги оставиме животните бидејќи мораме да му принесеме жртви на нашиот Бог“. Ова многу го налутило фараонот. Тој почнал да вика на сет глас: „Тргни ми се од пред очи! Ако уште еднаш се појавиш пред мене, ќе те убијам!“

„Повторно ќе ја видите разликата меѓу праведникот и злиот, меѓу оној што му служи на Бог и оној што не му служи“ (Малахија 3:18)