Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 21

Десеттата неволја

Десеттата неволја

Мојсеј му ветил на фараонот дека повеќе нема да му се појави. Но, пред да си замине откај него, му рекол: „Околу полноќ, ќе умре секој првороден син во Египет — од синот на фараонот до синовите на робовите“.

Јехова им кажал на Израелците да направат едно посебно јадење. Тој им рекол: „Заколете едно машко јагне или јаре, старо една година, и од неговата крв намачкајте на влезната врата од куќите. Испечете го месото и јадете го со бесквасен леб. Додека јадете, бидете облечени, сандалите нека ви бидат на нозете и бидете спремни да тргнете. Оваа ноќ ќе ве ослободам“. Можеш ли да си замислиш колку биле возбудени Израелците?

На полноќ, еден ангел на Јехова поминал низ секоја куќа во Египет. Секаде каде што немало крв на влезната врата, умрел првородениот син во семејството. Но, ангелот ги одминал куќите кои биле обележани со крв. Таа ноќ, во секое египетско семејство, сеедно дали било богато или сиромашно, умрело по едно дете. За разлика од нив, сите првородени на Израелците биле живи и здрави.

Умрел дури и синот на фараонот. Тоа било премногу за овој владетел. Не можел да издржи и веднаш ги викнал Мојсеј и Арон за да им каже: „Одете! Да ве нема одовде! Одете и служете му на вашиот Бог. Земете ги и животните со вас!“

На небото сјаела полна месечина. Израелците, поделени по племиња и по семејства, го напуштиле Египет. Имало вкупно 600.000 мажи, како и многу жени и деца Израелци. Освен тоа, им се придружиле и многу други луѓе бидејќи и тие сакале да му служат на Јехова. После толку тешкотии, Израелците конечно биле на слобода!

Јехова сакал Израелците секоја година да го одбележуваат денот кога тој ги спасил така што ќе го подготвуваат истото посебно јадење. Овој празник бил наречен Пасха.

„Те оставив жив за да ја покажам на тебе својата моќ и да се објави моето име по целата земја“ (Римјаните 9:17)