Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 25

Светиот шатор

Светиот шатор

Додека Мојсеј бил на планината Синај, Јехова му кажал да направи еден посебен шатор, кој бил наречен свет шатор. Таму Израелците можеле да му служат. Овој шатор требало да го носат со нив секогаш кога ќе се преселеле од едно место на друго.

Јехова рекол: „Кажи им на луѓето да дадат колку што можат повеќе прилози за да се направи шаторот“. Тогаш Израелците почнале да носат злато, сребро, бакар, скапоцени камења и накит. А давале и волна, лен, животинска кожа и други работи. Толку биле дарежливи што Мојсеј им кажал: „Собравме доволно! Не носете ништо повеќе“.

Голем број вешти мажи и жени помогнале да се изработи светиот шатор. Јехова им дал мудрост и способност за добро да работат. Некои од нив пределе, ткаеле или везеле, а други местеле камења, обработувале злато или резбале дрво.

Израелците го направиле шаторот токму како што им кажал Јехова. Тие изработиле една убава завеса која го делела шаторот на два дела. Едниот дел се викал Светиња, а другиот Светиња над светињите. Во Светињата над светињите бил сместен ковчегот на сојузот, кој бил направен од дрвото акација и од злато. А во Светињата имало златен светилник, маса и жртвеник на кој се палело темјан. Во дворот имало бакарен мијалник, како и голем жртвеник. Ковчегот на сојузот ги потсетувал Израелците на нивното ветување дека ќе го слушаат Јехова. Знаеш ли што значи зборот сојуз? Тоа е еден вид свечено ветување.

Јехова ги избрал Арон и неговите синови за да бидат свештеници во светиот шатор. Тие требало да се грижат за него и таму да му принесуваат жртви на Јехова. Но, во Светињата над светињите смеел да влезе само првосвештеникот Арон. Тоа го правел еднаш годишно кога принесувал жртви за своите гревови, за гревовите на другите во неговото семејство, како и за гревовите на целиот израелски народ.

Светиот шатор бил завршен околу една година откако Израелците излегле од Египет. Сега тие имале место каде што можеле да му служат на Јехова.

Јехова покажал дека е задоволен од изработката на светиот шатор така што поставил еден облак над него. Сѐ додека тој облак стоел над шаторот, Израелците останувале на истото место. Но, штом облакот ќе се кренел, тоа им било знак дека треба да се селат. Тогаш го расклопувале светиот шатор, и го следеле облакот.

„Тогаш чув еден силен глас од престолот како вели: ’Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив‘“ (Откровение 21:3)