Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 26

Дванаесетте извидувачи

Дванаесетте извидувачи

Израелците си заминале откај планината Синај и, додека патувале низ пустината Фаран, стигнале до едно место наречено Кадис. Таму Јехова му рекол на Мојсеј: „Испрати 12 мажи, по еден маж од секое племе, да ја извидат земјата Ханаан. Таа земја ќе им ја дадам на Израелците“. Мојсеј избрал 12 мажи и им рекол: „Одете во Ханаан и видете дали земјата е плодна. Проверете дали таму луѓето се силни и дали живеат во шатори или, пак, во градови“. Тогаш 12-те извидувачи, меѓу кои биле Исус Навин и Халев, тргнале на пат кон Ханаан.

Извидувачите се вратиле по 40 дена и донеле смокви, калинки и грозје. Тие рекле: „Земјата е многу добра, ама луѓето се силни и живеат во градови со високи ѕидови“. Но, Халев рекол: „Ама можеме да ги победиме. Да не чекаме, ајде веднаш да тргнеме!“ Знаеш ли зошто Халев го кажал тоа? Затоа што тој и Исус Навин имале вера во Јехова. Сепак, останатите 10 извидувачи рекле: „Нема шанси! Луѓето таму се огромни, како џинови! Во споредба со нив ние сме како скакулци“.

Ова многу ги разочарало Израелците. Тие почнале да се жалат и да си велат еден на друг: „Ајде да си избереме друг водач и да се вратиме во Египет. Зошто да одиме во тоа место и да изгинеме?“ Исус Навин и Халев ги уверувале: „Не му грешете на Јехова и немојте да се плашите. Јехова ќе нѐ заштити“. Сепак, Израелците не сакале да ги послушаат. Замисли, дури сакале да ги убијат Исус Навин и Халев!

Што направил Јехова? Му кажал на Мојсеј: „Израелците не сакаат да ме слушаат иако направив толку многу за нив. Затоа, ќе останат во пустината 40 години, а таму и ќе умрат. Само нивните деца, како и Исус Навин и Халев, ќе живеат во земјата што ветив дека ќе им ја дадам“.

„Што сте се уплашиле? Зар сѐ уште немате вера?“ (Марко 4:40)