Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 30

Раав ги скрила извидувачите

Раав ги скрила извидувачите

Додека двајцата извидувачи биле во градот Ерихон, престојувале во куќата на една жена по име Раав. Но, царот на Ерихон дознал за тоа и испратил војници во куќата на оваа жена. Таа ги скрила извидувачите на покривот и им рекла на војниците дека отишле во друг правец. Потоа им кажала на извидувачите: „Ќе ви помогнам затоа што знам дека Јехова е со вас и дека ќе ја освоите оваа земја. Ама ве молам, ветете ми дека ќе го спасите моето семејство“.

Извидувачите ѝ рекле на Раав: „Ти ветуваме дека никој во твојот дом нема да настрада“. Потоа ѝ кажале: „На прозорецот врзи црвена врвца, и твоето семејство ќе се спаси“.

Тогаш Раав спуштила едно јаже од прозорецот по кое извидувачите слегле долу. Тие се упатиле кон планините и се криеле таму три дена, па се вратиле кај Исус Навин. Кратко потоа, Израелците ја преминале реката Јордан и се спремиле за да ја освојат ханаанската земја. Ерихон бил првиот град што го освоиле. Како го направиле тоа? Јехова им кажал да го обиколуваат тој град по еднаш на ден во текот на шест дена. А на седмиот ден требало да го обиколат седум пати. Потоа свештениците почнале да трубат во роговите, а војниците да викаат колку што ги држи гласот. Одеднаш, ѕидот околу Ерихон почнал да се руши! Но куќата на Раав, која се наоѓала на самиот ѕид, не се срушила. Раав и нејзиното семејство биле спасени поради нејзината вера во Јехова.

„Зарем... Раав не беше исто така прогласена за праведна поради делата, кога гостољубиво ги прими извидувачите и ги испрати по друг пат?“ (Јаков 2:25)