Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 36

Ветувањето на Јефтај

Ветувањето на Јефтај

Израелците повторно го оставиле Јехова и им се вратиле на лажните богови. Кога Амонците ги нападнале Израелците, лажните богови не можеле да им помогнат. Така, Израелците страдале со години. На крајот, тие му рекле на Јехова: „Згрешивме. Те молиме спаси нѐ од нашите непријатели“. Израелците ги уништиле своите идоли и повторно почнале да му служат на Јехова. Затоа, на Јехова му паднало жал и повеќе не можел да гледа како се мачат.

Јехова избрал еден воин, кој се викал Јефтај, да го води народот во битка со Амонците. Јефтај му рекол на Јехова: „Ако ни помогнеш да победиме во оваа битка, ти ветувам дека оној што прв ќе ме пречека кога ќе се вратам дома, ќе ти го дадам тебе“. Јехова ја слушнал молитвата на Јефтај и му помогнал да победи.

Кога Јефтај се вратил дома, прва го пречекала неговата ќерка, која му била единственото дете. Таа играла и удирала на дајре. Кога ја видел, Јефтај се сетил на своето ветување и ѝ рекол: „Ќерко моја! Зар мораше ти да излезеш прва? Му дадов ветување на Јехова, и за да го исполнам, ќе треба да те испратам во светиот шатор во Сило“. Таа му рекла: „Татко, штом си му ветил на Јехова, мора да го исполниш тоа. Само пушти ме најпрво да одам два месеци во планините со моите другарки. А потоа ќе одам во Сило“. Ќерката на Јефтај верно служела во светиот шатор до крајот на својот живот. Секоја година, нејзините другарки доаѓале во Сило за да ја видат.

„Кој го сака својот син или својата ќерка повеќе отколку мене, не е достоен за мене“ (Матеј 10:37)