Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 38

Јехова му дал сила на Самсон

Јехова му дал сила на Самсон

Многу Израелци повторно почнале да им служат на идоли, па затоа Јехова им дозволил на Филистејците да владеат со нивната земја. Но, имало и некои Израелци што го сакале Јехова. Еден од нив бил Маној. Тој и неговата жена немале деца. Еден ден, Јехова испратил ангел кај жената на Маној. Ангелот ѝ рекол: „Ќе родиш син. Тој ќе биде назареец и ќе ги спаси Израелците од Филистејците“. Знаеш ли кои биле назарејците? Тие биле слуги на Јехова што извршувале посебни задачи. Исто така, назарејците не требало да си ја стрижат косата.

По некое време, на Маној навистина му се родило дете, на кое му го дале името Самсон. Кога Самсон пораснал, Јехова му дал голема сила. Тој можел да убие лав со голи раце! Еднаш Самсон убил 30 Филистејци, и тоа сам. Филистејците го мразеле и сакале да го убијат. Една ноќ, додека Самсон спиел во Газа, тие отишле кај градската порта и чекале таму за да го убијат следното утро. Но, Самсон станал среде ноќ, отишол кај градската порта и ја искорнал од ѕидот. Потоа ја носел портата на рамења сѐ до врвот на една планина близу Хеврон!

Подоцна, Филистејците отишле кај девојката на Самсон, Делила, и ѝ рекле: „Ќе ти дадеме многу пари ако дознаеш зошто Самсон е толку силен. Сакаме да го фатиме и да го фрлиме во затвор“. Бидејќи Делила сакала да ги добие тие пари, се согласила да го направи тоа. Во почетокот, Самсон не сакал да ѝ каже зошто е толку силен. Но, таа не го оставала на мир сѐ додека не ѝ ја открил својата тајна. Тој ѝ рекол: „Никогаш не сум ја стрижел косата бидејќи сум назареец. Ако ја истрижам, ќе ја изгубам силата“. Самсон направил голема грешка што ѝ го открил тоа, нели?

Делила веднаш им кажала на Филистејците: „Ја дознав неговата тајна!“ Таа го успала Самсон во скутот, и потоа викнала некој да му ја истриже косата. Тогаш извикала: „Самсон, Филистејците се тука!“ Кога Самсон се разбудил, повеќе немал таква сила. Филистејците го фатиле, го ослепиле и го ставиле во затвор.

Еден ден, неколку илјади Филистејци се собрале во храмот на својот бог Дагон. Тие почнале да извикуваат: „Нашиот бог ни го даде Самсон! Изнесете го Самсон да нѐ забавува!“ Потоа го ставиле Самсон меѓу два столба, и се подигрувале со него. Самсон извикал: „Јехова, те молам дај ми сила само уште еднаш“. Дотогаш, косата на Самсон му била порасната. Тој ги турнал столбовите на храмот со сета своја сила и целиот храм се срушил. Умреле сите луѓе што биле таму, а умрел и Самсон.

„Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Филипјаните 4:13)