Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 39

Првиот цар на Израел

Првиот цар на Израел

Јехова користел судии за да ги води Израелците, но тие сакале да имаат цар. Затоа му рекле на Самоил: „Сите народи околу нас имаат цареви. И ние сакаме да имаме цар“. Самоил знаел дека тоа е погрешно, и во молитва му го кажал ова на Јехова. А Јехова му рекол: „Луѓето не те отфрлаат тебе, туку мене. Кажи им дека ќе добијат цар, но дека тој цар ќе бара многу работи од нив“. И покрај тоа, луѓето рекле: „Што ни е гајле? Сакаме цар!“

Јехова му рекол на Самоил дека првиот цар на Израел ќе биде еден човек по име Саул. Кога Саул отишол кај Самоил во Рама, Самоил го помазал, односно го поставил за цар така што му излеал масло на главата.

Потоа Самоил ги викнал Израелците да се соберат за да им го покаже нивниот цар. Но, Саул никаде го немало. Знаеш ли каде бил? Се криел меѓу товарот. Кога на крајот го нашле, го довеле меѓу народот. Саул бил повисок од сите други и бил многу убав. Самоил рекол: „Видете кого Јехова го избра за цар“. Тогаш луѓето почнале да извикуваат: „Да живее царот!“

Во почетокот, цар Саул го слушал Самоил и му бил верен на Јехова. Но, по некое време се сменил. На пример, во една прилика Саул принел жртви иако не смеел да го направи тоа. Претходно, Самоил му рекол да го чека него. Но бидејќи тој задоцнил, Саул решил самиот да ги принесе жртвите. Како реагирал Самоил кога видел што се случило? Тој му рекол: „Требаше да го слушаш Јехова“. Дали Саул научил колку е важно да биде послушен?

По некое време, Саул отишол да се бори со Амаличаните. Самоил му рекол да не остави жив ниту еден од нив. Но, Саул решил да не го убие царот Агаг. Јехова му рекол на Самоил: „Саул повеќе не ме слуша“. Самоил бил многу тажен, и му рекол на Саул: „Затоа што ти повеќе не го слушаш Јехова, тој ќе си избере друг цар“. Кога Самоил се свртел за да си замине, Саул го фатил за наметката, но таа му се истргнала од раката. Тогаш Самоил му рекол: „Исто како што мојата наметка се истргна од твојата рака, така и Јехова денес ти го истргна царството од рацете“. Јехова сакал да му го даде царството на некој што ќе има љубов кон него и ќе му биде послушен.

„Послушноста е подобра од жртвите“ (1. Самоилова 15:22)