Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 41

Давид и Саул

Давид и Саул

Откако Давид го убил Голијат, цар Саул му дал задача да ја предводи војската. Давид извојувал многу победи, и станал познат меѓу народот. Секогаш кога ќе се врател од некоја битка, жените го пречекувале со играње и пеење. Тие пееле: „Саул погуби илјадници, а Давид десетици илјади!“ Затоа, Саул му станал љубоморен на Давид и сакал да го убие.

Давид знаел да свири на харфа, и честопати му свирел на цар Саул. Еден ден, додека свирел, Саул го фрлил своето копје кон него. Давид брзо се тргнал и копјето се забило во ѕидот. Саул и во многу други прилики се обидел да го убие Давид. Затоа, Давид на крајот избегал оттаму и се криел во пустината.

Саул зел со себе војска од 3.000 луѓе и тргнал да го бара Давид. Без да знае, влегол токму во пештерата во која се криеле Давид и неговите луѓе. Овие луѓе му рекле на Давид: „Ова ти е шанса да го убиеш Саул“. Давид полека му се приближил на Саул и незабележливо отсекол парче од неговата наметка. Но, потоа на Давид му било криво што не покажал почит кон царот кој бил избран од Јехова. Тој не им дозволил на своите луѓе да го нападнат Саул. Кога Саул излегол од пештерата, Давид му довикнал дека можел да го убие но сепак не го направил тоа. Дали после ова Саул се откажал од својата намера да го убие Давид?

Не. Тој не престанал да го бара Давид. Една ноќ, Давид и неговиот внук Ависај скришум влегле во логорот на Саул. Таму сите спиеле, дури и Авенир — главниот чувар на Саул. Ависај рекол: „Каква шанса ни е ова! Јас ќе го убијам!“ Но, Давид одговорил: „Јехова ќе се погрижи за Саул. Ние само да му ги земеме копјето и стомната за вода и да си одиме“.

Откако Давид се искачил на планината од која се гледал логорот на Саул, извикал: „Авенир, зошто не го чуваше царот? Каде му се стомната и копјето?“ Саул го препознал гласот на Давид и му рекол: „Можеше да ме убиеш, но не го направи тоа. Знам дека после мене ти ќе бидеш цар на Израел“. Потоа, Саул се вратил во својата палата. Но, не го мразеле Давид сите од семејството на Саул.

„Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, сакани, туку дајте му место на Божјиот гнев“ (Римјаните 12:18, 19)