Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 43

Гревот на цар Давид

Гревот на цар Давид

Кога умрел Саул, Давид станал цар. Тогаш имал 30 години. Откако владеел некое време, Давид направил голема грешка. Една ноќ, излегол на покривот од својата палата и оттаму видел една убава жена. Давид дознал дека таа се вика Витсавеа и дека е омажена за еден војник по име Урија. Давид наредил да му ја доведат во палатата. Тој легнал со неа, и таа останала бремена. Давид се обидел да скрие што направил. Тој му рекол на својот воен заповедник во наредната битка да го постави Урија во првите борбени редови, и потоа сите да се повлечат назад и да го остават сам. Така Урија бил убиен во битката, а Давид ја зел Витсавеа за жена.

Но, Јехова видел колку лоши работи се случиле. Што направил во врска со тоа? Тој го испратил својот пророк Натан кај Давид. Кога Натан стигнал кај него, му рекол: „Еден богат човек си имаше многу овци, а еден сиромав човек имаше само една овчичка што многу ја сакаше. Но богатиот човек му ја зеде овчичката на сиромавиот“. Давид се налутил и рекол: „Тој богат човек заслужува да умре!“ Тогаш Натан му рекол на Давид: „Ти си тој човек!“ Ова многу го погодило Давид. Тој му признал на Натан: „Му згрешив на Јехова“. Поради овој грев, Давид и неговото семејство доживеале многу неволји. Јехова го казнил Давид, но го оставил жив бидејќи бил искрен и понизен.

Подоцна, Давид сакал да му изгради храм на Јехова. Но, Јехова рекол дека тоа нема да го направи тој, туку неговиот син Соломон. Давид почнал да прави подготовки за изградбата на храмот. Тој рекол: „Храмот на Јехова мора да биде величествен. Соломон е сѐ уште млад, но јас ќе му помогнам. Ќе подготвам сѐ што ќе му биде потребно“. Давид дал многу пари, нашол добри мајстори и собрал многу злато и сребро. Освен тоа, набавил кедрово дрво од Тир и Сидон. При крајот на својот живот, Давид му ги дал на Соломон плановите за изградба на храмот. Тој му кажал: „Јехова ми рече да ги напишам овие работи за да ти ги дадам тебе. Јехова ќе ти помага. Немој да се плашиш. Биди храбар и почни да градиш“.

„Кој ги крие престапите свои, ќе нема успех, а оној што ги признава и ги остава, ќе биде помилуван“ (Изреки 28:13)