Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 47

Јехова го зајакнал Илија

Јехова го зајакнал Илија

Кога дознала што се случило со пророците на Ваал, Језавела збеснала. Таа му порачала на Илија: „Утре и ти ќе бидеш мртов како пророците на Ваал!“ Ова многу го исплашило Илија и затоа побегнал во пустината. Тој се молел: „Јехова, не можам повеќе. Сакам да умрам“. Илија повеќе немал сила и заспал под едно дрво.

Еден ангел го разбудил со зборовите: „Стани и јади“. Тогаш Илија видел еден тркалезен леб на вжарени камења и стомна со вода. Тој јадел, пиел вода и пак заспал. Ангелот повторно го разбудил и му рекол: „Јади. Ќе ти треба сила за патот што те чека“. Затоа Илија јадел уште малку. Потоа патувал 40 дена и 40 ноќи сѐ додека не стигнал до планината Хорив. Таму Илија нашол една пештера и влегол во неа за да спие. Но, Јехова го прашал: „Што правиш овде, Илија?“ Илија му одговорил: „Израелците не го прават тоа што ти го ветија. Ги урнаа твоите жртвеници и ги убија твоите пророци. А сега сакаат и мене да ме убијат“.

Јехова му рекол: „Излези од пештерата“. Во тој момент почнало да дува многу силен ветар. Потоа имало земјотрес, па оган. На крајот, Илија слушнал еден пријатен и тивок глас. Тогаш си го покрил лицето со наметката и излегол од пештерата. Јехова го прашал зошто избегал, а Илија му одговорил: „Ги убија сите твои пророци, само јас останав жив“. Но, Јехова му рекол: „Не си само ти. Има уште 7.000 луѓе во Израел кои сѐ уште ми служат верно. Оди и постави го Елисеј за пророк наместо тебе“. Илија не одложувал, туку веднаш тргнал да го направи тоа што Јехова му го кажал. Што мислиш, дали Јехова и тебе ќе ти помага да го правиш она што е исправно? Секако. Ајде сега да видиме што друго се случило за време на сушата.

„Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“ (Филипјаните 4:6)