Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 49

Една злобна царица била казнета

Една злобна царица била казнета

Од палатата на цар Ахав во Језраел се гледало лозјето на еден човек по име Навутеј. Бидејќи Ахав сакал тоа лозје да биде негово, му рекол на Навутеј да му го продаде. Но, Навутеј не сакал да го направи тоа бидејќи според законот на Јехова било забрането да се продава земја која била добиена во наследство. Дали Ахав го пофалил Навутеј што постапил исправно? Не. Напротив, Ахав многу се налутил. Толку бил лут што не сакал да излегува од својата соба ниту, пак, да јаде.

Жената на Ахав, злобната царица Језавела, му рекла: „Ти си цар на Израел. Можеш да имаш сѐ што ќе посакаш. Јас ќе се погрижам да го добиеш лозјето“. Таа им пратила писма на старешините во градот. Во нив им пишала да го обвинат Навутеј дека зборувал против Бог и да го каменуваат до смрт. Откако старешините го направиле тоа, Језавела му рекла на Ахав: „Навутеј е мртов. Сега лозјето е твое“.

Освен Навутеј, Језавела убила и многу други невини луѓе кои го сакале Јехова. Таа им служела на лажни богови, а правела и други лоши работи. Јехова видел што сѐ направила Језавела. Дали презел нешто во врска со тоа?

По смртта на Ахав, цар станал неговиот син Јорам. Јехова испратил еден човек по име Јуј да ја казни Језавела, како и нејзиното семејство.

Јуј се качил на својата коњска кола и отишол во Језраел, каде што живеела Језавела. Јорам тргнал со својата кола да го пресретне Јуј, и го прашал: „Дали има мир меѓу нас?“ Јуј му одговорил: „Не може да има мир сѐ додека твојата мајка, Језавела, прави злобни работи“. Тогаш Јорам се обидел да ја сврти својата кола за да побегне. Но, Јуј го застрелал Јорам и тој умрел.

Потоа Јуј отишол во палатата на Језавела. Кога оваа злобна царица чула кој дошол, се нашминкала, си направила фризура и го чекала крај прозорецот. Кога Јуј пристигнал, таа му се обратила со зајадливи зборови. Тогаш Јуј им викнал на нејзините слуги кои стоеле до неа: „Фрлете ја долу!“ Тие ја фрлиле низ прозорецот и таа умрела.

По ова, Јуј ги убил сите 70 синови на Ахав и уништил сѐ што било поврзано со обожавањето на Ваал. Дали овој настан од Библијата те уверува дека Јехова гледа сѐ и дека во вистинско време ќе ги казни оние што прават лоши работи?

„Наследството кое од почетокот се стекнува со алчност, на крајот не е благословено“ (Изреки 20:21)