Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 52

Огнената војска на Јехова

Огнената војска на Јехова

Вен-Адад, кој бил цар на Сирија, почнал да војува со Израел. Но, пророкот Елисеј го предупредувал царот на Израел секогаш кога Сиријците сакале да го нападнат, и така тој постојано се спасувал. Затоа Вен-Адад решил да го зароби Елисеј. Откако дознал дека Елисеј се наоѓа во градот Дотан, ја испратил сириската војска да го фати.

Војниците стигнале во Дотан ноќе. Следното утро, слугата на Елисеј излегол надвор и видел дека целиот град е опколен од огромна војска. Многу се исплашил и рекол: „Елисеј, што ќе правиме сега?“ Елисеј му одговорил: „Нашата војска е поголема отколку нивната“. Во тој момент, Јехова направил слугата на Елисеј да види дека планините околу градот се полни со коњи и огнени воени коли.

Кога сириските војници се обиделе да го фатат Елисеј, тој побарал помош од Јехова. Тогаш војниците толку се збуниле што не можеле да сфатат каде се наоѓаат. Елисеј им рекол: „Сте го згрешиле градот. Дојдете со мене, јас ќе ве одведам кај човекот што го барате“. Тие тргнале по Елисеј, и тој ги одвел во Самарија — градот во кој живеел царот на Израел.

Сиријците сфатиле каде се наоѓаат, но веќе било предоцна. Царот на Израел го прашал Елисеј: „Да ги убијам ли?“ Дали Елисеј ја искористил оваа прилика за да им се одмазди на овие луѓе кои сакале да му наштетат? Не. Елисеј рекол: „Не ги убивај. Дај им да јадат, а потоа пушти ги да си одат“. Така царот направил голема гозба и на крајот им дозволил да си заминат.

„Во ова се надеваме на Бог: што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14)