Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 56

Јосија го сакал Божјиот закон

Јосија го сакал Божјиот закон

Јосија станал цар на Јуда кога имал осум години. Во тие денови, луѓето се занимавале со магија и обожавале идоли. Кога Јосија имал 16 години, сакал да научи исправно да му служи на Јехова. Кога имал 20 години, почнал да ги уништува идолите и жртвениците на лажните богови низ целата земја. А на 26 години, наредил да се обнови храмот на Јехова.

Во храмот, првосвештеникот Хелкија нашол еден свиток на кој бил запишан законот на Јехова. Можеби тоа бил истиот свиток што го напишал Мојсеј. Сафан, кој му бил писар на цар Јосија, го донел свитокот кај него и почнал да му го чита. Додека слушал, Јосија сфатил дека луѓето веќе долго време не му се послушни на Јехова. Цар Јосија му рекол на Хелкија: „Јехова ни е многу лут. Те молам, зборувај со него во молитва. Тој ќе ни каже што да правиме“. Јехова им дал одговор преку пророчицата Олда: „Луѓето од Јуда ме заборавија. Ќе ги казнам, но не додека Јосија е цар, бидејќи тој покажа дека е понизен“.

Кога цар Јосија го слушнал тоа, отишол во храмот и ги повикал сите луѓе од Јуда. Потоа го прочитал законот на Јехова пред целиот народ. Јосија и луѓето ветиле дека од срце ќе му бидат послушни на Јехова.

Луѓето од Јуда со години не го славеле празникот Пасха. Но, кога во Законот прочитал дека Пасхата треба да се слави секоја година, Јосија му рекол на народот: „Ќе одржиме Пасха во чест на Јехова“. Тогаш Јосија се погрижил да се принесат многу жртви и во храмот да има хор од пејачи. Така луѓето ја одржале Пасхата, а потоа седум дена го славеле Празникот на бесквасните лебови. Таква Пасха немало уште од времето на Самоил. Јосија навистина многу го сакал Божјиот закон. Дали и тебе ти е убаво кога учиш за Јехова?

„Твојата реч е светилка на мојата нога и светлина за мојата патека“ (Псалм 119:105)